Нов руски воздушен напад врз Киев
11 јули 2023Русија изврши ноќен напад со беспилотни летала врз Киев, соопштија утрината украинските власти, непосредно пред почетокот на самитот на НАТО во Литванија, на кој тема ќе биде поддршката за евентуалното членство на Украина.
„Непријателот го нападна Киев од воздух по вторпат овој месец“, соопшти украинската војска, додавајќи дека нападот предизвикал мала материјална штета.
Според украинските власти нападот бил изведен со борбени беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство кои полетале од југ, веројатно од областа Краснодар во Русија.
Украинската армија соопшти дека дроновите се уништени, додека украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека остатоците од беспилотните летала се пронајдени во областа на Киев.
„Оштетени се прозорци и некои помошни објекти“, додаваат од министерството. Според наводите на украинската војска, во текот на ноќта биле соборени 26 руски борбени дронови.
Во текот на ноќта со борбени дронови бил нападнат и пристанишниот град Одеса, еден од клучните терминали за договорот меѓу Москва и Киев за извоз на украинското жито , кој е пред истекување.
„Силите за противвоздушна одбрана не дозволија да се реализира планот на непријателот за напад врз терминалот за жито на едно од пристаништата во Одеса“, изјави регионалниот гувернер Олег Кипер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во меѓувреме повторно ги повика западните земји од самитот на НАТО во Литванија да испратат „јасен сигнал“ за изгледите на неговата земја за членство во Алијансата. Се очекува Зеленски да учествува на самитот во Вилнус.
Турција во понеделникот се согласи за членството на Шведска во НАТО, и тоа ќе ѝ овозможи на Алијансата да покаже единство на почетокот на самитот во Вилнус, фокусиран на поддршката за Украина, речиси 18 месеци по почетокот на руската офанзива.