Кои се слабите точки на руската армија?
3 мај 2023Од декември руската армија се утврдува по целата линија на фронтот. Сателитските снимки покажуваат дека трупите кои влегоа во Украина во февруари 2022 година се вкопуваат во стратешки точки на окупираните територии и се подготвуваат за контраофанзива. Според британската тајна служба, во светот со децении немало толку големи објекти за утврдување.
И агенцијата Ројтерс, по анализата на илјадници нови сателитски снимки, известува дека во руските погранични региони, како и во јужна и источна Украина, се изградени илјадници нови бедеми – ровови и бариери за возила кои се протегаат на стотици километри.
Роб Ли, виш соработник на Институтот за надворешна политика во Филаделфија, вели дека Русија научила од минатогодишната успешна украинска контраофанзива. „По офанзивата во Харков, Русија сфати дека пораз е можен и дека една територија може повторно да се загуби. Мислам дека се сфати оти Украина може да спроведе офанзиви“, вели тој.
Какви бедеми градат Русите?
Пред сè се прават ровови, кои се толку длабоки, што човек може да застане во нив. Тие се зајакнати со вреќи со песок или камења. Тоа е за заштита на руската пешадија од куршуми, шрапнели и артилериски оган. Многу такви позиции сега постојат покрај важни патишта и во близина на стратешките градови. Ова го известува Брејди Африк од Американскиот институт Ентерпрајс во Вашингтон, кој ги погледнал сателитските снимки.
Според Ројтерс, сликите покажуваат и дека Русите сакаат да го попречат патот за тешката украинска опрема, притоа користејќи различни пречки како противтенковски ежови, ровови и бетонски блокови. Според набљудувачите, тие поставуваат и мински полиња.
Каде ќе нападнат Украинците?
Руската команда очигледно најмногу очекува украински напад онаму каде што се изградени најголемите утврдувања. Според тоа, руските позиции на фронтот се концентрирани во југоисточниот дел на регионот Запорожје, во источна Украина и во областа на теснецот што го поврзува анектираниот Крим со остатокот од Украина.Како што истакна пензионираниот генерал-мајор на австралиската армија Мик Рајан, руската војска се сомнева дека пред сѐ јужна Украина, особено областа Запорожје, ќе биде место на украинска контраофанзива.
„За шест месеци се изградени сериозни утврдувања“, вели Олех Жданов, украински воен експерт и резервен полковник. Но, тој нагласува дека тоа се само утврдувања на одредени места. Така, на пример, на патната мрежа источно од Мелитопол нема практично никакви бедеми за блокада.
Мерки против руските слаби точки
Никлас Мазур од Центарот за безбедносни студии при ЕТХ Цирих се сомнева дека Русите со утврдувањата не се обидуваат толку да ги задржат украинските сили долж целата линија на фронтот, туку со нив повеќе сакаат да им нанесат поголема штета на Украинците во нивната контраофанзива. „Утврдувањата создаваат одреден степен на предвидливост и ги структурираат идните операции. Ова ги ублажува слабостите на Русија, бидејќи украинската армија обично има подобри резултати во импровизирани и променливи воени ситуации“, објаснува Мазур. Според него, сепак, врзувањето на руските сили за утврдени области ги прави попредвидливи за Украинците, бидејќи тие би ги знаеле нивните позиции таму.
Роб Ли од Истражувачкиот институт за надворешна политика забележува дека концентрирањето на сопствените трупи на одредена територија може да им даде предност на Украинците и да им овозможи да навлезат длабоко во територијата што ја контролира Русија. Тоа, пак, може да уништи повеќе линии на утврдувања и да доведе до голем пробив.
Украинската противвоздушна одбрана и рускиот борбен морал
Но, сателитските снимки сè уште не ги покажуваат позициите на артилеријата, предупредува Олех Жданов. Русите ќе застанат на своите позиции дури непосредно пред почетокот на борбите. Според него, друг важен фактор е руското воено воздухопловство, кое поради украинската противвоздушна одбрана сепак ретко навлегува во воздушниот простор што го контролира Киев. „Важно е напаѓачките украински сили да имаат доволно тактички системи за противвоздушна одбрана кои директно ги штитат војниците. По нив ќе следи противвоздушна одбрана на оперативно-тактичко ниво, која ќе опфаќа цели области. Ова е многу сериозен фактор што треба да се земе предвид“, нагласува Жданов.
Сепак, резултатот од контраофанзивата не зависи само од руските утврдувања во окупираните области на Украина, за кои набљудувачите сметаат дека сигурно може да го попречат голем пробив на украинската армија. Олех Жданов нагласува: „Најважниот момент во одбраната е: сеедно како се вкопувате или зацврстувате, сè зависи од волјата на војникот за одбрана и од неговата емоционална и психолошка состојба“.
Жданов потсетува дека за време на окупацијата на Херсон, руската војска речиси половина година пред градот правела утврдувања во три реда. Сепак, градот беше ослободен од украинската армија.
Класични утврдувања и модерно војување
„Целта на Украина треба да биде да го парализира руското воено раководство и да предизвика паника кај руските војници“, изјави за Си-Ен-Ен Франц-Штефан Гади, експерт за модерно војување и аналитичар во Институтот за меѓународни стратешки студии во Лондон. Тактичкото изненадување, водството на бојното поле и моралот најверојатно ќе бидат клучни во првите 24 часа од офанзивата, вели тој.
Според Олех Жданов, во модерното војување офанзивите ги вршат мали групи способни за маневрирање. Ова стана јасно кога Украина го ослободи регионот Харков, кога многу подвижни групи ги пробија празнините меѓу утврдувањата и рововите и не се мешаа во борбите, се сеќава експертот. „Тие предизвикуваат хаос и паника меѓу непријателот, а потоа ударните одреди на главните сили ја завршуваат работата“, вели Жданов.
Каква улога игра западната воена помош?
За да се поминат руските утврдувања и да се ослободат окупираните територии, според Роб Ли од Институтот за надворешна политика, украинските тенкови и другите оклопни возила мора да дејствуваат синхронизирано со инженери, артилерија, па дури и авиони. Најновите испораки на западна воена опрема имаат за цел да помогнат во тој дел.
Според Никлас Мазур, важна ќе биде и западната поддршка за способноста на украинските вооружени сили да дејствуваат во комбинирани вооружени групи, со цел во борбата ефективно да се комбинираат различните единици на војската. Од клучно значење би биле и испорачаната опрема со муниција и континуираната разузнавачка поддршка.
Според пензионираниот австралиски генерал-мајор Мик Рајан, паметното планирање од страна на Украина може да биде уште поважно од западното оружје. „Кога станува збор за комплексни операции со комбинирани воружени групи, најважната помош што ја добија не е толку многу оружјето, туку обуката за припадниците на баталјоните, бригадите и командантите“, објаснува тој. Според него, се работи за исклучително тешка операција на терен.
„Никогаш не сме виделе напади на украинската армија на толку утврдени руски позиции. Претходните контраофанзиви беа насочени против ослабени, распрскани руски трупи. Сегашната ситуација е сосема поинаква“, признава Никлас Мазур од Центарот за безбедносни студии при ЕТХ во Цирих.