1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу повеќе се потроши за други војни отколку за Украина

27 февруари 2023

САД и Германија, потрошиле за војната во Заливот, како и за војната и акцијата во Авганистан, многукратно поголеми суми од оние што досега ги испратиле во Украина, се вели во анализата на еден германски институт.

https://p.dw.com/p/4NqpU
војна Украина
Многу повеќе се потроши за други војни отколку за УкраинаФотографија: AP/dpa/picture alliance

Во наредните денови се очекуваат дополнителни испораки на оружје за Украина во вредност од 500 милиони американски долари. Ова го соопшти американскиот претседател Џозеф Бајден во понеделник, 20 февруари, за време на неговата посета на Киев. Поточно, станува збор за артилериска муниција, но и дополнителни испораки на хаубици и рачни ракетни фрлачи од типот Џавелин. Таа најава за помош, непосредно пред годишнината од руската инвазија на земјата, се вклопува во експертизата објавена од германскиот Институт за светска економија (IfW), со седиште во Кил.

„Американците го диктираат темпото кога станува збор за поддршка на Украина“, вели економистот Кристоф Требеш, кој ја предводи програмата „Мониторинг на поддршката за Украина“ во институтот. Истовремено, тој оценува дека „неподготвеноста на Европејците да дадат финансиска помош во првата година од војната е исклучителна појава, пред се поради тоа што финансиските средства можеле брзо да се мобилизираат“. Требеш првенствено мисли на финансиските уплати на земјите од ЕУ наменети за украинскиот буџет, со оглед на тоа што економското производство на таа земја падна за околу 40 отсто поради руската агресивна војна.

Кој дава највеќе?

Користејќи јавно достапни извори, економистите од Институтот во Кил ја пресметаа сумата на директна финансиска и хуманитарна помош, како и цената на оружјето испорачано во Украина. Испораките од воените залихи, на пример германскиот Бундесвер, се потпираат на пазарните цени и се целосно наведени во анализата.

Според Институтот, до декември минатата година, по одобрувањето на пакетот во износ од 37 милијарди евра, САД повторно ги престигнале ЕУ и нејзините членки. Веќе испорачаната, како и најавената американска помош, со тоа изнесува 73,1 милијарди евра. Од друга страна, помошта од ЕУ изнесува 54,9 милијарди евра. Досега на Украина и е испорачана или ветена помош во износ од над 128 милијарди евра. САД даваат двојно повеќе од ЕУ како целина, а по Американците поединечно следат Велика Британија и Германија.

Џо Бајден Украина
Американскиот претседател Бајден за време на посетата на Киев најави дека ќе одобри дополнителни испораки на оружје во вредност од 500 милиони долариФотографија: Dimitar Dillkoff/AFP

Во својата анализа, експертскиот тим на германскиот институт ја спореди помошта за Украина со другите трошоци со кои се соочуваат земјите кои ја поддржуваат „Украинската контакт група“, на чело со САД. „Сè на сè, финансиската помош за Украина е само дел од она што тие влади го трошат за ублажување на кризата во нивните земји“, се наведува во анализата. „Само Германија на тој начин најави повеќе од 250 милијарди евра субвенции за умерено зголемување на цените на енергијата за потрошувачите и компаниите“.

Билатералната помош на Германија за Украина сега изнесува 6,15 милијарди евра. Од друга страна, владата во Берлин потроши 5,65 милијарди евра за своите граѓани само за т.н. „попуст за полнење гориво“ и „месечен железнички билет од 9 евра“. Со тие две мерки, кабинетот на Олаф Шолц минатото лето го ублажи ценовниот шок за потрошувачите предизвикан од ценовната експлозија што се случи по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.

Истражувачите, сепак, во својата анализа не ги земаа предвид испораките на западните главни борбени тенкови за Украина, како што е Леопард 2, кои беа најавени за март. Причината е што не е јасно дали оние земји кои го имаат тој германски тенк во својот арсенал се согласиле на испорака. Но, прегледот на трошоците вклучува 100 милиони долари за обука на украински пилоти на западни борбени авиони, што Претставничкиот дом на САД го одобри минатото лето.

Германија даде три пати повеќе за ослободување на Кувајт

Германските истражувачи ги споредија трошоците за помошта за Украина во првата година од војната со трошоците на Западот во други, претходни војни. Во однос на бруто домашниот производ (БДП), Германија „потроши три пати повеќе пари за одбрана на Кувајт“ за време на Заливската војна во 1990/91 година, кога Ирак го нападна соседен Кувајт. Тие пари потоа биле префрлени во САД, без Германија директно да учествува во операцијата „Пустинска бура“. Американската влада потроши речиси еден процент од својот БДП за таа воена интервенција, додека помошта за Украина досега изнесува помалку од 0,4 проценти.

Годишните воени трошоци на САД во Авганистан од 2001 до 2010 година исто така беа три пати повисоки од трошоците на Вашингтон за одбраната на Украина во првата година од почетокот на рускиот напад. Меѓутоа, за разлика од Украина, САД со години имаат свои копнени единици во Авганистан, односно на Блискиот Исток.

Анализата на експертите од Кил, исто така, покажа дека испораките и помошта за Украина првпат паднале во јуни минатата година - од повеќе од 20 милијарди евра во мај на пет милијарди евра во јуни.

Високо ниво на помош повторно беше постигнато дури во ноември, по успешната офанзива на украинската армија и ослободувањето на териториите на истокот и југот на земјата. Тогаш прво беше одобрена финансиската помош на ЕУ за Украина за 2023 година, а потоа и обемниот воен пакет на САД, со кој Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во декември минатата година одобри 37 милијарди евра воена помош. Тоа е веројатно пакетот од кој американскиот претседател Бајден сега одобри 500 милиони евра за испорака на оружје во Киев, велејќи за време на неговата посета на главниот град на Украина, дека американската поддршка за Украина е „непоколеблива“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема