1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пленковиќ во Скопје: Со македонски модел до уставни измени

ДТЗ
5 април 2023

На земјата и треба сопствен модел и широк консензус со цел да го продолжи патот кон ЕУ. Хрватска нуди ветер во грб и експертска помош за да се забрза евроинтеграцијата, порача Пленковиќ по средбата со Ковачевски.

https://p.dw.com/p/4PiQl
Андреј Пленковиќ во Скопје
Хрватска нуди ветер во грб и експертска помош за да се забрза евроинтеграцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија треба да избере свој модел на уставни измени, со цел  да се забрза патот кон ЕУ.Ова е пораката којашто ја испратија македонскиот и хрватскиот премиер, Димитар Ковачевски и Андреј Пленковиќ на заедничка прес-конференција во Скопје. „Хрватска од срце и без какви било услови и помага на Македонија на патот кон ЕУ. Се надеваме дека земјата ќе стане членка на Унијата во наредните неколку години“, рече Пленковиќ. Земјата ветува ветер во грб, а нуди и експертска помош со цел да се засили динамиката на процесот и да се искористи овој важен момент за приближување до Унијата. 

Хрватски модел - дали или не? 

Посетата на хрватската делегација на Северна Македонија се случува во период на жестока дебата во општеството околу моделот кој треба да се земе како пример за спроведувањето на уставните измени и внесувањето на Бугарите, но и Хрватите и други народи во Преамбулата. 

Пленковиќ вели дека за тоа прашање треба да одлучат партиите и институциите на Северна Македонија, бидејќи тоа е единствен начин да се донесат стратешки одлуки за иднината на земјата.

„Без ралика што се споменува хрватскиот модел, апелирам да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за вашата земја. Во однос на идејата да се вклучи хрватското малцинство во Уставот, тоа ние го поддржуваме. Поддршката за нашите малцинства, негувањето на идентитетот, можат да придонесат за соработката меѓу двете држави“, вели хрватскиот премиер. 

Потребен е консензус 

Според Пленковиќ, треба да се постигне консензус, зад кој ќе застане народот и нивните политички претставници. „По мое мислење, а го следам процесот веќе 30 години, треба да биде нешто што ќе ги надмине неправдите и фрустрациите. Одлуките кои ги донесовте не беа лесни, но секогаш излегува дека постојано има некој нов предуслов“, вели тој. Пленковиќ е убеден дека земјата во овој момент може да го забрза процесот и ветува поддршка на тој пат. 

„Со влезот во ЕУ ќе го заштитите својот идентитет и затоа политички е мудро да се изнајде пат со кој сите ќе се сложите. А, Хрватска на тој пат ќе се поддржи“, дециден е гостинот од Хрватска.  

Андреј Пленковиќ во Скопје
Со највисоки државни и воени почести премиерот Димитар Ковачевски го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Македонски модел“ 

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање околу предлогот на опозицијата за хрватскиот модел на уставни измени, рече дека дел од партиите деновиве излегле со свои предлози, но дека земјата има и свој „македонски модел“.

„Јас сум да се донесат уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите по ноември и до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ со заштитен јазик и идентитет. Сметам дека треба да продолжиме со македонски консензус и со македонска визија за европска Македонија. Македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, но дома, а не во туѓина во држави што се членки на Унијата“, вели Ковачевски. 

Тој го одби предлогот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за одржување на лидерска средба за уставните измени, со оглед на тоа дека таква средба веќе имаше во декември.

„На таа средба сите лидери на политички партички партии се сложија за потребата од носење на уставни измени, освен еден што молчеше и двајца што не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба, бидејќи ставовите се познати. Дебатата за уставните измени е структурирана и не се води на телевизија, туку во експертска работна група и каде врз основа на уставно право и она што е пропишано се дефинираат амандмани кои се ставаат на јавна расправа“, дециден е Ковачевски.

Но, на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски му е преку глава од работни групи на кои неколкумина политичари одлучуваат за иднината на народот. Како што порача во вторникот (4.04) токму затоа ВМРО-ДПМНЕ одлучила јавно да го даде предлогот во однос на уставните измени.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема