1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка криза во германската автоиндустрија

Тагесшау | БЈ
19 декември 2024

Кратења на работни места, пад на профитот, штрајкови - германската економија е во тешка ситуација. Тоа особено важи за автомобилска индустријата. Еве каква е состојбата кај најголемите фирми

https://p.dw.com/p/4oMq4
автомобили
Фотографија: Getty Images/D. Hecker

Фолксваген: Кризно расположение и покрај високи добивки

Кризно расположение кај најголемиот германски производител на автомобили. Се дебатира за затворање на погони, како и за технолошки вишок. По консултации на менаџментот, производителот на автомобили неодамна не ја продолжи ни клаузулата за обезбедување на работа, што е во сила до 2029 година, и која досега постојано се ажурираше почнувајќи од 1994 година. Притоа концернот стои добро во однос на продажбата и профитот во изминативе години.

„Шефот на Фолксваген, Блуме, прогласи криза во автомобилската индустрија во септември, иако за Фолксваген последните три години, а веројатно и 2024 година, беа години со највисоки профити на сите времиња“, вели за Тагесшау Франк Швопе, предавач по автомобилска економија на Универзитетот за применети науки во Хановер.

Според годишниот извештај, во 2023 година концернот забележал нов рекорден промет од околу 332,3 милијарди евра, што е зголемување од околу 15 проценти. И во периодот од јануари до септември 2024 година, приходите од продажба повторно се зголемени во однос на претходната година и тоа на 237,3 милијарди евра. Па така и уделите на акционерите беа многу повисоки. „Фолксваген годинава исплати дивиденда од 4,5 милијарди евра, а во 2023 година дивиденда од 4,4 милијарди евра и специјална дивиденда од 9,6 милијарди евра“, вело Швопе.

Германија Фолксваген
Фолксваген во моментов нема конкурентен електричен автомобил кој може да држи чекор со кинеските маркиФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Но, зошто тогаш во Волфсбург владее кризно расположение? „Профитот во последните три години е искривен од ефектите на короната. Менаџментот се надева дека ќе може едноставно да ги продолжи високите профити во иднина, но тоа е илузорно“, вели Франк Швопе. Тоа веќе се гледа во прелиминарниот биланс за 2024 година, кој покажува дека продажбата на автомобили паднала за повеќе од четири проценти во првите девет месеци во споредба со истиот период минатата година. Во Кина падот е особено видлив со повеќе од десет проценти. Ова е посебно проблематично за концернот, бидејќи кинескиот пазар е најважниот продажен за Фолксваген по Европа. Но, таму поевтини и поиновативни домашни производители на електрични автомобили очигледно му го земаат приматот на концерност со седиште во Волфсбург. Фолксваген во моментов нема конкурентен електричен автомобил кој може да држи чекор со кинеските марки.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Покрај тоа, намалена е и продажбата во сестринската фирма Ауди, во која покрај овој бренд се вклучени и Бентли, Ламборгини и Дукати. Во првите девет месеци од 2024 година, испораките се намалија за 10,9 проценти. Марката Ауди загуби на сите важни пазари - во Европа, САД и Кина и така станува предмет на загриженост за целиот концерн. И тука се дебатира за затворање на производствени капацитети. На пример, ќе биде прекинато производството на електрични автомобили во фабриката на Ауди во Брисел - три илјади  вработени се погодени од одлуката.

БМВ: Нема отпуштања, а во Кина не им оди

„Од трите големи германски автомобилски компании, БМВ заради флексибилниоста и технолошката ориентрација е во најдобра положба“, оценува експертот Швопе. Сликата за компанијата ја надополнува и ставот на шефот на БМВ, Оливер Ципзе кој неодамна се изјасни против одложувањето на целите за ЦO2 за 2025 година. БМВ е посветена на отвореност кон технологијата, но Ципзе за индустрискиот весник „Аутомобилвохе“ нагласи дека е-мобилноста „ќе остане наш најсилен двигател за раст во следните неколку години“. Компанијата забележа успеси на ова поле, па така во првите неколку месеци од годинава продажбата на е-автомобили е зголемена за повеќе од шест проценти, иако и за фирмата од Минхен воздржаните купувачи во Кина неодамна претставуваа проблем. Во истиот период, продажбата во Кина е намалена за повеќе од 13 проценти во споредба со претходната година, а прометот е намален за околу шест отсто на околу 106 милијарди евра.

Германија БМВ
БМВ се воздржува од преземање радикални мерки како оние за кои се дебатира во ФолксвагенФотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Ситуацијата е уште посериозна ако се погледне последниот квартал во кој испораките во Кина се намалени за околу 30 отсто во споредба со истиот период лани, а продажбата паднала за речиси 16 отсто - на 32,4 милијарди евра. Покрај воздржаноста за купување во Кина, БМВ неодамна имаше проблеми и со системот за сопирање од Континентал и како последица на тоа мораше ширум светот да повлече 1,5 милиони возила или пак престана да ги испорачува. БМВ сепак се воздржува од преземање слични радикални мерки како оние за кои се дебатира во Фолксваген. Во фирмата нема планови за затворање на погони, ниту пак се става под прашање гарантирањето на работните места.

Мерцедес Бенц - штедење

Пад на продажба и ниски продажни бројки се реалност и за премиум производителот Мерцедес Бенц. Во однос на претходната година, продажбата е намалена за пет отсто од почетокот на годината до септември. Особено во третиот квартал од годинава оптоварувањето е големо бидејќи нето добивката е намалена за речиси 54 отсто на 1,72 милијарди евра во споредба со истиот квартал лани, наведуваат од компанијата.

Германија Мерцедес
До десет проценти од работните места во Мерцедес се загрозениФотографија: Alessio De Marco/LPS via ZUMA Press Wire/picture alliance

Продажбата е намалена за 6,7 отсто на 34,5 милијарди евра. Една од причините се лошите продажни резултати на е-автомобилите. Од јануари до септември 2024 година продажбата е намалена за околу осум отсто во споредба со истиот период минатата година. Проблеми има и на кинескиот пазар, каде компоанијата забележа пад на продажбата од околу десет проценти. „Недостиг на структурни прилагодувања, нарушување на електромобилноста и потешкотиите на кинескиот пазар, како и новите кинески производители на глобалниот пазар доведуваат до тоа многу директори во автомобилската индустрија да се плашат од голема криза“, вели Франк Швопе за Тагесшау.

60 години Мерцедес 600 – спој на раскош и иновација

Компанијата како последица минатиот месец најави мерки за намалување на трошоците. Како што пренесува „Менаџер магазин“, извршниот директор Ола Келениус и финансискиот директор Харалд Вилхелм сакаат да заштедат околу пет милијарди евра до 2027 година. Според упатени, до десет проценти од работните места се под прашање, во сите области - од развој до администрација. Тоа би биле повеќе од 20 илјади работни места.