1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните се исклучија, па пак се приклучуваат на парно

ДТЗ
7 јули 2023

Околу 1.640 потрошувачи со вкупна инсталирана топлинска моќност од 10 МW изминатиот период се приклучиле на системот за централно греење од кои 150 се претходно исклучени потрошувачи.

https://p.dw.com/p/4Ta5E
парно
Околу 1.640 потрошувачи изминатиот период се приклучиле на системот за централно греењеФотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Кризата ги пишмани граѓаните - се исклучија, па сега повторно бараат да се приклучат на централниот систем за греење. Во изминатиот период откако ЕСМ Снабдување ја доби лиценцата за снабдување со топлинска енергија во градот Скопје, околу 1.640 потрошувачи со вкупна инсталирана топлинска моќност од 10 МW се приклучиле на системот за централно греење од кои 150 се претходно исклучени потрошувачи.

„Трендот на пораст на бројот на потрошувачи кои се приклучуваат покажува дека кај жителите на градот Скопје расте свесноста за бројните придобивки и комфорот што го нуди централниот системот за греење“, посочуваат од ЕСМ Снабдување со топлина.

Бесплатно приклучување

Дополнителен фактор за растечкиот тренд на нови потрошувачи е и акцијата за бесплатно приклучување на исклучените потрошувачи на системот за централно греење која е во тек. Таа важи за сите потрошувачи каде има техничка можност за приклучување. До 31 август 2023 година, компанијата нуди можност за бесплатно приклучување на исклучените потрошувачи. Од 1 септември 2023 година, приклучувањето ќе се наплаќа. Во Скопје има над 66.000 домаќинства и компании кои се приклучени на мрежата на парно. 

Што е поисплатливо?

Порастот на бројот на потрошувачи кои се приклучуваат на парното, според новоформираните компании на АД ЕСМ се должи на предностите што ги нуди централниот систем за греење. Освен поголемиот комфор, често како голема предност на централниот систем за парно греење се споменува неговата економичност, како и фактот дека тој значително придонесува за намалување на аерозагадувањето во главниот град. 

Но, една од главните причини зошто граѓаните се враќаат на парното, сепак е неизвесноста како ќе ги затоплат домовите во пресрет на зимата. Оние што се префрлија на струја стравуваат од најавите дека од јануари повторно би можеле да скокнат цените на електричната енергија. По минатогодишниот недостиг на дрва и пелети, којшто предизвика огромен пораст на цените, годинава тие полека се нормализираат. Дел до граѓаните веќе поитаа да се снабдат со дрва по разумни цени, а двојно е падната и цената на пелетите во споредба со минатата зима.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во јуни донесе одлука со која на ЕСМ му издаде лиценца за производство на топлина за парно греење во Скопје. РКЕ лани издаде три лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на три компании на ЕСМ. Со тоа практично ЕСМ стана одговорно за потрошувачите коишто претходно добиваа парно во Скопје од страна на Балкан енерџи груп (БЕГ), компанија на која што на крајот на јуни минатата година ѝ беа одземени лиценците за работа.