1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров во Скопје со времена дозвола

28 ноември 2023

Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација кои исто така се санкционирани лица, што е изрично наведено во нотата-одговор на бугарската страна, соопшти бугарското МНР.

https://p.dw.com/p/4ZVo7
Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј ЛавровФотографија: Vyacheslav Prokofyev/TASS/IMAGO

Од 9 до 12 часот денеска (28.11.) ќе се реализира генералната проба за одвивањето на посебниот сообраќаен режим што ќе се воведе утре и задутре заради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Последната дилема - дали на состанокот ќе учествува шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров,  е резрешена вчера, откако официјална Софија даде дозвола за прелет на Специјалната водухопловна единица „Русија“ преку нејзиниот воздушен простор.

„Врз основа на добиено барање од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30-тиот состанок на  Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември - 1 декември 2023 година, за обезбедување дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, МНР на Република Бугарија даде дозвола за реализирање на лет на Специјалната водухопловна единица ‘Русија’ преку воздушниот простор на Република Бугарија за спроведување на лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум“, соопшти бугарското МНР.

Во одговорот се наведува дека дипломатското овластување за прелет е од привремен карактер и е валидно 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум и време на прелетување. Детали за датумите од временската рамка не се објавени.

„Дадената дозвола е дадена за учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје на министерот за надворешни работи на Руската Федерација  Сергеј Лавров  и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него. Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои исто така се санкционирани лица, според важечкото право на ЕУ, што е изрично наведено во нотата-одговор на бугарската страна“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Нема средба Блинкен - Лавров

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан вчера потврди дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на  состанокот на ОБСЕ во Скопје.  Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште минатата недела најави дека Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, која на 29-ти ноември ќе биде приредена во скопски хотел. Но, со оглед на тогашните неизвесности, не можеше да каже дали на истата ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер, односно дали ќе им се поклопат термините на престој, што зависи од нивните агенди.

Лавров, кој пред неколку дена во контекст на можно доаѓање во Скопје изјави дека „имале неколку барања за состаноци, вклучително и од западни претставници“, без да прецизира од кои, најверојатно нема да се сретне со Блинкен во Скопје. Ова, според регионални медиуми кои се повикуваат на руската новинска агенција Тас, го изјавил рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, кој нагласил дека Вашингтон не побарал состанок, „нема да го побара и нема да има состанок“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доаѓа во Скопје и најверојатно нема да има средба со Сергеј ЛавровФотографија: Jonathan Ernst/Reuters/AP/picture alliance

Поради противење на Русија и Белорусија, неуспешни беа неколкуте обиди да се постигне консензус кандидатот Естонија да претседава со ОБСЕ во 2024 година, а во последен миг е постигната согласност Малта да биде следен претседавач со Организацијата. Во декември истекнува мандатот и на четворицата извршни лидери во Организацијата, а едно од најважните прашања што треба да се реши е буџетот кој не е одобрен од 2021 година, како и повеќе актуелни теренски операции на организацијата.

Големи мерки за безбедност

Во моментов, за РСМ како земја претседавач со ОБСЕ и домаќин на Министерскиот совет, во фокусот е гарантирање на безбедноста на делегациите и успешна реализација на состанокот. Предизвикот е огромен, со оглед дека ќе присуствуваат над 70 делегации – 57 земји учеснички во ОБСЕ и земји од Медитеранската и Азиската група кои се партнери за соработка. За делегациите на земјите-учеснички во ОБСЕ, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е предвиден трет степен на безбедност. Притоа ќе бидат затворени за сообраќај дел од главните градски артерии, особено оние кои водат кон спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што ќе се одржи Министерскиот совет.

„Секако дека ќе има отежнато движење, посебно во Центар и во Карпош, таму каде што ќе се одржува целиот настан (...) Апелираме до граѓаните пред се на трпение и да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат службените лица, заради тоа што е добро за сите нас и е добро за безбедно одвивање на целиот овој настан. Нема да има целосно затворање, туку во одредени интервали, а граѓаните и покрај отежнатото движење ќе можат да си ги завршуваат своите обврски“, рече Спасовски.

Со цел да се гарантира безбедноста на учесниците, покрај посебните обуки што ги имале припадниците на МВР за потребите на овој настан, во реализацијата на планот ќе бидат вклучени и вработени во армијата, како помош во сегментот за транспортирање на делегациите. За организација на настанот е формиран посебен тим во кој се вклучени повеќе владини институции, а според Спасовски подготовката за самитот траела цела година.

„Тоа е една опсежна акција која треба да ја спроведеме од безбедносен аспект и целосно сме подготвени сите служби - и Секторот за внатрешни работи - Скопје, и Одделот за заштита на определени личности и објекти, Единицата за службени кучиња, воздухопловната единица. Значи сите учествуваме во рамки на својот дел, секако и другите институции. Јас очекувам дека се ќе помине во најдобар можен ред“, рече министерот за внатрешни работи.