1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лешинарење“ и „контрамитинг“: дали Вучиќ малку се исплаши?

Немања Рујевиќ
11 мај 2023

Пред опозицијата е прашање што по блокадата на „Газела” во петок. Власта обвинува за „паразитско” користење на трагедијата, а според аналитичари, Вучиќ во паника избира погрешна тактика, можеби прв пат откако е на власт.

https://p.dw.com/p/4RD7a
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Никој нема ни илузии дека власта би можела да ги исполни барањата поставени на масовниот протест во понеделникот, 8.мај, откако минатата недела два крвави походи ја оставија Србија во шок. 

Освен оставката на министерот за образование Бранко Ружиќ, која и онака се случи, се бараа и промени на врвот на Министерството за внатрешни работи и на српската тајна служба, во телото за надзор на електронските медиуми, забрана на реални шоуа и одземање на лиценцата на телевизиите Пинк и Хепи. 

Додуша, некои како мерки на претпазливост на властите го толкуваат прекинот на емитувањето на емисијата „Задруга” на Пинк, реална сапуница која е означена како оаза на насилство и простотилук. Но, едно е пауза во емитувањето, а друго е забрана. 

Затоа, како што за ДВ потврдуваат извори во опозицијата, во петок, 12.мај колоната демонстранти би требало да прошета од Парламентот до мостот „Газела” кој што ќе го блокираат на одредено време. 

После тоа пред шарената група опозициски партии - од зелени до десничарски - ќе се постави прашањето како понатаму? 

Како што може да се чуе од тие кругови, некои се залагаат за сѐопфатна блокада на белградските улици, други за достоинствен протест кој би ја присилил власта на погрешни потези. Изгледа дека одговорот ќе го даде масовноста на идната демонстрација кога ќе се покаже дали луѓето минатиот пат дошле од тага, гнев и солидарност, или се покрај тоа подготвени и да ја следат опозициската тактика за протести.

Неопходни протести, упростени барања?

Протестите се потребни, смета политичкиот филозоф Филип Балуновиќ бидејќи две масовни убиства „не се инцидент”.

„Тие се нуспојава на нашите општествени и политички проблеми и треба да се подигнат на највисоко општествено и политичко ниво”, вели Балуновиќ за ДВ. „Со децении наназад има насилство во јавната сфера, врсничко насилство и убиства. Никогаш не се случило дете да убива други деца. Но, дури и да не го поврзуваме тој случај со нашите општествени патологии, тој е доволно силен за ширум да ја отвори вратата на сите наши проблеми. Имаме причина за да трагаме по мозаикот на причини”, додава тој. 

Протес против насилство во Белград Србија
Протестот против насилство во Белград беше масовен, какви ќе бидат идните? Фотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Како што смета Балуновиќ, опозицијата добро одигра што протестите ги означи како „протести против насилство”. Самите барања, вели, се обид да се најдат „инстант одговори на комплексни и чувствителни прашања”. „Разбирам дека мора да излезат со некакви барања, па ставија на листата она што можеше да биде на неа и пред трагедијата”, вели Балуновиќ. 

Поблагите меѓу аналитичарите кои се наклонети кон власта, се со слични замерки. Социологот Владимир Вулетиќ има, како што вели, разбирање што опозициските политичари ја користат приликата, но нема за тоа што комплексни појави се сведуваат на прости барања.

„Ова изгледа како во ‘Ужалената фамилија’ на Нушиќ - луѓето демек се собрале да жалат за покојникот, но всушност гледаат да извлечат некаков ќар и корист. Но, сепак тоа е на некој начин и работа на политичарите”, рече Вулетиќ за телевизијата Б92, на што водителот додаде „па макар и политички да лешинарат”.

Власта пука со сиот арсенал

Изгледа дека „политичко лешинарење” е пропишана или барем омилена синтагма на медиумите блиски до власта. Истата етикета на насловната страница ја објави и булеварскиот весник „Информер”, додека „Ало” напиша: „Малку им е крв, па бараат уште”.

Со истиот призвук се и изјавите на политичарите од власта кои прв ги интонира претседателот Александар Вучиќ. Тој за една недела имаше дури шест „обраќања” до граѓаните, најавувајќи за 26 мај собир на неговите поддржувачи во Белград „поголем од било кога”. 

„Што ќе правите, ќе ни забраните никогаш да немаме собир“, праша Вучиќ тврдејќи дека не се работи за „контрамитинг” и дека опозицијата би го укинала правото на различно мислење.„Единственото право кое сакаат да постои е правото да ни ги скинат главите, да нѐ бркаат додека пливаме по Сава и Дунав, додека ни ги силуваат мајките и ништо од тоа не кријат”, рече тој. 

Како што оценуваат некои политички коментатори, Вучиќ двата трагични масакри ги претворил во приказна за себе, а како најголем проблем на земјата повторно ја посочи опозицијата. 

„Искрено, изненаден бев од потезите на Вучиќ, но не во морална смисла, туку во политичка”, вели Балуновиќ. „Почна политички да греши во однос на своите гласачи”, вели тој и додава дека „и гласачите на Вучиќ се во состојба на шок и имаат потреба да дишат. Тој уште пред да си дојдат луѓето на себе почна да мава политички. Тоа е лудост, а уверен сум дека одреден број од неговите гласачи и соработници мислат дека тоа е непримерно. Би рекол дека малку му се вовлекол стравот. Ова е веројатно најголемиот предизвик откако е дојден на власт”, смета Балуновиќ. 

Филип Балуновиќ Србија
Балуновиќ: Протестите се потребни, зашто два масакри не се инцидентФотографија: N. Rujević/DW

А, што на изборите?

Иако власта ја споменува и можноста за оставка на целата влада и нови избори, познавачите на приликите не веруваат дека на „Напредните" им одговара да се гласа, сѐ додека се луѓето под впечатоци од трагедијата. 

Следната пролет и онака се на ред локални избори, па е можно со нив заедно да се одржат и парламентарни, а можеби и претседателски. 

Но, прашање е колку расцепканата опозиција може да победи, посебно зашто сѐ поотворено се зборува за враќање на цензусот од пет проценти. Пред сѐ, прашање е дали Српската напредна партија воопшто може да изгуби на избори кои самата ги организира. 

Филип Балуновиќ вели дека кризите може да донесат раст на опозициските чинители, но дека тие, поединечно слаби, би можеле евентуално да победат во една шарена голема коалиција. 

Но, како што додава тој, сѐ укажува на тоа дека власта еден ден не може мирно да си замине затоа што сите такви опции одамна ги затворила. „Не се работи за склопот на личноста на Вучиќ, туку мрежата на интереси која ја воспостави е толку разгранета и длабока што значи големи турбуленции за многумина кои профитираат од оваа власт”, вели Балуновиќ. Тој додава „не велам дека овде ќе има револуција, но секогаш кај можните промени има силни контрареволуционерни импулси. Многумина ќе се борат со раце и нозе за да се одржат”. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи