Бројни Руси пред избор: Во војна- или во затвор
20 јули 2023Качулка му го крие лицето, незабележителна облека. Тој се плаши да не биде откриен. Ова чувство го следи овој Русин веќе неколку месеци, откако живее во главниот град на Грузија, Тбилиси. Никита не е неговото вистинско име, но не сака да ни го каже. Овој млад Русин до минатиот февруари студирал во Москва. Тој вели дека неговото образование го плаќало Министерството за одбрана, му обезбедиле место во студентскиот дом. Се обврзал дека по завршувањето на студиите ќе биде во војска три години. „Тогаш го потпишав договорот од глупост. Многу работи не ми беа јасни. Си помислив - добро, ќе загубам три години во војска, но затоа ќе си ги обезбедам студиите.“
Кога добил повик за војска, Никита дал отказ од воената служба, но тој не бил прифатен. Војската му понудила компромис. „Ме преместија на позиција во раководството, административно да им помагам на командантите. Но, во септември бев префрлен во нова служба каде што работев со воена техника и каде во случај на непријателски напад морам да се борам“.
Никита сфатил дека во секој момент може да биде префрлен на фронтот во Украина. Тој одлучил да ја напушти Русија. Побегнал во Грузија „Не сакав да одам во војна. Бегството ми беше единствената шанса“. Нему му било јасно што ризикува. „Ќе се кријам од Русија до крајот на мојот живот, никогаш не можам да се вратам. Не се плашам да умрам или да бидам затворен. Но, не сакам да убивам луѓе.“
Илјадници обвинети за дезертирство пред судовите
Никита не е единствениот кој постапил вака. Организациите за човекови права укажуваат на илјадници обвиненија за наводно дезертирање. Впрочем, бројот на дезертери е уште поголем, смета Григориј Свердлин од невладината организација „Идите Лесом“. Во слободен превод, името на организацијата би гласело „Фаќајте магла“. Оваа организација им помага на бегалците од воената служба да ја напуштат земјата. Свердлин вели дека некои се плашат од мобилизација, додека други веќе биле на фронтот и не сакаат повеќе да се борат. „Добиваме многу извештаи за хаосот кој владее на фронтот. Понекогаш никој не знае каде се командантите. Некои велат дека едноставно ги оставиле среде поле, целосно препуштени самите на себе, без команда. Велат дека никој не ги обучува почетниците, обуката се состои само од пукање со автоматска пушка еднаш.“
Минатата есен, кога започна мобилизацијата, многу регрути објавија видеа на социјалните мрежи за лошите услови во камповите за обука и на фронтот. Четириесет и шестгодишниот градежен работник Игор Санџиев зборува за тоа со своето вистинско име и презиме. Овој Русин денес живее во западен Казахстан.
„Лотарија наречена војна“
Војската го повикала минатата есен наводно да ги ажурира неговите лични податоци. Штом влегол во нивната канцеларија, тие му дале решение истата вечер да оди на полигонот за обука, а по неколку недели - во војна. Игор се чувствувал како да паднал во стапица. Решил да побегне. „За мене влогот беше сѐ или ништо. Или ќе одам повеќе години во затвор како дезертер или ќе умрам некаде во Украина. Претпочитам да одам во затвор. Нема да ризикувам, нема да ја играм таа лотарија наречена војна, која ја организира претседателот Путин“. Тој додава дека тоа е смртоносна игра. Според извештаите на медиумите, десетици илјади Руси веќе загинале во војната. Ова се непотврдени податоци.
Многумина кои добиле повик за мобилизација биле татковци. Многумина се пријавиле доброволно затоа што сметале на добра заработка. Игор е, исто така, од југот на Русија, од Република Калмикија. „Тука се ограничени можностите за заработка. Не исплаќаат плати. За многумина војната е единствената можност за подобрување на нивниот буџет. На едниот ќерката наскоро ќе почне да студира, другиот ја ставил куќата под хипотека, третиот сака да купи автомобил.“
За Игор, Казахстан е веќе второ прибежиште. Најпрвин побегнал во Белорусија, но тамошната полиција го вратила на рускиот полигон за обука во близина на Волгоград. Побегнал уште еднаш, овој пат во Казахстан, во градот Уралск. Тој поднел барање за политички азил, но истиот бил одбиен. Судот навел дека неговиот случај не ги исполнува условите за доделување статус на бегалец. Покрај тоа, тој е осуден на условна затворска казна од шест месеци за нелегално преминување на границата. Игор се жалел, но жалбата била одбиена. Сега му се заканува депортација во Русија.
„Ме чекаат војна или затвор“
Заменик директорот на Меѓународната канцеларија за човекови права во Казахстан, Денис Живаго, вели дека случајот на Игор не е исклучок. Повеќе од дваесет Руси чекаат одлука за нивното барање за азил. „Тие луѓе ја преминале илегално границата, целосно легално престојуваат во Казахстан, некои ги бараат (во Русија, забелешка на уредникот), на други им е забрането да одат во странство. Се обидуваат да најдат друг начин да стигнат до некоја трета земја.“
Игор Санџиев нема илузии за својата иднина. „Ме чека или затвор или војна во Украина. Државните медиуми се тие што им објаснуваат на Русите дека нема доволно луѓе на фронтот и дека воено способните мажите ќе мора да се борат.“
И Никита има неизвесна иднина во Грузија. Тој се чувствува несигурен во земјата. Тој вели дека луѓето не се лоши и оти Грузијците не се однесуваат кон него лошо како Русин. „Но, сè уште тука се плашам од руската држава. Понекогаш сè уште имам кошмари во кои мојот стар шеф ѕвони на вратата и ми вели да дојдам со него, дека ме нашле“.
И двајцата Руси, Игор и Никита, во секој случај сакаат да останат во странство колку што можат подолго.