Македонец во Израел: Останувам да им помогнам на загрозените
9 октомври 2023Улиците и плажите во Тел Авив се пусти, неколку дена откако сирените рано наутро го најавија големиот конфликт меѓу Израел и милитантната палестинска група Хамас. Најпознатите сврталишта за туристите, каде што на плажите во должина од осум километри вообичаено имало и по 40 илјади туристи, одеднаш се сосема пусти. Рестораните и кафулињата, од места за забава, станаа центри каде се згрижуваат загрозените граѓани, кои бегаат од местата кои се на удар на ракетните напади.
Ситуацијата е сериозна
Постојано пристигнуваат информации за зголемениот број на жртви и киднапирани жени и деца. Воената ситуација принуди многумина странци да побараат евакуација и брз излез од кризниот регион. Над 200 Македонци побарале помош за да ја напуштат земјата, откако група туристи од Велес безбедно беа евакуирани и вратени дома.
Меѓу нив не е Љупчо Тасевски, кој што веќе четири години работи во Израел. Тој останува да подготвува храна во ресторанот во којшто е ангажиран - но овојпат не за гостите, туку за загрозените коишто нашле привремено засолниште од ракетите во кафулето Ла мер, лоцирано на плажа во Тел Авив.
„Ситуацијата е тешка и сериозна. На плажите требаше да има 30 до 40 илјади посетители, но поради ситуацијата, тие се празни“, вели Тасевски за ДВ.
Станува збор за делот од Тел Авив кој е најчесто посетен од туристи кои што се сместени во луксузните туристички комплекси. Но, по нападите тие заминуваат, а оние коишто планирале да дојдат веќе ги откажуваат своите летови кон Израел.
„Во Тел Авив е безбедно. Македонците претежно тука се сместени, оти овде е бизнисот и економијата. Нема многу Македонци во Ерусалим или во кризните места, така што сите се безбедни и нема никакви проблеми“, вели Тасевски.
„Сирените ечеа низ Тел Авив“
Нападите почнале околу 5 изутрината во саботата (7.10). „Телефонот ме разбуди, а потоа и сирените кои што ечеа низ цел Тел Авив и околните градови“, вели нашиот соговорник..
Тасевски смета дека одбранбенот систем на Израел наречен „Железна купола“ ги спасил. „Делови од ракети слушнав дека паднале во околината на Тел Авив, но нема информации за повредени или загинати или некоја поголема материјална штета“, раскажува тој.
Тасевски веќе четири години работи во Израел, но наскоро планира да се врати во Северна Македонија. „И без кризата, наскоро заминувам од Израел, до крајот на годината планирам да се вратам дома“, вели тој за ДВ.
Евакуација
Во меѓувреме деветмина туристи од Велес кои се затекнаа во Тел Авив за време на нападите од Хамас врз Израел безбедно се вратени во Македонија. Тие во неделата (8.10) беа прифатени на специјалниот лет на Владата на Албанија до Тирана, по што во организација на македонското Министерство за надворешни работи со организиран транспорт се префрлени во земјата.
Претходно седум македонски државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, каде што биле прифатени од почесната конзулка на Македонија, се наоѓаат на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома.
Се проценува дека околу 200 македонски државјани се во Израел.Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала на Западниот Брег.
„Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштија Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надмина 100. Во овој момент поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање“, информираат од МНР.
Туристичките патувања на стенд бај
По бруталните напади од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои со во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан е сериозно влошена.
Македонските туристички агенции коишто организираат патувања за Израел велат дека со внимание се следи ситуацијата и се чека исходот, од што ќе зависи дали ќе бидат откажани планираните патувања. Следните тури се планирани за во ноември, но засега нема сигурна информација дали ќе се откажат или ќе се реализираат.
Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во функција и од таму сѐ уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови, иако бројни авио компании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авио превоз е отежнат. Безбедносната состојба во Израел, сѐ уште останува сложена, а состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот брег, иако без воени операции, останува напната.