1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е огорчена, но и безнадежна

23 декември 2022

Трагедијата денес е двојна, Македонија нема лидер или лидерство, а нема ни граѓанство или народ спремен да се бори за подобар живот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4LLsC
Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Не е само меланхолијата на претчувството, зимата на нашите наталожени разочарувањa, тоа што го потхранува чувството дека стариот поредок на нештата навистина завршува, а нема нов којшто би го заменил. Не е повеќе ни само нашата апатија, оваа постојана политичка деградација и уназадување, бескрајната политика на неказнивост и неодговорност која ни гарантира дека и оваа забеганост повторно ќе биде нормализирана. Не е ниту резигнацијата пред евидентноста дека политичката класа произведена во 30 години кладење на фигурата на лидерот и нивните султан-партии, конечно не` доведе до најслабата, најизгубената и најнеспособната политичка екипа, што кај власта – што кај опозицијата.

Не, овде има нешто подлабоко што ровари во тилот на секој човек, како една дефинитивна резигнација дека може подобро, како едно признавање дека веќе како општество го потрошивме бензинот кој би разбудил нова страст за промени и подобрувања.

-повеќе од авторот: Коруптивно-шпионски скандал во срцето на Европа

Премногу промашени инвестиции, премногу надежи претворени во делузии предолго време. Повеќе никој не го интересира ништо. Освен сопствениот џеб, тоа да. Или личната судбина, но нејасно во рамки на кој концепт, по која цена, во име на што, на која заедница или колективна цел. Полесно е да се нормализира лудилото и да се прифати, отколку човек да се бори против ветерници, тоа е нашата нормалност која ја прифативме.

Топење на оптимизмот

Последната анкета на ИРИ ја потврдува сеопштата безнадежност и влошувањето на состојбите. Трендовите на намалени очекувања и на црни прогнози може да се видат, не само од последната анкета, туку и од споредбените резултати за 12 години наназад, како што одлично нотира Гоце Трпковски за Призма.

На пример, од 2010 досега, никогаш немало повеќе луѓе што одговориле дека државава се движи во погрешна насока, ниту помалку што одговориле дека таа оди во вистинската насока. Дури 58 отсто рекле дека земјата оди кон полошо, што е речиси двојно повеќе од лани (30 отсто). Тоа е на исто ниво со април 2016, време кога имаше политичка криза. Пред четири и пол години, во јули 2018, оптимистички настроени биле 37 отсто, што било еден од најдобрите резултати дотогаш. Но, во меѓувреме, најголемиот дел од тој оптимизам се стопил.

-повеќе од авторот: Нормализација на корупцијата

Три четвртини од испитаниците рекле дека владата на премиерот Димитар Ковачевски воопшто не ги решава или генерално не ги решава нивните проблеми. Над половина рекле дека личниот квалитет на животот им се влошил во однос на лани, што е, исто така, рекорден резултат по ова прашање. Околу 40 отсто одговориле дека квалитетот им останал ист, а само 6 отсто дека им се подобрил. Кога станува збор за економската состојба во семејството, само 1 отсто рекле дека им е многу подобра од лани, а 9 отсто дека им е релативно подобра. Над 40 отсто рекле дека им е полоша или многу полоша.

Македонија нема лидер или лидерство

Немам намера особено да ги коментиран рејтинзите на политичарите кои во најголем дел се во редот на статистичка грешка, но драматичниот пад на СДСМи слабиот рејтинг на нејзиниот лидер, кажува многу за кризата која партијата на власт ја живее, која е рефлексија на коалицискиот партнер и криминално-коруптивното владеење, нешто што пак потоа се рефлектира во ужасно ниската доверба во институциите и во ослабнување на демократскиот капацитет.

Оттука не е за чудење што граѓаните јасноја санкционираат кризата на СДСМ, граѓаните и онака беа разочарани, а сега се чувствуваат дури и изневерени. Судот на електоратот е дека партијата не е на висина на задачата или на драмата со која се соочуваме. Неспособна да го пронајде тонот на итноста, се мачи да се синхронизирана со фреквенцијата на алармантноста, да ја интерпретира загубеноста и очајот на електоратот, а темите кои ги мачат луѓето да ги претвори во сопствени политики и решенија. Просто кажано, владејачката партија е неспособна да ја каже вистината и да се соочи со неа, да сфати дека е парализирана затоа што не знае што е, која е нејзината мисија, па оттука, не може ни да одгатне кого застапува, ниту знае каде треба да оди и што треба таму да бара.

-повеќе од авторот: Кина е соочена со дилеми, изолација и внатрешни немири

Не може устата полна ЕУ и „Ќе-политики“, да бидат замена за фалшливата реалност и неспособноста нешто суштински и реформски да се промени дома, во реалниот живот, на полето на правната држава, криминалот, корупцијата и клиентелизмот. „Анкетата на ИРИ сведочи за мудроста на граѓаните. Тие сакаат во ЕУ, но сосема реално проценуваат дека не одиме по правиот пат. Очигледно не паѓаат на празните зборови, а богами и песни. Европски политики дома, одговорност и правда, еднакви шанси за сите, вклучувајќи ги и „ничиите” граѓани, тоа ќе не носи кон ЕУ. Понижувања и сервилност кон комшијата во ситуација кога токму европските принципи се на ваша страна, а терање со старата политика на неодговорност и партизација во шеста брзина не ве прави проевропски политичари. Ве прави очигледни демагози - не гледајте што правиме, слушајте што зборуваме. Таа работа не ја бива и не поминува“, ќе заклучи поранешниот министер за надворешни, Никола Димитров.

За мене лично најпоразителниот факт од анкетата и од она што подолго го чувствуваме на кожа е дека песимизмот и разочараноста од правецот на државата е идентичен со оној од 2016-та, кога бевме во длабока политичка криза и на повидок на соборување на режимот. Но, барем тогаш како граѓани и општество се боревме, додека денес, благодарение и на продолжување на праксите на режимот, сме осиромашени и од таа доза на наива и надеж дека може подобро или барем дека - не може полошо. Трагедијата денес е двојна, Македонија нема лидер или лидерство, а нема ни граѓанство или народ спремен да се бори за подобар живот.

Разликата е само во нас

Ни се докажа дека промена на режимот не е доволeн предуслов за градење на демократско општество, ако политиката, бизнисот и правосудството одлучиле да продолжат според режимската книга на инструкции. Повеќе не е доволна промена на власта, потребна е промена на владеењето.Резултатите од анкетата треба да ги гледаме рефлективно, не само што кажуваат за политиката и за нивните рејтинзи, туку што кажуваат и за нас како граѓани. Каде сме ние денес, кога податоците се идентични како во времето на кулминацијата на режимот: зошто денес полошо мислиме или полошо се чувствуваме и од тогаш?

Да, граѓаните и понатаму ја доживуваат политичката, економската и општествената состојба со индигнација, но повеќе никој не се надева во промени. Етичкото прашање се има променето и денес повеќе не се размислува како да се заврти нов лист, како да се ослободиме од корупцијата на трипартитскиот систем. Македонското општество кое и онака има слаби инклинации кон партиципативност, беше дополнително анестезирано од последните 6 години владеење. Власта ни докажа дека политиката не е во наши раце, па оттука, логично е да ја гледаме со скепса и одљубеност.

Најголемата разлика наспроти тие сондажи, е што тогаш бевме спремни за улица и општествен штрајк, а денес оваа катастрофа ја прифаќаме анестезирано и со генерално помирување. Разликата е само во нас, кој ја врти политиката, таа остана иста. И тој податок никој не сака да го прочита, зашто никој нема надеж, верба или обид за нешто подобро. Ја изгубивме идејата за подобро, и тоа е најпоразителниот факт денес.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.