Медведев предлага поделба на Украина за крај на војната
26 мај 2023Дмитри Медведев, кој е актуелен заменик-шеф на Советот за безбедност на Русија, скицираше три можни сценарија за исходот на војната во Украина на својот Телеграм канал, и притоа ја избра поделбата на земјата како негово омилено сценарио.
Овој исход „ќе му стави крај на конфликтот со адекватни гаранции дека нема повторно да започне на долг рок“, напиша Медведев. Но, во спротивно, доколку независна Украина се приклучи кон ЕУ или НАТО, конфликтот повторно ќе ескалира, вели тој, „со опасност дека би можел да мутира во целосна трета светска војна“.
Децениска војна
Последното сценарио „привремено“ прифатливо за Русија е Украина да биде целосно поделена меѓу Русија и земјите на ЕУ, и формирање на украинска влада во егзил во Европа. „Јасно им е на сите“ дека нема други реални сценарија, вели Медведев, опишувајќи ја Украина како „држава во умирање“.
Во коментари од четвртокот за време на посета на Виетнам, Медведев порача и дека војната во Украина би можела да трае со децении.
„Конфликтот ќе трае многу долго, веројатно со децении. (...) Ќе има три години примирје, две години конфликт, и се ќе се повтори одново“, порача Медведев.
Поранешниот руски претседател смета и дека преговори со Украина се „невозможни“ се додека на власт во земјата е претседателот Володимир Зеленски.
„Секогаш сѐ завршува со преговори, и тоа е неизбежно, но се додека тие луѓе се на власт, ситуацијата за Русија нема да се промени во однос на преговорите“, рече Медведев.