1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Ковачевски во трка за првата изборна единица

ДТЗ
12 март 2024

Во партиските кујни се „крчаат“ изборните листи. „Запршка“ во единицата се очекува да додадат и лидерот на Левица, Димитар Апасиев и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

https://p.dw.com/p/4dQZJ
 Treffen zwischen mazedonischer Premierminister Dimitar Kovacevski und Oppositionsführer Hristijan Mickoski.
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Во партиските кујни сè уште се „крчаат“ изборните листи со коишто ќе настапат на пролетните избори. Но, очекувањата се дека главната битка ќе се води меѓу лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како носители на листите во Изборната единица 1, која што ги покрива пред се скопските општини. „Запршка“ во единицата  се очекува да додадат и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и градоначалничката на Скопје и претседателка на Нова Алтернатива, Данела Арсовска. 

Нови или проверени кадри? 

ВМРО-ДПМНЕ веќе ги откри изборните карти, соопштувајќи ги главните кандидати на кои типува за освојување на довербата на гласачите. СДСМ најавува дека во скоро време ќе ги објави листите со носители и коносители. Од партијата порачаа дека ќе понудат „квалитетни кадри“, а носителите кои ги објави ВМРО-ДПМНЕ со оценети како „стари кадровски решенија кои ја носат државата во изолација“. Во медиумите веќе се споменува можноста за враќање во политиката на ексминистерот за здравство, Венко Филипче, а за носители на листите се најавуваат веќе познати кандидати, кои и во моментот се на истурени функции. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потврди дека тој ќе биде носител на  пратеничката листа во Изборната единица 1 на парламентарните избори на 8 мај.  Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски ќе биде носител во изборната единица 2, а пратеникот Драган Ковачки - носител во изборната единица 3. Во „четворката“ прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Александар Николоски. Опозициската партија ќе има една жена носител на листа - пратеничката Дафина Стојановска во „шестката“.  За „петката“ сѐ уште се размислува. 

ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката СДСМ не гледа ни кадровска ни програмска понуда во кандидатите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ни кадровска ни програмска понуда“ 

Владејачката СДСМ не гледа ни кадровска ни програмска понуда во кандидатите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

„По Гордана Силјановска Давкова, како кандидат на ДПМНЕ за претседател на државата, која на минатите изборите загуби од Пендаровски, ДПМНЕ излегува со проверени кадри на режимот на Груевски, како Николоски, Мисајловски, Ковачки, за носители на листите. Се потврди дека ДПМНЕ нема ни кадровска, ни програмска понуда. Со стари кадри на Мицкоски како носители на листите, ДПМНЕ на граѓаните им нуди враќање назад во минатото, во изолација, далеку од членство во ЕУ и напредок“, порачаа од СДСМ. 

Тие денеска информираа дека при крај е внатрепартиската постапка, каде заедно со коалициските партнери се кројат пратеничките листи. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски се очекува  да биде носител на листата на СДСМ во изборната единица 1, додека како коносител се најавува Моника Зајкова од ЛДП. Во втората изборна единица како носител се споменува заменик  претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, заедно со Фатмир Битиќи. 

За во третата изборна единица во игра се Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Во „четворката“, се најавува враќање во политиката на Венко Филипче, во изборната единица 5 се очекува носител да биде собранискиот спикер, Јован Митрески, а во шестката - министерката за одбрана Славјанка Петровска. 

Комбинаторики и во албанскиот блок 

Во албанскиот политички блок, коалицијата ВРЕДИ ја официјализираше соработката и се очекува да ги објави листите и носителите на листи. Првично се очекува Изет Меџити да биде носител во првата изборна единица, во „двојката“ Африм Гаши, во „шестката“ Билал Касами, а во „петката“ кадар од партијата на .Арбен Таравари. 

ДУИ
Се очекува со свои листи да излезе наскоро и европскиот фронт предводен од ДУИ.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Се очекува со свои листи наскоро да излезе и европскиот фронт предводен од ДУИ. Партијата на Али Ахмети ќе настапи заедно со партиите на Зијадин Села, Мендух Тачи, Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа. Неофицијалните најави се дека во шестата изборна единица (Тетово, Гостивар, Кичево), каде се кршат копјата за албанските гласачи, носител на листата ќе биде лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а веднаш зад него ќе се најде техничкиот премиер, Талат Џафери. 

Рокот за пријавување на кандидатските листи завршува на 2 април. 

Партиите во меѓувреме го стеснија патот за учество на независните кандидати на избори. Со последните измени на Изборниот законик усвоени минатата недела во Собранието, го зголемија прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи. Со тоа практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво.