Мицкоски ќе бара укинување на техничката влада
5 јуни 2024Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски во парламентот ги поднесе законските измени со кои ќе се реорганизираат дел од министерствата. Со најавените измени, новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега беше само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура и туризам. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.
Тој најави и неколку други законски измени со кои се планира укинување на техничката влада, како и интервенции во Законот за локална самоуправа, со цел доколку има миграција на кадри од локалната во извршната власт, да се избегнат нови избори на локално ниво. Станува збор за планови коишто партијата ги соопшти уште пред изборите.
Мицкоски не се откажува ниту од реформите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. „Тие треба сами да ги бираат судиите, и да нема политичко замешателство, со цел да се врати рејтингот и довербата во судството. Во спротивно ќе тонеме во нашето политичко мочуриште и нема да одиме напред“, порача тој на прес-конференција во Собранието.
Скратена постапка
Измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со коишто ќе се прави нова реорганизација на владата ќе се туркаат по скратена постапка. Мицкоски ги повика сите пратеници да ги поддржат измените, најавувајќи дека седницата е планирано да се одржи в петок, а тие да бидат изгласани во понеделник.
„Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките кои што треба идната влада да ги спроведе за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот на годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и се она што сме ветувале во програмата. За се ова да се спроведе е потребно да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата“, рече Мицкоски.
За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници.
Во однос на прашањето дали разговарале за поддршка од од 80 пратеници, со оглед дека законот се носи со двотретинско мнозинство, Мицкоски рече дека не би сакал да влегува во дневна политика. „Очекувам поддршка од сите парламентарни групи кои се дел од овој собраниски состав. Претпоставките да ги оставиме настрана. Не сме наивни политичари да веруваме во случајности, во политиката ретко има случајности“, изјави Мицкоски.
Тој очекува во четврток (6.06) да го добие мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова за формирање на новата влада. Најави и дека привршуваат преговорите со коалиционите партнери и очекува владата да биде изгласана пред крајниот рок дефиниран со Уставот.