Мицкоски: Светот прави планови како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ
23 август 2023Во пресрет на продолжувањето на собраниската седница, на која што македонските пратеници ќе треба да се изјаснат за уставните измени коишто се на маса, како услов за напредок кон ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека светот прави планови и стратегии како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ. Тој од Кичево порача дека водат силна борба, но дека ќе издржат и нема да има уставни измени под бугарски диктат.
„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквата изјава на Мицкоски е спротивна на партиските изјави во пресрет на седницата 18 август, кога уставните измени се најдоа на дневен ред во Собранието. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ тогаш рече дека нема притисоци врз пратениците околу ова прашање.
„Она што до мене е стигнато како координатор на пратеничка група е дека нема никакви притисоци, туку само поддршка од граѓаните и народот кои што секојдневно на улица ни пристапуваат и бараат да истраеме на она на кое што граѓаните го сакаат а е дијаметрално спротивно од барањата на владејачкото мнозинство“, изјави Мицевски на 16 август.
Повлекување од политиката
Како и пред една година, Мицкоски повторно порача дека доколку само еден пратеник на партијата ја изневери неговата доверба или довербата на граѓаните и гласа за уставни измени - тој ќе си замине од политиката.
„Тоа го кажав и пред нецела година и стојам зад тоа. Ќе го слушнете Димитар Ковачевски и други коишто велат дека јас сум се борел за фотелја. А, јас кажувам дека ако само еден пратеник ја изневери таа доверба јас заминувам. Има ли некој кој се бори повеќе за својата фотелја од Ковачевски? Нема“, рече Мицкоски на партиски настан во Кичево.
Слична изјава тој даде и на 15 август 2022 година кога рече дека „ако над 80 пратеници гласаат за измени на Уставот со цел да се впишат и Бугарите, тој следниот ден ќе се повлече засекогаш од политиката“.
„Верувам во секој пратеник од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рамките на парламентот дека под овие околности нема да гласа за промена на Уставот и дека доколку се случи такво нешто ќе заминам трајно од политиката. Затоа што имам полна доверба во сите“, рече Мицкоски лани по средбите со коалициските партнери за прецизирање околу прашањето за референдумот и можната седница за уставни измени.
Пораки за охрабрување
Мицкоски ги испрати овие пораки откако и во Атина, по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан, беше истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази надеж дека сите партии во македонскиот парламент ќе ги поддржат уставните измени и патот на земјата кон ЕУ. На средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, двајцата соговорници се согласиле дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Северна Македонија во Унијата.
„Не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставни измени, но сметам дека просперитетот и безбедноста на Северна Македонија се во нејзиното пристапување кон ЕУ“, порача во вторникот (22.08) и американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер од граничниот премин „Богородица“.
Според неа, граѓаните треба да им дадат до знаење на политичките структури оти сакаат да бидат дел од ЕУ, а од друга страна, пак, политичарите од сите партии да работат во насока на интеграција на земјава во Унијата.