1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа ѝ требаат работници, но ги „брка“ Сиријците

Ник Мартин
18 декември 2024

Како државите на ЕУ балансираат помеѓу напорите за справување со недостигот на работна сила и барањата за депортација на Сиријците по падот на Асад?

https://p.dw.com/p/4oFpE
Сириски бегалци во Германија
Многу сириски бегалци најдоа работа во Германија Фотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

Кратко по соборувањето на диктаторот Башар ал-Асад на 8 декември, Германија најави стопирање на обработката на барањата за азил од сириските граѓани.

Само 36 часа откако сириските бунтовници го прогласија главниот град Дамаск за ослободен, сојузната влада ги суспендираше одлуките за повеќе од 47.000 барања за азил од Сиријците. Франција, Велика Британија, Италија и неколку други го следеа примерот за неколку часа.

Тие одлуки предизвикаа нервоза кај повеќе од 1,5 милиони Сиријци кои се доселија во Европа од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.

Посебна возбуда предизвикаа изјавите од австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер, кој му наложи на неговото министерство да подготви програма за „уредна репатријација и депортација во Сирија. Слични  барања имаше и од германски политичари.

Се чини дека европските влади сакаат да го искористат падот на Асад како погоден момент да одговорат на растечкото незадоволство на нивното население поради високиот број на мигранти.

Според Агенцијата за азил на Европската унија (ЕУАА), пред да биде објавен прекинот на обработката, до крајот на октомври имало повеќе од 108.000 отворени барања за азил од Сиријци во ЕУ.

Брзите одлуки беа во целосна спротивност со културата на добредојде од екот на миграциската криза во 2015/16 година. Во тоа време, сириските бегалци беа пречекувани на железничките станици од страна на делови од германското население со шишиња со вода за пиење и храна.

Нема брзо решение за ситуацијата во Сирија

Најавите предизвикаа значителна неизвесност во време кога водечката бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) беше во процес на формирање привремена влада за стабилизирање на земјата.

Една од претходните причини за културата на добредојде се чини дека веќе не важи. Политичарите тогаш тврдеа дека сириските бегалци не треба да се примаат само од хуманитарни причини, туку тие треба да помогнат и да се намали недостигот на работна сила во Европа.

Анастасија Карацас, аналитичарка во бриселскиот тинк-тенк Европски политички центар, истакнува дека  ЕУ неодамна ги зголемила напорите да врати повеќе бегалци  во нивните матични земји. И покрај недостигот на работна сила, ова можеше да се забележи и пред падот на Асад.

„Постои итна потреба низ целата ЕУ за решавање на недостигот на работна сила и борбата против експлоатација на работниците, особено нередовните работници мигранти. Ако сегашните барања за депортација (на бегалците), бидат толку силни, се заканува засенување на овие приоритети", вели Карацас во интервју за ДВ.

 Сириски бегалци во Германија
Во 2015 година Сириецот Анас Модамани по пристигнувањето во Германија направи селфи со тогашната канцеларка Ангела МеркелФотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

Интеграцијата на Сиријците се одвива „подобра од очекуваното“

Интегрирањето на толку  голем број бегалци - во случајот на Германија -  972.000 Сиријци - за толку кратко време беше секако предизвик. Сепак, Филип Јашке, истражувач на пазарот на труд во Нирнбершкиот институт за истражување на пазарот на трудот и професионалните истражувања (ИАБ), вели дека напорите во Германија „функционираа многу подобро од очекуваното“.

„(Бегалците) ненадејно ја напуштија Сирија. Многумина од нив доживеаја траума додека бегаа. Кога пристигнаа, беа главно неподготвени за германскиот пазар на труд и имаше многу институционални бариери“, вели Јашке за ДВ.

Овие пречки вклучуваа долго чекање за одлуки за азил, учење германски јазик и завршување на диплома или стекнување признати квалификации пред да се влезе на пазарот на труд, што трае со години. Во меѓувреме, изгледите за кариера на бегалците често се ограничени на нискоквалификувани позиции.

Истражувањата на ИАБ покажуваат дека повеќе од 90 отсто од Сиријците пред да избегаат работеле на работни места за кои во Германија е потребна стручна обука или универзитетска диплома. По пристигнувањето во Германија, околу една третина првично работеле на нискоквалификувани работни места. Шест години подоцна, четвртина од нив сè уште биле на овие работни места.

Повеќе причини за висока стапка на невработеност

Во септември 2024 година, во Германија биле вработени околу 287.000 Сиријци, според извештајот на ИАБ објавен во средината на декември. Нивната просечна стапка на вработеност опадна, бидејќи многу од нив пристигнаа неодамна и сѐ уште се во раните фази на процесот на интеграција.

Но, колку подолго бегалците престојуваат во Германија, толку е поголема веројатноста дека ќе најдат работа. ИАБ констатира дека околу 61 отсто од сириските бегалци седум години по нивното пристигнување се вработени.

Иако официјалната стапка на невработеност за Сиријците е 37 проценти, многу над германската стапка на невработеност од 5,9 проценти (ноември 2024 година), културните и другите фактори играат важна улога. Не се вработени повеќе Сиријки отколку мажи. Многу жени биле домаќинки пред да избегаат од Сирија и затоа не можеле да стекнат професионално искуство. Многу Сиријки имаат мали деца и имаат мал контакт со професионалниот свет поради нивната традиционална семејна улога.

Анастасија Карацас од Центарот за европска политика вели дека дискриминацијата и „постојаните тешкотии во препознавањето на вештините и квалификациите“ се други проблеми, мислејќи на Европа како целина.

Сириски бегалци во Грција
Во првата половина од 2024 година, околу 71.000 Сиријци побарале азил во ЕУ Фотографија: Maram Salim/DW

Сиријците пополнуваат важни празнини на пазарот на трудот

Во Германија, речиси 30 проценти од жените бегалки работат во секторот за социјални и културни услуги, вклучително образование и грижа за деца. Една од десет работи во малопродажба. Повеќе од една петтина од машките бегалци работат во логистика или производство. Сиријците се исто така многу застапени во угостителството, здравството и градежништвото, соопшти ИАБ.

„Во овие сектори постои сериозен недостиг на работна сила", вели Јашке, таму има голема побарувачка за работници и релативно мала понуда на работници. „Значи, Германија навистина би изгубила доколку овие луѓе си заминат."

Во однос на прашањето колку од бегалците сега сакаат да се вратат дома, неодамнешно истражување спроведено од ИАБ покажа дека повеќе од 90 отсто од бегалците родени во Сирија кои дошле  во Германија  меѓу 2013 и 2019 година, рекле дека сакаат тука да останат трајно. Но, тоа може да се промени поради последните случувања во Сирија.

„Речиси 40 отсто живеат тука од 2015 година или подолго. Овде заработуваат за живот, градат социјални мрежи, многумина ги донесоа своите семејства со себе, па веројатно многумина ќе останат“, изјави Јашке за ДВ.

Премногу рано да се зборува за репатријација?

Оние кои не се интегрирале во Европа или не нашле работа во разумен рок, може да бидат под притисок да се вратат  или да сакаат да се вратат. Многумина можеби ќе бидат заинтересирани за обнова на сириската економија по речиси 14-годишната граѓанска војна. Членот на Бундестагот од ЦДУ, Јенс Шпан, неодамна за телевизијата Н-ТВ изјави дека треба да им се понуди државна поддршка за репатријација и зборуваше за бонус за враќање од 1.000 евра по лице и за употреба на државно изнајмени авиони.

Додека жолчните дебати околу ова прашање продолжуваат, Френк Вернеке предупредува на операција за репатријација од големи размери. Шефот на германскиот синдикат на услуги Верди се надева дека министрите „пристапуваат кон ситуацијата со ладна глава".

Во интервју за германската новинска агенција ДПА, Вернеке изјави дека е важно сириската привремена влада прво да создаде „услови што ќе бидат што е можно подемократски“ кои ќе ги земат предвид потребите на многуте етнички и верски групи во земјата.

На европско ниво, Анастасија Карацас стравува дека антимигрантските чувства во  многу земји на ЕУ  може да доведат до рефлексни реакции и предупредува на избрзани одлуки.

„Мора да се преземат мерки за да се осигура дека враќањето се врши на добро организиран начин“, вели аналитичарот. Како основа треба да послужат наодите и податоците за улогата на бегалците на пазарот на трудот.