1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Што ќе се случи со Сиријците во Германија?

Ралф Бозен
12 декември 2024

Во Германија живеат речиси еден милион Сиријци. Како се интегрирани, каде живеат и што би значело за Германија нивното враќање во Сирија по падот на Асад?

https://p.dw.com/p/4nwr1
Сиријците во Берлин го слават падот на режимот на Асад
Сиријците во Берлин го слават падот на режимот на АсадФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Милиони Сиријци побегнаа од почетокот на граѓанската војна во земјата по 2011 година. Повеќето останаа во Сирија како раселени лица или побараа засолништа во соседните земји како Турција, Либан, Јордан, Ирак и Египет. Кога станува збор за Европа, особено многу сириски бегалци прими Германија.

Колку Сиријци живеат во Германија?

Според податоците на Сојузниот завод за статистика, на крајот на 2023 година во Германија живееле околу 973.000 Сиријци. Од тој број, се проценува дека околу 712.000 имаат статус на луѓе кои бараат заштита. Во таа бројка се вклучени барателите на азил чии постапки се во тек, одбиените баратели на азил, како и оние кои уживаат привремена заштита од хуманитарни причини.

 

Значителен дел од тие луѓе дојдоа за време на бегалскиот бран во 2015 година, кога повеќе од 320.000 Сиријци побараа заштита во Германија. Многу од нив сега имаат дозвола за постојан престој, а помал број се во таканаречениот статус „Дулдунг“. Тоа значи дека, иако престојот им е привремено дозволен, нивната правна состојба останува неизвесна. Оваа група на луѓе често има ограничен пристап до можностите за работа и за образование, односно обука за работа.

Запрено е донесувањето одлуки за барањата за азил

Во 2024 година, Сирија повторно беше најважната земја на потекло за барателите на азил во Германија. До ноември годинава, според Сојузното биро за статистика, Сиријците поднеле речиси 75.000 барања за азил, а следат Авганистан со 34.300 и Турција со околу 29.600 барања.

Меѓутоа, на 9 декември, ден по падот на режимот на Асад во Сирија, Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) одлучи моментално да престане да донесува одлуки за барањата за азил на сириските граѓани. Според властите, погодени се 47.270 баратели на азил од Сирија, од кои 46.000 првпат барале азил. За оние на кои претходно им беше доделен тој статус, новонастанатата ситуација во Сирија нема никакво влијание во моментов.
Во Германија годинава досега се поднесени вкупно 236.000 барања за азил. Во тој број не се вклучени бегалците од Украина, бидејќи тие добиваат статус на привремена заштита без процедура за азил.

Сириски бегалци помагаат во баварски старечки дом
Сириски бегалци помагаат во баварски старечки домФотографија: Nicolas Armer/dpa/picture alliance

Просечна возраст 25 години

Поголемиот дел од сириските бегалци во Германија се мажи, а само околу 41 отсто се жени. Воедно, Сиријците во Германија се помлади од општата популација: нивната просечна возраст е околу 25 години. Истовремено, 37 отсто од нив се малолетни.

Според информациите на Сојузната канцеларија за миграција и бегалци, повеќе од 60 отсто од оние кои поднеле барање за азил во Германија меѓу 2017 и 2023 година биле во брак. Многу деца на сириски бегалци се родени во Германија: од 2019 година (кога започна истражувањето) до 2024 година, се родиле околу 56.200 деца.

Повеќе од 60 отсто од Сиријците кои поднеле барање за азил во Германија од 2015 година се Арапи, а околу една третина припаѓаат на курдското малцинство. Големо мнозинство, повеќе од 90 отсто, се муслимани, помалку од два отсто се христијани, а околу еден отсто се Језиди.

Каде живеат Сиријците во Германија?

Мнозинството Сиријци живеат во сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија, Баварија и Баден-Виртемберг. Тие се особено привлечни за нив поради густината на населението (што особено важи за Северна Рајна-Вестфалија) и подобрите понуди на пазарот на труд.

 

Големите градови како Берлин, Минхен и Хамбург исто така нудат пристап до програми и мрежи за поддршка. Руралните региони имаат тенденција да бидат помалку популарни кај бегалците, бидејќи имаат помала понуда за интеграција и помалку можности за вработување.

Во споредба со другите групи бегалци, сириските бегалци се сметаат за добро квалификувани. Речиси половина од луѓето кои дошле во Германија помеѓу 2015 и 2017 година завршиле средно училиште или факултет. Меѓу оние кои подоцна дојдоа во Германија, пак една третина имале средношколска или факултетска диплома. Во учебната 2022/23 година, околу 186.000 сириски ученици посетувале едно од општобразовните училишта во Германија, а уште 50.000 учеле во стручно училиште.

Јазични бариери и проблеми со дипломите

Според Сојузната агенција за вработување, околу 226.600 Сиријци во моментов се вработени и плаќаат придонеси за социјално осигурување (состојба од мај 2024 година). На крајот на ноември 2024 година, околу 279.600 Сиријци беа регистрирани во Заводот за вработување под категоријата „бара работа“. Од тој број, 155.100 се наведени како „невработени“. Тоа значи дека тие стојат на располагање на пазарот на труд. Нивната стапка на невработеност е 37 проценти.

Бегалската политика создаде јаз во Германија

Многумина работат во сектори како што се градежништвото, угостителството или негата на стари и болни лица, а интересот за натамошна обука и професионални квалификации исто така рапидно расте. Најголеми пречки за вработување се јазичната бариера, како и проблемите со признавањето на сириските квалификации.

Враќањето може да ја влоши кризата во здравствениот систем

Луѓето од Сирија играат особено важна улога во здравствениот сектор, каде што преземаат работни места за кои има недостиг од работна сила. Многумина можеа да најдат вработување во областа на нега, особено преку специјализирани програми за обука.

Доколку сега посакаат или мораат да се вратат во својата татковина кога повеќе ја нема диктатурата на Асад - како што веќе бараат некои германски политичари - постоечкиот недостиг на квалификувана работна сила во здравствениот систем може да се влоши. Германското Министерство за здравство се жали дека веќе се непополнети околу 200.000 работни места во областа на нега на стари и болни лица.