Што ти прави една анкета на ИРИ? Сите очекуваа да се појави потполошката, а од густишот на панонската трева излета фазан.
Кога анкетарите што го спроведуваа истражувањето им го поставиле прашањето на испитаниците - „Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, која е единствената личност во Северна Македонија на која гледате најповолно?“ во спонтаниот одговор седум проценти од нив го споменале Никола Груевски, еден процент помалку Христијан Мицкоски, а уште еден помалку Димитар Ковачевски.
Анкетата објавена на 19 декември наеднаш ја обликува политичката парадигма до крајот на годината, а според некои нејзини резултати ќе се води и политиката во наредните месеци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има повеќе анкетни лостови со кои може да ја крепи својата политика сега и во иднина отколку владејачката СДСМ. Но, во таа политичка парадигма, фазанот што излета од панонската трева наеднаш се почувствува повикан за мисија или месија („Зошто бараш харизма во себе полнета птицо/Можноста за просветлување те разделува во бескрај од копнежот за мисија“ – Џони Штулиќ во „Кога фазаните летаат“). Тоа наиде на своевиден ужас во вмровскиот штаб, затоа што резултатот на „панонецот“ четири години по бегството ја растресе целата тамошна структура. Па кога во една дебата на Канал 5 Александар Николоски прашан од водителката како го толкува резултатот на Груевски во анкетата, нервозно велеше дека тој не е точен; па, вадејќи некои листови тврдеше дека според нивната последна анкета Мицкоски бил најпопуларен. Другите резултати од анкетата биле исправни, само тој за Груевски не бил точен.
-повеќе од авторот: Дали се врати Крајот на историјата?
Ова навраќање на анкетата е повеќе од симболично. Овој резултат за Груевски внесува повеќе немир во високите вмровски кругови отколку кај сдсмовската власт. Со одговорот дека Македонија оди во погрешна насока сегашната власт може да се теши со податокот дека во анкетите на ИРИ од 2010 година само во две истражувања процентот на оние што верувале дека државата оди во правилна насока бил поголем од негативниот. Но тоа е бесполезна утеха. Таа утеха не ги решава нејзините проблеми.
„Пеколен план“
Интересен е овој вмровски немир, бидејќи тој во значајна мерка ќе ги обликува настаните на вкупната политичка сцена. Уште кога завршија изборите во летото 2020 ВМРО-ДПМНЕ бара ново предвремено излегување на биралиштата и тоа е еден од нивните најконстантни ставови. Партијата тоа го бара во секоја пригода, за важна или неважна тема, на спореден или важен настан. Во деновите пред Нова година Мицкоски ги одреди и идеалните датуми, 14 или 21 мај, што значи дека за три недели Македонија треба да добие техничка влада. Кој би знаел, можеби ќе се случи тоа и Димитар Ковачевски на завршување од првата година од неговото владеење ќе му ја препушти премиерската палка на некој друг (Артан Груби). Заедно со овие датуми се појавија информациите за наводниот „пеколен план“ на Зоран Заев (кој во основа треба да кореспондира со мајските датуми), а подоцна и отфрлањето на поранешниот премиер на сите наводи од овој „план“, особено точката дека сака да биде претседателски кандидат на коалицијата на двете најголеми македонски партии.
Генерално, македонските медиуми одбегнуваат да ги пренесуваат писанијата на човекот од Будимпешта (освен некои тврдокорно поврзани со него) во кои постојано извира „копнежот за мисија“. Но епистоларијата од последните десетина дена оди подалеку од соопштенијата на „владата во егзил од еден човек“. Дали поради неочекуваниот резултат од анкетата, дали поради тоа што има некаков друг „пеколен план“, а не наводниот што беше споменуван во јавноста, Груевски како да почна да го тампонира макадамот за реставрацијата на неговото владеење. И сам и со некаква логистика од овде.
-повеќе од авторот: Македонскиот пуританизам... за судиите
Груевски изгледа дека почнува да верува оти четири години по бегството враќањето во Македонија (се разбира, со мисија) не изгледа толку фантастично. Во својата објава на Фејсбук на 2 јануари, откако вели дека „денес низ различни медиуми и апликации добив стотици и илјадници топли честитки со искрени желби за здравје, среќа, успех и враќање во Македонија во новата 2023“, тој нагласува: „Ништо не е невозможно. Сѐ е божја промисла и за секој од нас бог има некаков свој план, понекогаш дури и кога сѐ изгледа безнадежно“.
Ете, и господ имал свој некаков „пеколен план“ (да се послужиме со актуелната кованица) во кој има место за чедата за кои „остануваат сеќавањата. Но, тоа не го прави животот бесмислен ако човек има цели во животот базирани на чесни основи, ако има идеали и ако има љубов“.
Навистина, „остануваат сеќавањата“ за целите во животот врз чесни основи. Надвор од тие сеќавања на пријателите и поддржувачите на Груевски огромен дел од јавноста има други сеќавања. Да ги споменеме само најсвежите. Од април 2022 година.
Тогаш американскиот Стејт департмент јавно ги посочи за вмешаност во голема корупција Груевски и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и ги стави на црната листа на САД и покрај забраната за влез, им ги замрзна сите евентуални имоти и сметки во САД и ги прави неподобни за какви било бизнис релации со американските компании.
„Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија, меѓу кои користење на своето политичко влијание и официјалната моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито, a за возврат да одобрува владини договори, за незаконско присвојување на јавни средства и за мешање во изборните процеси за своја политички полза и за полза на неговата партија“, објави Стејт департментот.
Покрај тоа, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД им наметна економски санкции на Груевски и Мијалков и уште на пет лица од регионов. Во образложението на одлуката на Министерството за финансии се потсетува дека Груевски е осуден и останува осомничен во бројни случаи на корупција, како злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци поврзани со неговото време како премиер на Македонија од 2006 до 2016 година, но дека константно ја избегнува правдата – што преставува сериозно назадување во утврдувањето на одговорноста за корупција. Според овој документ, Груевски е сопственик и директор на унгарска компанија, па и таа е ставена на листата за санкции, така што тешко ќе може да работи и да прави финансиски трансакции не само во САД, туку и генерално во меѓународниот финансиски систем.
-повеќе од авторот: Викнете полиција... Нешто чудно се случува во Апелацискиот суд
Груевски тогаш експресно објави дека жали за одлуката на Стејт департментот и дека Американците на некој начин биле измамени. „Наводите кои се наведени поради кои сум ставен на листата се неточни информации на кои подлегнале и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија... Никогаш не работев за личен финасиски или материјален интерес. Ќе продолжам да се борам за Македонија“.
Но бидејќи „за секој од нас бог има некаков свој план“ тој веројатно мисли дека во сеќавањата за него е избришана оваа „американска епизода“. Па во долг еден час по економија од 3 јануари, тој објаснува како го договарал концесионирањето на ТАВ со скопскиот аеродром и какви биле плановите за карго аеродромот во Овчеполието, кој подоцна требало да прерасне во главно воздушно пристаниште на Македонија. А аеродромот во Петровец (поради маглата и планинската конфигурација) да стане карго пристаниште. Бидејќи „за секој од нас бог има некаков свој план“ таа негова преговарачка „умешност“ треба да биде нагласена при неговото можно враќање во 2023.
Што ти прави една анкета – ги испомешува картите
Дента кога Мицкоски го објави роковникот за предвремени избори во мај, на 28 декември, Груевски се обиде да го дополни „планот“ пишувајќи дека „’заробена држава’ има денес, а не тогаш. Имало слабости, но терминот ‘заробена држава’ имаше друга, пред сѐ пропагандна функција во тоа време. Разликата е во тоа што тогаш се водеше меѓународна операција за смена на власта заради инсталирање на СДСМ со цел да се смени името на државата и јазикот, идентитетот на Македонците и историјата на Македонија и македонскиот народ, со цел такви да влеземе во НАТО и ЕУ, а не на начин како што ние се боревме да станеме членки на НАТО и ЕУ“.
-повеќе од авторот: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во тајниот клуб на агентите на хаосот?
Има ли некаква разлика од она што вмровски првенци и пратеници го зборуваат последниве десетина месеци околу „заробената држава“ од овие толкувања на Груевски. Речиси никаква. Како што се нагласуваат неговите лажни тврдења за перцепцијата за корупцијата – „Македонија не е веќе ни во првите 100 земји“ во ранкингот на „Транспаренси интернешенел“, иако според последното рангирање таа е на 87 место. Или дека Македонија „е во друштво на земји во кои повеќето од Македонците би се плашеле да отпатуваат туристички, заради локалната мафија, но во некои од нив и за да не ги изедат, бидејќи во некои од тие земји нивото е такво што сѐ уште има присуство на канибализам од некои групи“. Види, види, Груевски станал и експерт за канибализам. А меѓу оние земји кои се зад Македонија на листата се и Аргентина, Србија, Турција, Албанија, Бразил, Молдавија, Босна и Херцеговина, а далеку на дното Русија.
Во објавата од 3 јануари Груевски се повикува на наводниот „пеколен план“ на Заев обвинувајќи го поранешниот премиер за голема корупција и предавство на татковината и народот. „Знаејќи го ова и уште многу други работи нормално е Заев да посакува брзи предвремени избори со однапред направен договор за осумгодишна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, потоа и претседателска функција за него, за да се спасува од тоа што го заслужува. И би било нормално на секој, не само во ВМРО-ДПМНЕ, да му се гади од помислата за тоа“.
Овој колаж од интензивната епистоларија на Никола Груевски преку Фејсбук е дел од објаснувањата што би можело да се случува во наредниот период. Но и дека би можело да се смести во графата „невозможно“. Што ти прави една анкета – ги испомешува картите. Не е јасно како би можело да се случи Груевски да се врати во Македонија, а да не биде веднаш префрлен во затвор.
И ако Груевски е во планот на господ, тогаш во кој план ќе биде Христијан Мицкоски. Дали нему може да му се повтори ситуацијата на неговата сестринска партија од Албанија, Демократската партија, во која Љуљзим Баша беше на нејзино чело, а човекот од црната листа на САД, Сали Бериша, го поткопуваше цело време (иако самиот тој го постави), за најпосле да го собори. За сега екскомуницираниот од Америка да ја води опозицијата. Тоа не се добри перспективи не за Мицкоски, туку за целото ВМРО-ДПМНЕ (иако некои од раководството притаено посакуваат таков развој). Тој цело време со амбивалентни изјави се обидуваше да ја убеди јавноста да го остави Груевски настрана и дека тој веќе пет години ја води партијата. Никој до крај не успеа да дознае колку е тоа навистина така.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.