1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Наградата Сахаров е добра, оружје би било подобро

Rudenko Serhij Kommentarbild App
Серхиј Руденко
14 декември 2022

Доделувањето на наградата Андреј Сахаров на народот на Украина е важно признание. Но, војната на Путин против Украина може да се запре само со оружје, а не со награди, смета Сергеј Руденко.

https://p.dw.com/p/4KryD
Пред седиштето на европскиот парламент во Стразбур се веат украински знамиња
Пред седиштето на европскиот парламент во Стразбур се веат украински знамињаФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Додека руската војска продолжува да ја ракетира и гранатира Украина, Европскиот парламент на 14 декември на украинскиот народ ќе му ја додели наградата Андреј Сахаров - за слобода на мислењето. Ова е важно признание. Всушност, Украинците сега првенствено се борат за своето право на живот, а помалку за слободата на мислење. Се борат да живеат во слободна и независна земја и да не се плашат да станат жртви на убијци и на силувачи од редовите на руската војска. Се борат да живеат за нивните деца да не мораат да се кријат од проектили во засолништа. Многу Украинци плаќаат многу висока цена за оваа цел. Плаќаат со животите на оние кои гинат во војната и кои постхумно се носители на наградата Сахаров.

Враќање во ковчег од цинк

Да бидам искрен, не ни сонував дека ќе добијам Пулицерова награда или оти ќе станам добитник на наградата Сахаров. Но, сега и тоа се случи.

Прво Пулицеровата награда беше доделена на сите украински новинари во пролетта 2022 година „за нивната храброст, упорност, ангажман и посветеност на вистинитото известување за време на немилосрдната инвазија на Владимир Путин на нивната земја“, наведува Одборот за доделување на наградата. Наградата Сахаров се доделува на граѓаните на Украина, кои ги претставува претседателот Володимир Зеленски, но и на други избрани политичари и на цивилното општество.

Милиони Украинци, кои ги добија овие високи признанија, тоа веројатно нема долго да го помнат. Сигурен сум дека на некои овие награди не им ни значат многу. Слична е ситуацијата и со доделувањето на Нобеловата награда за мир на украинскиот „Центар за граѓански слободи“ и триумфот на украинската група Калуш Оркестра по победата на натпреварот за песна на Евровизија.

Серхиј Руденко, автор на коментарот
Серхиј Руденко, автор на коментарот

Тоа е разбирливо. Бидејќи, кога ви летаат ракети над главата и кога милиони луѓе се во бегство - приморани да ги напуштат своите домови - не ви е до славење. Кога соседите се враќаат од фронтот во ковчег од цинк, а нивните сопствени деца мораат да седат во засолништа поради воздушните напади. Или кога секој ракетен напад на Киев, Харков, Дњепар, Миколаев и Одеса го чувствувате како напад на себе и кога кусите пораки од роднините со знакот крст ќе ве расплачат.

Борба за опстанок

Живееме во реалност која се вика „војна“, каде најголемо признание не е награда, туку право на живот. Сите досегашни добитници на наградите Пулицер и Сахаров од Украина имаат едно заедничко: тоа е копнежот за живот и за победа.

Тоа ги прави похрабри. Како што напредуваше војната, стравот постепено се повлекуваше во втор план. Во обид да го заплаши украинскиот народ и да му ја одземе иднината, Путин погрешно се пресмета.

Оној кој е роден да лета не може да ползи. Украинците ќе се борат за својата земја - до крај. Никој нема да попушти пред Кремљ. Ние се бориме за правото на живот, а Русија сака да ни го одземе тоа право.

Секако дека наградите, кои великодушно ни се доделуваат во светот, е нешто, што е добро и убаво. Се мисли на нас, нѐ ценат и почитуваат. Но, проблемот е што овие награди не се претвораат во нови испораки на модерно оружје од Запад. Бидејќи, само така може да се запре бруталниот масакар во Украина, кој го започна Путин.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Долготрајната војна во Украина, која целиот свет од крајот на февруари ја гледа во живо, изгледа дека ја отапува перцепцијата на гледачите. Некои од нив ја следат тамошната војна и случувањата како да е во прашање Нетфликс.

Војната во Украина не е филм

Доброто се бори против злото, хероите од боиштата се менуваат на екранот, исто како и сликите на уништените градови. Окото брзо се навикнува на страдање, солзи и на уништување. Гледачот се буди дури кога главниот негативец повторно почнува да се заканува оти со нуклеарно оружје ќе го уништи целиот свет.

Време е сите кои живеат на планетата Земја да сфатат дека руската војна во Украина не е филм. И тоа не е само војна против Украина, туку против целата западна цивилизација. Порано или подоцна би можела да го погоди секого.

Владимир Путин, кој немилосрдно уби десетици илјади Украинци и бомбардираше стамбени населби во мирни градови, тешко дека ќе запре. Тој одамна ја помина границата. Сега се наоѓа на теренот, на кој веќе нема место за сочуство, грижа на совест и за жалење. Можеме да го запреме само заедно.

Серхиј Руденко е украински новинар и политички коментатор. Објавил неколку книги за украинските политичари. Автор е и на колумната што ја пишува за ДВ.