1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Кој ќе биде нов шеф на НАТО?

4 јануари 2024

Едно од најголемите нагаѓања во Брисел и пошироко наскоро ќе заврши. Холандскиот премиер во заминување, Марк Руте, води во трката која се одвива зад затворени врати според непишани правила.

https://p.dw.com/p/4arAJ
Јенс Столтенберг
Кој ќе го води НАТО во иднина?Фотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Конечно е извесно дека НАТО ќе има нов генерален секретар. Јенс Столтенберг наскоро ќе се повлече од функцијата по речиси една деценија, во која од него четирипати беше барано да го продолжи мандатот – еднаш дури и откако веќе се имаше договорено за нова работна позиција како прв човек на Норвешката централна банка.

Во тој период, со оглед на напукнатите релации со Русија и вистинските трансатлантски тензии во време на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, не беше ни изненадување што никој не сакаше да го замени стоичкиот секретар, кој се прослави со неговата способност да го смирува огорчениот американски лидер. Сега се очекува уздите да му ги предаде на наследникот за време на јубилејниот самит во Вашингтон во јули, додека пак официјално мандатот на Столтенберг завршува на 1 октомври 2024 година.

Без одвлекување внимание, без компликации молам

Портпаролот на Столтенберг навести дека наследникот ќе биде избран порано од тој рок за да се избегнат пречки и компликации.

Оана Лунгеску, и самата портпарол со најдолг стаж во НАТО, истакна дека „е навистина важно изборот да се направи што е можно порано и временски надвор од контекстот на  изборите во Европската унија во јуни годинава и претседателските избори во САД.“

Лунгеску, која работи и за тинк-тенкот „Кралски институт на Обединетите воени сили за одбранбени и безбедносни студии“ во Велика Британија, предупреди дека „најстрашното нешто што може да се случи е генералниот секретар на НАТО да биде  некаков вид 'остаток' од ноќни преговори за ЕУ, или да се најде среде многу хаотичните избори во САД.“

Оана Лунгеску поранешен портпарол на НАТО
Долгогодишно искуство: Оана Лунгеску беше портпарол на НАТО долги годиниФотографија: Teri Schultz/DW

„Отворена работна позиција! Немој да аплицираш!“

Но, секако нема да биде лесно да се дојде до оваа врвна работна позиција за која нема формален опис на работните задачи, нема листа на потребни способности и знаења, ниту има каде да се „аплицира“. Оние кои се стремат да станат нов генерален секретар на Алијансата нема да бидат повикани на интервју, ниту треба да оддаваат впечаток на премногу заинтересирани за функцијата.

Вашингтон нашироко се смета за одлучувачкиот фактор, но која било од владите на 31 земја членка може да ја расипе сметката. „Навистина станува збор за дипломатија зад затворени врати преку Атлантикот“, вели Јан Лесер, потпретседател на Германскиот Маршалов фонд во Брисел. „Сѐ, од канцелариски материјал до нуклеарна стратегија се прави со консензус, па и ова е дел од тој процес“, посочува Лесер.

Во склад со тоа, новиот генерален секретар на НАТО мора да биде контра Русија - но не изразено до тој степен за да поттикне страв од ескалација – и мора да биде подготвен да ја брани самата егзистенција на Алијансата без натамошно провоцирање на клеветниците. Во многуте години во кои се разгледуваат опциите за нов шеф на НАТО, се споменуваа и одредени „пријатни“ карактеристики како тоа да биде од земја која многу троши за одбраната, за промена од некој од јужните или источни сојузници по речиси 15 години нордиско лидерство, а можеби би можело и конечно да дојде жена на чело на Алијансата?

кабинетот на генералниот секретар на НАТО
Раководна позиција: Вака изгледа во кабинетот на генералниот секретар на НАТОФотографија: Teri Schultz/DW

Карусел на надежни кандидати

Многу имиња се појавуваа... и потонаа. Поранешните најнадежни ликови, како данската премиерка Мете Фредериксен и поранешниот британски министер за одбрана Бен Волис дури и лично разговарале со американскиот претседател Џо Бајден околу нивните шанси, но потоа без натамошни објаснувања самите се повлекоа од трката.

Актуелно, премиерката на Естонија, Каја Калас, министерот за надворешни работи на Латвија, Крисјанис Каринс и премиерот на Холандија во заминување, Марк Руте, отворено покажуваат амбиции за функцијата. Руте постепено се профилираше како фаворит меѓу нив. Руте, кој по Виктор Орбан, е премиер со најдолг стаж во рамките на Алијансата, се смета за „посигурен“ избор отколку балтички политичар, со оглед на тоа дека агендата на сојузот ја доминира војната на Москва во Украина. 

Директната Калас е популарна, но и поларизира, а Каринс иако исто така е и поранешен премиер, нема цврста подлога.

„Се смета дека шеф на НАТО од балтичките земји би бил контрапродуктивен, а не од помош“, забележува Кристи Раик, заменик директор на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност во Талин. Но, таа не го дели тој став.

„Тешко е да се каже што точно е проблемот, затоа што релациите со Русија се замрзнати во моментов. Во секој случај не зборуваме за почеток на обновување на дипломатските релации во скоро време“, вели таа.

Значајно е што и покрај тоа, Руте е единствениот кандидат за кого разговарале амбасадорите на НАТО, открива Лунгеску, во неформален процес кој се одвива паралелно со консултациите на лидерите и се нарекува „деканско кафе“. Тоа се случува кога најстариот меѓу националните претставници, во случајов хрватскиот амбасадор Марио Нобило, ќе ги покани останатите 30 амбасадори да разговараат за теми од значење.

„Има уште земји кои допрва треба да ја финализираат својата позиција, колку што сум запознаена со нештата“, вели Лунгеску, „но тие работат во правец на консензус“. (за Руте)

Каја Калас, премиерка на Естонија
Ја сака работата: Каја Калас, премиерка на ЕстонијаФотографија: NATO

Околу „листата“...

Иако сето ова се одвива зад затворени врати, Калас не се преправа дека не забележала што се случува. Обраќајќи се на настан со „Политико“ во ноември минатата година во САД, таа јавно се пошегува за очигледното омаловажување на квалитетите кои порано се сметаа за приоритетни кога е во прашање изборот на генерален секретар на НАТО.

„Дефинитивно треба да биде од земја која потрошила 2 процента од БДП на одбраната. И добро би било да е жена“, се потсети таа и додаде: „Па, логично тоа е Марк Руте“. Публиката со непријатност се насмеа, а разочарувањето на Калас беше евидентно. Издатоците на Естонија за одбраната следната година ќе надминат 3 проценти од БДП, додека Холандија нема да го достигне таргетот од 2 процента. Запрашана од домаќинот дали и натаму сака да биде земена  предвид за функцијата, таа недвосмислено одговори со „да“.

Како воените трошоци може да се одразат во САД во пресрет на претседателските избори, чијшто исход ќе биде, како што вели Лесер, „политички голем предизвик за Европа“?

Калас може исправено да застане зад својот буџет, но и Руте може да има свој „џокер“. На средба во Белата куќа во 2019 година, Руте и Трамп беа снимени како се шегуваат и обострано весело се удираат по рамена. „Во текот на минатите неколку години ние станавме пријатели“, рече Трамп.

Марк Руте и Јенс Столтенберг
Моментално фаворит за функцијата: холандскиот премиер во заминување Марк Руте (л.) со Јенс Столтенберг (д.)Фотографија: NATO

Претстојна блокада за Руте? 

И покрај евидентниот консензус што се прави во однос на изборот на Руте, Холанѓанецот може да се соочи со отпор од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со кого тој во минатите години имаше судири во рамки на Европската унија и кој наводно веќе го најавил своето противење на предлогот. 

Аналитичарите не исклучуваат во последна минута да се појави кандидат од неофицијалните кругови. „Ништо не е одлучено сѐ додека не биде сѐ решено“, предупреди Лунгеску. Кој и да „победи“, вели Кристи Раик, „ќе се соочи со прилично тежок пат. Во секој случај наша задача како Европејци е да обезбедиме САД да останат посветени“.

Единственото нешто што се чини сигурно во моментов е дека Столтенберг ќе отпадне од трката за генерален секретар со најдолг стаж. Иако е прилично блиску, сепак не може да го надмине холандскиот политичар Јозеф Лунс, кој функцијата ја извршуваше 13 години.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема