1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Недостигот на лекови во Германија повторно се влошува

Биргит Фирних | Тагесшау
17 април 2023

Во аптеките во Германија нема сирупи против кашлање, лекови за дијабетес, лекови за болните од рак. Аптекарите се скептични околу ефикасноста на новиот предлог закон кој треба да донесе решение за проблемот.

https://p.dw.com/p/4PrqV
лекови медикаменти аптека
Недостигот на некои лекови се зголемуваФотографија: ImageBroker/IMAGO

Келнскиот аптекар Себастијан Бергес мора речиси секојдневно да испраќа разочарани муштерии дома. „Рецептот содржи разредувач на крв што не е достапен во моментот“, ѝ објаснува тој на 67-годишната Ингрид Клипел.

Пензионерката е многу разочарана, особено што нејзиниот сопруг е тешко болен и е зависен од неговите лекови. „Ова е катастрофално и само се влошува“, вели таа. „Како може овие лекови, кои мојот сопруг ги зема со години, веќе да не се достапни?“

Ситуацијата повторно се влошува

Искусниот фармацевт оценува дека ситуацијата со недостиг на лекови повторно се влошува. Во текот на зимата недостигаа главно сирупи за симнување висока температура и лекови против болки, сега недостасуваат препарати од целата палета на неговиот асортиман. Во моментов се недостапни речиси 470 лекови. „Во моментов не ги добиваме сите антибиотици. Не се достапни и некои хормонски медикаменти и кортизон, како и некои лекови за астма“, се жали Бергес.

Притоа, за ситуацијата не се виновни само прекинатите синџири на снабдување, туку пред сѐ договорите за попуст кои здравствените фондови ги имаат склучено со најевтините добавувачи на генерички лекови за да се намалат трошоците.

аптека лекови медикаменти
Во моментов се недостапни речиси 470 лекови, вели аптекарот БергесФотографија: Christoph Hardt /Future Images/imago images

Притисокот на трошоците

Затоа за многу други фармацевтски производители веќе е неисплатливо да произведуваат за германскиот пазар, па тие се повлекоа од Германија. За продажбата на лекови во Германија повторно да стане поисплатлива за овие компании, министерот за здравство сега сака со нов закон да го намали притисокот на трошоците врз нив.

Предлог законот ги релаксира правилата за цените на детските лекови. Во оваа област целосно се суспендирани договорите за попуст. „Но, тоа нема да ги спречи тесните грла“, смета Борк Бретхауер, прв човек на здружението „Про генерика“. Затоа што законот ги таргетира само детските лекови и антибиотиците. „За сите други лекови, ситуацијата со снабдувањето останува таква каква што е: не многу стабилна, а понекогаш дури и лоша.“

аптека лекови медикаменти
Предлог законот ги релаксира правилата за цените на детските лекови и антибиотиците, за сите други лекови ситуацијата останува каква што еФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Ќе треба да се промени целиот систем

Новиот предлог закон предвидува и при идните тендери за антибиотици да се внимава оосбено на тоа активните состојки да се произведуваат во ЕУ и Европа. Според министерот за здравство Карл Лаутербах, целта е да се зголеми разновидноста на добавувачите и да се намали зависноста од неколку, главно азиски производители, како што се Кина или Индија.

Но, тоа нема да биде можно да се направи толку брзо како што сака министерот. Лекарското здружение Марбургер Бунд ги опиша планираните мерки како мал чекор во вистинска насока. Проблемот, како што се вели, е што Германија за некои активни состојки е зависна од некои производители и тоа не смее да остане така, а мора да има и стрес тестови за синџирите на снабдување.

аптека лекови медикаменти
Германија за некои активни состојки е зависна од некои производителиФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Децениски притисок на цените

Концентрацијата на светскиот пазар на активни состојки е директен ефект од деценискиот незапирлив економски притисок на цените, објаснуваат од здружението „Про генерика“. Јасно е дека колку има повеќе одобренија за некоја активна состојка и колку порамномерно тие се распоредени во светот, толку е постабилно снабдувањето, бидејќи дефектите кај производителот може да се компензираат пофлексибилно.

„За време на пандемијата сфативме колку е проблематично високото ниво на зависност на Европа од азиските производители на активни состојки, но ќе треба долго време за тоа да се промени“, вели искусниот аптекар од Келн, Бергес. Според студијата на фармацевтското здружение ВФА, 68 проценти од производствените места за повеќето активни состојки за Европа се во Азија. Речиси две третини од повеќе од 3.500 активни фармацевтски состојки на светскиот пазар се произведуваат во Кина и Индија.

аптека лекови медикаменти аптекар
Германските фармацевти бараат повторно поголемо домашно производство на лековиФотографија: Huang Yan/Xinhua/picture alliance

Германија некогаш беше „аптека на светот“

Многу фармацевти сметаат дека предлог законот не опфаќа сѐ што е потребно. Тој нема да промени ништо суштински во тоа дека на фармацевтите во случај на тесни грла им е дозволено да продаваат само алтернативни препарати од истиот производител. Бидејќи само така потоа се враќаат средства од здравственото осигурување.

„Ние не сме заменици во бирократската џунгла на фондовите за здравствено осигурување, туку сакаме да им помогнеме на пациентите“, објаснува Бергес. Германските фармацевти веќе некое време бараат повторно поголемо домашно производство. „Од наша гледна точка, треба да се создадат стимулации за да биде исплатливо повторно да се произведуваат лекови во Германија“, објаснува Бергес.

На крајот на краиштата, во 19 век и на почетокот на 20 век, Германија имаше репутација на „аптека на светот“ и со децении беше најважниот производител и снабдувач со лекови. Нобеловите награди масовно одеа кај германски истражувачи. За жал, од тоа не остана многу.