Зошто има недостиг на лекови во Германија
19 декември 2022Појдовна сосотојба
Кашлица, течење на носот, болки во грлото, грип, ковид или други инфекции: се чини дека, во моментов, секој во Германија познава некој што е болен. Или и самиот е засегнат. Здравствените осигурителни компании бележат натпросечен број боледувања. Бранот на респираторни инфекции кај децата ги турка болниците и педијатрите на границите на можностите - а, сега уште недостасуваат и лекови.
Што недостасува?
Сирупи за треска, лекови против болки, антибиотици, медикаменти против канцер или дури и лекови за висок притисок и за дијабетес: недостигот долго време не ги погодува само специјалните лекови, туку и многу вообичаени медикаменти. На листата за тесни грла во снабдувањето на Германскиот институт за лекови и медицински помагала во моментов се наведени 313 лекови. Со оглед на тоа дека во листата се вклучени само лековите на рецепт и пријавувањето на недостиготе доброволно, може да се претпостави дека бројот е многу поголем.
Кои се причините за недостигот?
Пред сѐ се споменуваат проблеми во синџирот на снабдување. Но, ситуацијата е покомплицирана: според многу експерти, причината лежи во германската практика за набавки. Претседателот на професионалното здружение на педијатри, Томас Фишбах, во весникот „Рајнише пост“ критикува дека прописот за фиксна цена во Германија довел до тоа производството да се пресели во земји со ниски плати, како Кина и Индија. „Таму сега има проблеми со синџирот на снабдување, што пак доведува до тесни грла во снабдувањето.“
Заднината за тоа: постојат фиксно утврдени износи за лековите кои ги плаќаат државните здравствени осигурувања. Ако продажната цена е повисока, пациентите обично треба сами да ја доплатат разликата или да земат терапевтски еквивалентен, но поевтин лек. Како резултат на тоа, лековите и активните состојки се купуваат онаму каде што се најевтини. Резултат: високо ниво на зависност од добавувачи на активни состојки, на пример од Кина. Покрај тоа, постојат договори за попуст: компаниите за здравствено осигурување можат да договорат намалување на цените со производителите и со тоа да ги намалат трошоците. Потоа тие го земаат само лекот од овој производител и добиваат попуст за возврат. Резултатот од тоа: конкуренцијата со истиот лек потоа ја ограничува својата понуда. Поради актуелнаѕа голема побарувачка како резултат на бранот болести, недостигот на лекови во моментов е особено голем.
Што бараат експертите?
Педијатарот Фишбах повикува на итни мерки на сојузната германска влада. „Потребна е кампања за набавки поттурната од политиката за брзо да се обезбедат сирупи против треска, одредени антибиотици и други препарати за мали деца кои станаа ретки во итен случај, како што беше случајот на почетокот на пандемијата на коронавирусот. Германското здружение на фармацевти апелира да се задржат посебните прописи од пандемијата, кои овозможуваат аптеката да се префрли на набафла на алтернативни препарати со истите активни состојки во случај на проблеми со испораката. Ситуацијата во бројни случаи е многу драматична, изјави претседателот на здружението на фармацевти во Северна Рајна, Томас Прајс. Тој и многу негови колеги, кои се занимаваат со оваа професија повеќе од 30 години ,никогаш не доживеале вакво нешто. Се претпоставува дека во моментов недостасуваат повеќе од 1000 лекови. Недостатокот е очигледен кај децата, но често се засегнати и лековите за возрасни.
Како реагира политиката?
Германската влада сака да го промени законот за набавки. Портпаролот на Министерството за здравство на крајот на ноември рече дека целта е да се прошири синџирот на снабдување за да се намали зависноста од поединечни производители. Ситуацијата е незадоволителна и покрај постоечките инструменти за алтернативни препарати во случај на тесни грла. За да се спротивстави на ова, германскиот министер за здравство Карл Лаутербах има намера да претстави нацрт-закон во наредната недела. Во моментов има тесни грла за испорака на лекови за рак и на антибиотици, објасни тој.
„Отидовме предалеку со економизацијата и во оваа област. Единствено цената играше улога, а достапноста на лекови играше премала улога. „Сакаме да го укинеме тоа.“ Демохристијанската опозиција (ЦДУ и ЦСУ) повикува на кризен состанок на сојузната и на покраинските влади.
„Уште пред крајот на годинава мора да има самит за набавки на сојузната и покраинските власти на кој ќе се координираат итни мерки за оваа зима“, изјави портпаролот на здравствената политика на пратеничката група во Бундестагот на партиите на Унија (ЦДУ и ЦСУ), Тино Зорге.
Министерот за здравство, Лаутербах мора да се координира „што е можно поскоро“ со покраините, производителите и трговците на големо, да бара преодни испораки од соседните земји и да формира тим за планирање и набавки што е можно побрзо, рече Зорге. Важните лекови за деца, особено средствата за намалување на температурата, антибиотиците или лековите против кашлица, сега треба да се купуваат, складираат и дистрибуираат централно од страна на Сојузното министерство за здравство.