1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Неколку експлозии го потресоа центарот на Киев

ЖА / агенции
17 октомври 2022

Очевидци и украински официјални лица јавија за неколку експлозии во близина на центарот на главниот град. Експлозиите доаѓаат една недела откако бранот смртоносни руски ракетни напади го погоди Киев и други градови.

https://p.dw.com/p/4IGVr
Ракетен напад врз Киев, Украина
Ракетен напад врз Киев, УкраинаФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Украинскиот главен град Киев утрово повторно е потресен од експлозии, точно една недела по жестоките руски ракетни напади. Според  градоначалникот Витали Кличко,  една од експлозиите се случила во централната населба Шевченковски, прометна област со универзитети, барови и ресторани.

Кратко пред нападите, сирените за тревога предупредиле од опасност од воздушни напади, а градоначалникот Кличко преку социјалните мрежи апелирал до жителите да останат во засолништа. Оштетени се повеќе станбени згради, а на мета повторно се и инфраструктурни објекти.

Според информации од претседателскиот кабинет,  украинската престолнина била нападната со дронови.  „Русите веруваат дека ова ќе им помогне, но тоа само го одразува нивниот очај“, изјави Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Дописникот на Дојче Веле, Фани Фаскар, извести за неколку експлозии, велејќи дека бучавата која претходела наликувала на звук на дрон. Фаскар, исто така, ги потврди извештаите за нови експлозии околу еден час подоцна.

Очевидци јавуваат за неколку експлозии во Киев
Очевидци јавуваат за неколку експлозии во КиевФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Минатонеделните напади се сметаа за одмазда за  експлозијата на Керчкиот мост  што ја поврзува континентална Русија со Крим, за која Кремљ смета дека е дело на украинската тајна служба. Руската армија како одговор ги нападна Киев и повеќе други градови во Украина, при што загинаа најмалку 19 луѓе, а 105 беа ранети, а цел на нападите беа пред се` инфраструктурата и енергетското снабдување.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека во руските напади не биле погодени сите планирани цели, иако смета дека не се потребни нови толку масивни удари како пред една недела.