1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБугарија

Нова „бугарска трага“ за експлозијата на Керчкиот мост?"

Кристофер Неринг
14 октомври 2022

Руската тајна служба ФСБ тврди дека експлозивот што го оштетил мостот меѓу руската територија и окупираниот Крим потекнува од Бугарија. Но, информациите од Москва се полни со нејаснотии. Што се крие зад кампањата?

https://p.dw.com/p/4IBJ3
Локалните жители, на 8 октомври 2022 година, го набљудуваат пожарот по експлозијата на Керчиот мост, кој го поврзува Крим со Русија
Локалните жители, на 8 октомври 2022 година, го набљудуваат пожарот по експлозијата на Керчиот мост, кој го поврзува Крим со РусијаФотографија: Roman Dmitriyev/AFP/Getty Images

Каква врска има Бугарија со експлозивот, кој на 8 октомври 2022 година, експлодираше во камион на мостот меѓу копнената територија на Русија и украинскиот полуостров Крим окупиран од страна на Русија? Дали камионот дошол од Бугарија, како што тврдеше Москва на 11 октомври? Или „само“ експлозивот бил транспортиран преку Бугарија, како што тврдеше руската тајна служба ФСБ во детално писмено соопштение на 12 октомври, со што противречи на претходните изјави од Москва:

„Експлозивот била сокриен во ролни на полиетиленски градежни фолии на 22 палети со вкупна тежина од 22770 килограми и бил испратен на почетокот на август годинава од пристаништето во Одеса до бугарскиот град Русе, во рамките на Договорот бр. 02/08/2022 помеѓу 'Транслогистик УА' (Киев) и 'Балтекс Капитал С.А.' (Русе)“. Оттаму бил пренесен во грузиското пристаниште Поти, соопшти ФСБ.

Географска карта со точната локација на Керчкиот мост на која се случи експлозијата на 8 октомври 2022
Географска карта со точната локација на Керчкиот мост на која се случи експлозијата на 8 октомври 2022

Москва, сосема очигледно, се обидува да ја вмеша Бугарија во нападот на мостот преку Керчкиот теснец. Бидејќи, во земјата членка на ЕУ и на НАТО, емоциите брзо зовриваат кога се зборува за „бугарски траги“ - терминот потсетува на дезинформациите кои ЦИА ги ширеше во 1980-тите дека бугарските и советските тајни служби го организирале атентатот врз папата Јован Павле Втори во 1981 година. Како што тогашната бугарска трага беше лажна, така се чини дека и вмешаноста на Бугарија во експлозијата на мостот на Крим е првенствено пропагандна операција. Затоа што руските информации се полни со нејаснотии.

Камион, кој не постоел

Во неделата навечер (09.10.2022 година) Владимир Путин и претседателот на Истражниот комитет на Руската Федерација, Алескандер Бастрикин, говореа дека камионот со бомбата тргнал од Бугарија. Меѓутоа, набрзина спроведената истрага на бугарските власти, вклучително и на агенцијата за котраразузнување ДАНС, дојде до поинаков заклучок, кој привремениот премиер Галап Донев го соопшти попладнето на 11 октомври: Камионот за кој говори Русија никогаш не бил во Бугарија.

Дополнително, украинскиот информативен портал tryha.net ги спореди рентгенските снимки од наводниот камион објавени од ФСБ со видео снимки за кои се велеше дека го прикажуваат истото возило - на кое меѓутоа му недостасуваа резервното тркало, како и цела оска. Се чини дека и ФСБ ги забележа овие недоследности: во нивното последно соопштение на оваа тема, веќе не се споменува камион. 

Маршрута без никаква смисла

Одеса (Украина) - Русе на Дунав (Бугарија) - Поти (Грузија) - Ерменија: Според ФСБ, тоа била маршрутата на експлозивот сокриен во полиетиленска градежна фолија. Тихомир Безлов, експерт за безбедност од Центарот за проучување на демократијата во бугарскиот главен град Софија, има сериозни сомневања во врска со тоа. Тој за ДВ изјави: „Целосно е нејасно како наводната бомба стигнала од Одеса до Русе и оттаму преку Варна до Грузија“.

Против ова говори и фактот дека реката Дунав меѓу Бугарија и Романија имаше историски низок водостој во август 2022 година. Поради тоа, преку Русе не поминуваа дури и бродови со украинско жито за извоз. „И кога ФСБ вели дека бомбата дошла во Русе преку копно од Одеса, зошто тогаш не се споменува Романија?“, додава  Безлов. Покрај тоа, ФСБ не дава никакви информации за тоа како товарот бил транспортиран од Русе до Варна, од каде испловуваат траектите за Грузија. Истражувањето на ДВ откри дека траектното поврзување од Бугарија до Поти во Грузија било во прекин до јуни 2022 година и оттогаш на оваа релација имало само нередовни пловидби.

Бугарскиот безбедносен експерт, Тихомир Безлов
Бугарскиот безбедносен експерт, Тихомир БезловФотографија: BGNES

Како се транспортираат два тона експлозив преку шест земји?

Според ФСБ, товарот на камионот тежел повеќе од 22 тони. Колку од тоа биле експлозив? Густав Гресел, воен експерт во Европскиот совет за надворешни односи, вели: „Ако сликите објавени од Москва од експлозијата се точни, тогаш тоа мора да било огромно количество експлозив“. На снимките се гледаат ударни бранови кои го потресоа мостот во неговите темели. За тоа е потребно големо количество армиски експлозив, а не нешто што сами го мешате. Тука се движиме во опсег од околу два тона“.

Според информациите дадени од ФСБ, значи тие околу два тона армиски експлозив најнапред би морале да бидат префрлени од Украина во ЕУ, а оттаму во Грузија, Ерменија, Северна Осетија и во Русија - без притоа да бидат откриени од рентген апаратите, цариниците или кучиња трагачи на сите тие гранични премини. Според Гресел, тоа е невозможно: „Апсолутно е неверојатно толку многу експлозив да биде испратен преку толку многу граници. Ризикот би бил преголем. Тоа е глупост!“

Воениот експерт Густав Гресел
Воениот експерт Густав ГреселФотографија: DW

Што сака Москва од Бугарија?

При толку многу недоследности, се поставува прашањето зошто Москва постојано ја обвинува Бугарија. „На Русија очајно ѝ треба дезертер од НАТО, а Бугарија е една од најслабите алки на Алијансата“, објаснува Тихомир Безлов, додавајќи дека во земјата има силни проруски сили, а и претседателот Румен Радев покажува јасни симпатии кон Русија.

„Освен тоа, со оглед на комплицираната внатрешнополитичка ситуација во Бугарија, целта е да се шири страв“, вели експертот за безбедност. „Со месеци, проруските сили го повторуваа предупредувањето дека Бугарија може да се вклучи во војната во Украина и затоа не треба да ја поддржува Украина. Со оваа пропагандна акција тие добиваат ново гориво“. Ова стана уште поексплозивно по изборите во октомври 2022 година, бидејќи за првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина, во бугарскиот парламент може да се формира мнозинство, кое би гласало за испорака на оружје за Украина.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев
Претседателот на Бугарија, Румен РадевФотографија: Valentina Petrova/AP Photo/dpa/picture alliance

Прашања за Софија?

Во меѓувреме и бугарската преодна влада мора да се соочи со неколку прашања. Бидејќи премиерот Донев на 11 октомври 2022 година изјави дека нема да дозволи бугарска територија да се користи за „терористички акти“. Со тоа, тој барем делумно ја усвои терминологијата на Кремљ, која зборува за „терористички чин против цивилната инфраструктура“. Безбедносниот експерт Безлов возвраќа: „Керчкиот мост беше легитимна воена цел. Од една страна, тој е на окупирана украинска територија, а од друга страна, преку него руски војници и опрема се преместуваат меѓу фронтовите“.

Освен тоа останува нејасно од каде бугарската домашна тајна служба воопшто знаела по кој камион и по која пратка на стока да трага по обвинувањата од Москва. Дали ДАНС ги добила овие информации директно од ФСБ? Или од руската амбасада во Софија?  До објавувањето на овој напис, ниту бугарската влада ниту тајната служба не одговорија на писменото барање на ДВ.