1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Неуспешен обид за државен удар во Бразил

Паула Керстен | АРД
9 јануари 2023

Поддржувачите на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро упаднаа во неколку владини згради во главниот град на Бразил. Неколку часа подоцна полицијата ја стави ситуацијата под контрола.

https://p.dw.com/p/4LtFP
Приврзаници на Жаир Болсонаро седат пред полицајци по упадот во Паласио до Планалто
Приврзаници на Жаир Болсонаро седат пред полицајци по упадот во Паласио до Планалто, зградата во која што работи претседателот на БразилФотографија: Eraldo Peres/AP Photo/picture alliance

Вчера (8.01), околу 15 часот по локално време, илјадници осомничени поддржувачи на десничарскиот екс-претседател Жаир Болсонаро упаднаа во владиниот кварт во Бразилија. Многумина со државното знаме в рака или облечени во дресот на бразилската репрезентација. Ги искршија прозорците на зградата на Конгресот и ги извалкаа ѕидовите. Полицијата употреби шок бомби и солзавец, но првично не можеше да стори многу против напаѓачите. Засилувањето дојде дури неколку часа подоцна. До вечерта беа уапсени повеќе од 200 луѓе и ситуацијата беше ставена под контрола. Сепак, улогата на полицијата е спорна.

Отпуштен шефот на обезбедувањето

Во врска со тоа јасен беше и претседателот Лула да Силва, кој во моментот на нападот беше во сојузната држава Сао Паоло: „Сметаме дека немало доволно безбедност“, рече тој. „Сакам да ви кажам дека сите луѓе кои го направиле ова ќе бидат пронајдени и казнети.“

Стотици приврзаници на поранешниот претседател Болсонаро на покривот на Националниот конгрес во Бразилија
Стотици приврзаници на поранешниот претседател Болсонаро на покривот на Националниот конгрес во БразилијаФотографија: Sergio Lima/AFP

По говорот, Лула го отпушти шефот за безбедност на главниот град Бразилија, Андерсон Торес. Причина - приврзаниците на Болсонаро очигледно се организирале во групи на Телеграм и најавиле демонстрации под мотото „томада де подер“, односно преземање на власта. Според локалните медиуми, тоа му било познато и на Сенатот во Бразилија, поради што било побарано да се зајакнат безбедносните сили. Барање што Торес не го исполнил. Андерсон Торес беше министер за правда во времето на Болсонаро.

Германско-бразилскиот политиколог Оливер Штинкел смета дека може да се направат паралели помеѓу ситуацијата во САД со упадот во Капитол и состојбата во Бразил: „Во последните две години, по нападите во САД на 6 јануари 2021 година, аналитичарите постојано повторуваат дека нешто слично е може да се случи и во Бразил“, вели Штинкел. „Се разбира дека има многу паралели, исто како што има паралели и меѓу Трампизмот и Болсонаризмот.

Слика по упадот на приврзаниците на Болсонаро во претседателската палата
Слика по упадот на приврзаниците на Болсонаро во претседателската палата Фотографија: Eraldo Peres/AP Photo/picture alliance

Деструктивна критика

Мајра Гуларт, професорка по општествени науки на Универзитетот во Рио де Жанеиро, вели дека политичкиот стил на Болсонаро придонел за вчерашните настани: „Жаир Болсонаро во текот на целото негово време во Националниот конгрес, повеќе од 27 години, одржа безброј говори во кои ја бранеше воената диктатура, тортурата. Во која го критикуваше политичкиот систем, но не на конструктивен начин, туку деструктивно“. Освен тоа, додава Гуларт, Болсонаро во текот на својот мандат честопати се изјаснувал со наклонетост кон упадот во Капитол во Вашингтон.

Болсонаро отфрла одговорност

Бразилскиот претседател Лула да Силва го обвинува својот претходник Болсонаро за безредијата и бара појаснување: „Ќе откриеме кој ги финансирал овие вандали. Ќе ги најдеме поддржувачите и ќе ги натераме да одговараат со силата на законот за овој неодговорен, антидемократски чин на овие вандали и фашисти“, изјави Лула.

Бразилскиот министер за правда Флавио Дино вчеравечер објави дека има индиции за можни донатори, без да даде никакви детали. Болсонаро реагираше на Твитер неколку часа по немирите. Тој ги отфрла сите обвинувања. Според него, мирните демонстрации се дел од демократијата, додека со упад во владините згради се преминува границата.