Никогаш нема зијан од дијалог
9 декември 2024Бугарија нема политичка влада и Македонија во моментов сѐ уште нема соговорник за прашањата што стојат на интеграцискиот пат на земјата. Надвор од тој политички круг, непречена соработка се одвива во многу други сфери, особено во културата. По одреден застој неодамна одржа средба и Клубот на македонско-бугарско пријателство. Професорот по меѓународна политика, Денко Малески, се потсетува како почнала таа иницијатива.
„Некаде пред две години, ме контактираше професорот Стефан Дечев со идеја за формирање Клуб за македонско-бугарско пријателство. Првичната идеја беше поранешни високи бугарски политичари заедно со либерални бугарски интелектуалци, да го направат првиот голем гест на помирување: да положат цвеќе во меморијалниот музеј на холокаустот во Скопје и на гробовите на стреланите младинци од Ваташа. За жал, идејата не се оствари, па се тргна со помали чекори. Се организира онлајн конференција, на која интелектуалци и поранешни политичари од Македонија и од Бугарија го дадоа својот личен придонес кон отворениот дијалог за надминување на недоразбирањата меѓу двата народи и двете држави. Потоа, по повод денот на нивното убиство, една малубројна делегација предводена од професорот Дечев ме покани заедно да положиме венец на гробот на ваташките младинци, на кој беа испишани зборовите „Никогаш повеќе“, раскажува Малески за дел од претходните активности на Клубот.
Плевнелиев предложил средба во Банско
Неодамна, по петнаесетина учесници од Клубот од двете земји, од најразлични професии, договориле нова средба во Скопје. Биле најавено и доаѓањето на двајца поранешни бугарски претседатели, но заради други обврски тие не присуствувале на средбата. Од македонска страна присутни биле двајца поранешни премиери, Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
„Клубот, се разбира, не може да биде замена за контакти помеѓу политичарите на двете земји. Неговата улога е нив да ги поттикне на дијалог насочен кон решавање на споровите, било историски или современи. Токму преку дијалог разбран како способност да се слушнат позициите на другата страна, бидејќи, се претпоставува, сопствените позиции се познати“, вели Малески.
За средбата се проговори и од другата страна на границата.
„Кризата во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија може да се надмине само со дијалог и меѓусебно почитување“, изјави по средбата Калојан Ханџиски, член на Клубот, за БНР.
Смета дека „историските спорови не треба да бидат бариера за европската интеграција на Северна Македонија, туку треба да се бараат решенија што зближуваат, а не разделуваат“.
Тој обелоденува дека на средбата во Скопје, било прочитано поздравно обраќање од поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, кој изразил подготвеност да ги поддржи напорите за затоплување на односите. Плевнелиев предложил да се организира слична средба во Банско во наредните месеци, како уште еден симболичен чин на пријателство меѓу двете земји.
Според Ханџиски, Клубот продолжува активно да работи на подобрување на односите, и покрај сложениот историски и политички контекст.
„Важно е отворено да зборуваме за нашите разлики, но и за нашите заеднички цели - иднината на Северна Македонија како дел од Европската унија и регионалната стабилност“, изјави тој.
Геополитички плусови и минуси
Но, оние кои ги следат и анализраат сите нијанси и фази во проширувањето на ЕУ, не се сигурни колку таа цел е достижна за Македонија.
„Пристапувањето кон ЕУ се покажува како недостижна цел, за жал", пишува во анализа Димитар Бечев предавач на Универзитетот во Оксфорд и истражувач во Институтот „Карнеги Европа“ со фокус на проширувањето на ЕУ, Западен Балкан и Источна Европа.
„Реално гледано, шансите на Северна Македонија, Украина или Грузија не се особено големи“, оценува тој.
Според Бечев има три причини за тоа.
„Како прво, самата ЕУ не е во состојба да изгради остварлива политика. Меѓу земјите-членки има разногласие. Некои се ‘за' брзо проширување. Други не се убедени и гледаат минуси - разводнување на ЕУ, лошото искуство со земји како Унгарија, Полска, Бугарија, Романија итн“, вели тој.
Потсетува дека токму затоа одвреме навреме се промовираат идеите за „асоцирано членство“ како алтернатива на целосното учество во ЕУ со соодветен пристап до ресурси и овластувања во колективните институции. Такви беа и предлозите во ланскиот француско-германски извештај за можните реформи во подготовка за ново проширување.
„Второ, поединечни земји-членки се во состојба да го блокираат процесот за да ги протуркаат сопствените позиции и интереси. Видливиот пример е Бугарија и ветото наметнато во 2020 година на Северна Македонија. Слични случаи ќе има допрва. На пример, Полска, која досега ја поддржува Украина, еден ден може да постави кочница на преговорите поради спорови во областа на земјоделството“, оценува Бечев.
Трето е - влијанието на геополитичката ситуација, кога целосната руска инвазија во Украина буквално го оживеа проширувањето на ЕУ.
„Земјите-членки презедоа храбри чекори - на пример, за почеток на преговори со Украина, Молдавија, Албанија, Северна Македонија (со дополнителни услови), Босна и Херцеговина. Но, геополитиката исто така е и минус. Се додека Украина е во војна, нејзината целосна интеграција во ЕУ ќе остане во прашање. Во Молдавија и Грузија, Москва ќе користи целосен политичка инстументариум за да ги дискредитира проевропските сили и да ги спречи реформите што ги бара Брисел на патот кон членството“, оценува тој во анализа објавена од РСЕ.