1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимистички пораки од Скопје, конкретни барања од Брисел

ДТЗ
15 јануари 2025

Евроамбасадорите од Скопје изразија оптимизам дека 2025 година може да донесе напредок во евроинтегративниот процес. Но, евроамбасадорката Марта Кос од Брисел потсети и на обврската за промена на Уставот.

https://p.dw.com/p/4p9SZ
Северна Македонија, ЕУ
Оптимистички пораки од Скопје, конкретни барања од Брисел за напредок кон ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Евроамбасадорите од Скопје во средата (15.01) изразија оптимизам дека 2025 година може да донесе напредок во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Михалис Рокас, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, на работен појадок во македонското МНР, на кое присуствуваа и неговите колеги од земјите - членки на Унијата, порача дека „се наоѓаме во важен момент во билатералните односи“.

„Сметам дека ќе имаме многу причини за да бидеме оптимисти, а ова доаѓа со позадината на геостратешката средина. Ова не се случува често, на почеток на годината да давам позитивни пораки, но тоа сега го правам затоа што вложивме многу работа и напори изминатата година, градејќи мостови. Исто така доказ за ова е што на почетокот на годината успеавме да започнеме два многу важни проекти - коридорот 8 и 10“, порача Рокас на работниот појадок со македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски. 

Рокас се надева дека годинава нема да се однесува „само на сечење ленти“, туку и на напредок во процесот на пристапување. „Имаме одлична платформа со која можеме да работиме. Делегацијата на ЕУ ќе ви помага во унапредување на важната реформска агенда. Имаме ново раководство во ЕУ, процесот на проширување беше реенергизиран и имавте можност да ги проширите дискусиите. Пораките се охрабрувачки, има многу разбирање и заедничка волја да се движи процесот во Брисел“, му порача Рокас на Муцунски. 

Михалис Рокас
Ќе имаме многу причини за да бидеме оптимисти, вели Михалис Рокас, амбасадорот на ЕУ во МакедонијаФотографија: Presidentoffice Nort Macedonia

Потребна е волја да се промени Уставот

Пораките следат откако еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) потенцираше дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. 

„Се надеваме дека земјата ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така и со поддршка на Бугарија, ќе можеме да продолжиме на тој пат“, рече Кос, одговарајќи на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев. 

Таа ја нагласи сложеноста на процесот на проширување, потенцирајќи дека се потребни 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, но дека треба да се направи сѐ за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите.  Таа потенцира на проширувањето денес е поинакво отколку што беше пред пет години и постои огромна можност работите во овој процесот да се придвижат напред.  

„Првпат по десет години постои реална перспектива дека во текот на овој мандат можеме да донесеме една, две или три земји до целта“, рече Кос. 

Марта Кос
Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, вели Марта КосФотографија: Laurie DIEFFEMBACQ/EU-Parlament

Надеж за крупни чекори

Оптимизам постои и кај македонската страна. Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, се надева и очекува дека во 2025 година ќе бидат направени крупни чекори кон натамошно услогласување со европските стандарди и конечен почеток на процесот на преговори, преку отварање на првите преговарачки области и поглавја. „Заедно со вас, убеден сум дека можеме да го оствариме овие амбициозни цели“, им порача тој на амабасадорите. 

Барајќи нивна поддршка и соработка, Муцунски вели дека земјата е подготвена за дијалог во добра волја и изнаоѓање на рационални решенија. „Време е Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример, како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко“, вели тој и додава: „Крајно време е да продолжиме по европскиот пат“.

Оценувајќи дека патот напред ја води Северна Македонија преку константна билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на европската идја и нејзините вредности, тој порача: „Потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат и ќе градат мостови, место да нѐ делат“.