Кога датум за колумна ти е 1-ви или 2-ри јануари, практично нема што друго да пишуваш освен за претходната година, и за прогнозите за наредната. Така, доследно на традицијата, време е да се осврнеме на 2024 - година на сериозни политички промени, во светот, и особено во Македонија. Целосна променана политичкиот амбиент, на дискурсот, но, би рекол, и на стратегијата за развој и планот за тоа каде треба да оди државата во следната деценија. Помалку глобализам, повеќе интроспектива. Со оваа матра, Македонија, но и целиот регион, па дури и светот, влегоа во еден ретрограден, атавистички циклус, насочен против глобализацијата и либералната демократија. Антиестаблишмент идеологијата, поткована со значајна доза неодговорен популизам, а сето тоа во обланда на „заштита на традиционалните вредности“, создадоа амбиент во кој стана непопуларно, а ќе стане и политички опасно, да бидеш прогресивен. Тој тренд се прелеа во наплив на поконзервативни, десни политички пејзажи, без малку насекаде во светот. САД се еден посериозен пример, Германија е вториот.
Нестабилно и небезбедно и во 2025
Суштинското прашање е дали тие трендови ќе продолжат и во 2025, и како тоа ќе се одрази на вкупниот поитички абиент. Иако настаните се толку непредвидливи што било која прогноза може на крајот да биде неточна, постојат трендови кои можат да се идентификуваат и да се предвидат. Во најголема мерка, сметам дека 2025 ќе се покаже како година на лажен оптимизам. Мислам дека многу надежи за напредок, на домашен и на меѓународен план, ќе бидат изневерени, а дека плановите за подобрување на состојбите може да се покажат како пусти желби.
Светот ќе остане нестабилен и небезбеден и во 2025. Планетата во последните 50 години никогаш не била поблиску до глобален конфликт, и не гледам дека тој тренд во 2025 ќе се намали, напротив, мислам дека ни следува период на продолжени војни на повеќе места. Прво, и покрај најдобрите планови за брз прекин на воените дејства во Украина, мислам дека тоа е полесно да се каже во кампања одошто да се оствари на терен. Можните решенија за брз прекин на војната во Украина се единствено фокусирани на т.н. „Кипарско сценарио“ - замрзнување на дејствата и на освоените територии, што е, во најдобра рака, само привремен прекин на огнот, не и целосен план за решение. Но и таквото примирје, мислам дека ќе се покаже тешко остварливо, особено имајќи ги плановите на Путин за дополнителни конфликти (Молдавија, Грузија, па дури и Полска).
Понатаму, конфликтот на Блискиот Исток, исто така има тенденција да продолжи (иако без таков потенцијал за ескалација како оној во Европа). Трето, во овој нестабилен светски период, Кина ги покажува сите знаци дека сака повторно да го анектира Тајван. Згора на тоа, ќе продолжат и ќе се засилат економските конфликти, во манирот секој против секого, што за малите земји како нас, е секако лоша вест. Општо земено, нема голема причина за оптимизам на глобален план за 2025.
Разочараните од 2024 тврдат дека 2025 ќе биде подобра
На тоа треба да се додаде и ризикот за целосната политичка и економска атрофија на ЕУ. Иако во 2024 Унијата покажа некакви знаци на заедничка надворешна политика, за нас најзначајна преку зголемениот апетит за проширување со Албанија и Црна Гора, се плашам дека во 2025 тој апетит ќе се намали, и може да се покаже како целосно козметичка наместо суштинска иницијатива. Тоа ќе им дојде како „кец на десетка“ на локалните авторитарни опоненти на проширувањето, и ќе додаде гориво на веќе етаблираниот наратив дека „сме си доволни самите на себеси“. Значи пробив кон ЕУ нема да има, ни за нас, ни за регионот. Мантрата дека не ни треба никој, и дека самите ќе ги решиме домашните проблеми, традиционално за сите земји на Балканот секогаш била рецепт за катастрофа. Прашање е колку добрите намери (кои за волја на вистината се очигледни кај новата влада) ќе издржат пред притисокот на клиентелизмот, популизмот и национализмот. Без заедничка визија за иднината, заеднички цели, па ако сакате, и инфузија на знаење и европски вредности, ризикот дека секоја добра намера ќе заврши на буништето на историјата како фарса (емпириски докажано) е голем. Дури и најамбициозните домашни реформи, економски иницијативи, или спорадичен изблик на борба против корупција, се осудени да бидат само краткотрајна епизода, ако не се преточат во суштински системски транформации - кои се можни само со големи потези. ЕУ за мојата генерација беше таков потег, но тој забрзано се распаѓа пред нашите очи. Сега е ред новата генерација да каже кој е новиот план.
Значи, како вистински пост-новогодишен песимист, немам големи надежи за 2025 на глобален и регионален политички план. Разочараните од 2024 тврдат дека 2025 ќе биде подобра. Јас такви индиции не гледам. Знам дека е можеби малку непријатно како за почеток на новата година, но трендовите и податоците укажуваат на таков развој на настаните. Сепак, признавам: би бил многу среќен кога 2025 би ме демантирала.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.