1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
31 август 2024

Дали во Бугарија темата „Македонија“ е дел од предизборната реторика, или нашите политичари сакаат да ја наметнат во тамошниот политички дискурс за да добијат поени дома? Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4k7uv
Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонијаi
Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Нема ништо спектакуларно во политиката кога една нова влада се оддалечува од она што го правела претходната или тие пред неа. За тоа се и политичките борби и излегувањето на избори. Во некои случаи тоа означува драматичен раскин со она што го правеле претходници. Во други случаи, некои од претходните политики, кои можат да им бидат од корист на новите власти, се продолжуваат и при тоа се наведуваат како нов курс, или во подобра варијанта подобрување на она што било претходно започнато. Се разбира, со додадена вредност.

Видете го само последниот случај во Британија по победата на Лабуристите на изборите на 4 јули. Според изјавата на биографот на премиерот Кир Стармер, новиот лидер на Кралството решил да го отстрани портретот на Маргарет Тачер кој висеше во нејзината работна соба во Даунинг стрит 10.

Говорејќи на настан организиран од фестивалот на книгата во Глазгов, биографот Том Болдвин рече: „Седевме таму, а јас велам: ‘Малку е вознемирувачки што таа гледа надолу кон тебе, нели?"

Стармер одговорил – да, и на прашањето дали „ќе се ослободи од тоа", премиерот кимнал со главата, според Болдвин. И Стармер се ослободи од портретот.

Портретот на Тачер беше нарачан од лабуристичкиот премиер Гордон Браун и откриен на приватен прием во 2009 година. Тачер го избрала накитот и копчињата што ги носи на портретот.

Се разбира, тоа предизвика гнев и бес кај конзервативните пратеници, кои го обвинија Стармер дека е „песимист, негативен и злобен".

Вистината е малку покомплицирана. Во галеријата на Даунинг стрит 10 има портрети на сите претходни премиери, па така и на Маргарет Тачер. Само што Стармер веќе не сакаше Тачер (премиерка која колку што е славена толку е и кудена, бидејќи го донесе длабокото раслојување на британското општество) и понатаму да го гледа како некаков падро-падроне во собата во Даунинг стрит 10.

Промени на политиките

И промената на власта во Македонија носи промени на политиките. Нема вести за симнување на некои портрети, ниту за промени на дел од мебелот во одаите на премиерот (уште стојат, барем според фотографиите, оние тешки незграпни фотелји, направени во времето на Никола Груевски, кои изгледаат како од поранешниот славен „мебел Ѓорѓевиќ"), но секако дека има промени на политиките. Нормално, на оние што сега се во опозиција тоа не им се допаѓа. Но, им се допаѓа кога слушаат дека владата ќе продолжи со купувањето на италијанските хеликоптери „Леонардо" (таа зделка ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше додека беше во опозиција). Или дека изградбата на автопатиштата со „Бехтел и Енка" ќе продолжи, а новата влада ќе ги откочи тесните грла кои го забавија целиот проект. Нема поголема потреба да се споменува, но е јасно како бел ден, дека новата влада немала никаква можна отстапница да може да се повлече од проектите. Особено поради тоа што, на пример, со „Бехтел и Енка" се директно вклучени Американците. Може само реторички да додаваат некои изјави за проектот, но сите оние грандиозни критики од опозициските денови се ставени ад акта. Како никогаш да не се случиле и не биле изговорени.

Некои работи за промена на правците се очекувани. Прашањата на кои треба да одговори времето што доаѓа е дали ќе бидат исплатливи за државата или не. Јавноста може да премерува дали вмровската гарнитура е во право или не, но таа е на власт само осумдесетина дена и треба да видиме дали тоа е трасирана и сериозно осмислена политика, дали тоа е инстинктивна реакција од политиката што се заговараше последниве две години, или можеби зад тоа се крие нешто, друго кое можеби и нема да се дознае.

Александар Николоски Северна Македонија
Дали Александар Николоски уште мислеше дека зборува како опозиционер кога ги окаректиризира членовите на новиот технички кабинет на Бугарија како „политички маргиналци"?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски  и неговата десна рака во партијата и во владата, министерот за транспорт, Александар Николоски, ја продолжија антибугарската приказна од опозициските денови како сега да не се државни функционери. Веројатно никој нема да дознае дали навистина имало посредни или непосредни  обиди за поткуп на Мицкоски  (како што тој тврдеше) за третата делница на  пругата кон Бугарија  од Крива Паланка до Деве Баир при изборот на изведувач. И дали од седумте компании што се пријавиле на тендерот (наводно сите турски) никоја не знаела да изведува таков комплициран градежен потфат. Не ги знаеме нивните имиња за да истражиме какви проекти работеле тие во минатото. Во Турција има градителски чуда, железнички пруги со брзи возови ја крстосуваат цела земја. Можеби некоја од тие компании била дел од тие градежни проекти? Но со повлекувањето на членовите во евалуациската комисија, овој тендер е фактички поништен. Одлуката е политичка (одговор на бугарското вето и обврската за промена Уставот) и за неа јавноста се подготвуваше барем две недели.

Преку Скопје или преку Пирот

Во некоја рака Николоски можеби е во право – проектот изработен уште во средината на деведесетите сега би требало да се прилагоди на новата реалност за побрзи возови. Но Македонија да има само една железничка врска – север-југ – не е во интерес на иднината на државата. И целиот транспорт на стоки, енергенси и луѓе од Истанбул или Бургас да се остави да преминува од Софија преку Пирот и Ниш до Белград и натаму кон Европа.

Дали со промената на политиката на новата влада треба да се стави превез на очите за иднината? И дали Европската унија и две европски банки кои обезбедија грантови и заеми не го разгледале добро проектот пред да одобрат толку големи пари за Македонија. Точно е – Бугарија има малку направено за изградбата на пругата до Деве Баир. Но таму шините се стигнати уште пред многу децении до Ѓуешево, на неколку километри од границата и со проектот пругата треба да се реконструира за да има поголема носивост и да овозможи поголеми брзини. Тунелот под Деве Баир е долг 2.300 метри и двете држави треба да изградат по половина од него и работниците да се сретнат во утробата на планината кога ќе ја пробијат трасата и да си подадат рака.

Кога лани во декември се склучија договорите за заеми и грантови за третата делница од пругата (како и за електрификација на делот од Куманово до границата во должина од 88 километри) ЕУ тоа го објави како „железничка ренесанса на Северна Македонија".

За оваа клучна железничка рута, обезбедени се 560 милиони евра под покровителство на Тим Европа на ЕУ. Средствата подразбираат заем од 175 милиони евра од Еевропската инвестициска банка и уште еден заем исто толку голем од Европската банка за обнова и развој. Овие заеми ќе бидат надополнети со грант од 150 милиони евра од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и грант од дури 60 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош. Проектот е дел од Глобалната порта, стратегијата на Европската унија, која има за цел да го намали глобалниот инвестициски јаз за витална инфраструктура.

Проектот освен од Европската унија и Европската инвестициска банка, вклучува помош преку програмата ЈАСПЕРС за да се осигура дека подготовката, тендерот и извршувањето се во согласност со стандардите на ЕУ. Техничката помош исто така го зголемува капацитетот на локалниот тим за имплементација на проектот. ЈАСПЕРС дава совети за стратегии и проекти кои придонесуваат за позелена, поповрзана и поиновативна Европа. Поддршката на ЈАСПЕРС е во тесна врска со ЕУ и таа им помага на корисниците да ги усогласат своите проекти со највисоките стандарди на Унијата, подобрувајќи ги нивните шанси за обезбедување финансирање од ЕУ.

Дали ЈАСПЕРС погрешно ги советувал македонските власти за пругата кон Бугарија? Дали на ЕУ кога давала грантови не ѝ била важна изработката на проектот или формулацијата на условите на тендерот? За тоа нема информации од надлежните во Македонија. Исто така нема информација дали новите власти се согласуваат со проценките на ЕУ дека „новата железничка линија ќе може да превезува 500.000 тони товар и половина милион патници годишно, што ќе придонесе за подобра поврзаност, климатска отпорност и социоекономски развој во Северна Македонија и во регионот". Можеби за новите власти тоа се мали бројки.

Политички историски комесари

Тоа е едната страна од приказната за замрзнување на и она што е преостанато  во односите со Бугарија.  Другата е во дополнителното политичко заострување на односите. Премиерот Мицкоски најави дека ќе има промени во  историската комисија  од македонска страна затоа што „апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ".  Мицкоски е во право, како што елабориравме на почетокот на текстот, кога во истата изјава рече дека „логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции. Нормално е дека со нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам што е страшно тука". Но ќе биде страшно ако од историчарите се бара да ги штитат националните интереси, а не науката. Што треба да бидат историчарите – инструменти на политиката која одредува што е национален интерес, или непристарсни научници кои ја истражуваат историјата за да ги објаснат настаните и личностите во нив. Со ваква дефиниција на посакувани историчари Мицкоски е на пат да го уништи историското истражување и да инсталира политички историски комесари.

Има еден фантастичен стих на Џони Штулиќ во песната на „Азра", „Паметни и книшки луѓе": (Во оригинал) „Као што то и Морисон рече/усамљени маргиналци, полусвијет". Дали Александар Николоски уште мислеше дека зборува како опозиционер кога некни ги окаректиризира членовите на новиот технички кабинет на Бугарија како „политички маргиналци"?

Министерство за надворешни работи на Бугарија
За Софија приказната со Македонија изгледа завршена – таа само се повикува на усвоениот француски предлог и повторува дека обврските од него треба да се исполнат - овие ставови Софија ги пренесува преку Министерството за надворешни работиФотографија: BGNES

Како да ја презел реториката на заборавениот Красимир Каракачанов тој рече: „Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори главна тема им е Македонија. Сега не сум ни сигурен кога им се изборите, толку се нефункционални што ни избори не можат да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада и веќе не можат да најдат луѓе за неа. Така што, нека си ги средат прво работите дома. Немам намера сега да одговарам на луѓе кои ловат политички поени и се политички маргиналци во моментов, бидејќи се претставници кои немаат легитимитет од никого".

Премиерот Мицкоски вчера тоа го продолжи на сличен начин, но повнимателно: „Тамошните политичари ќе сторат сѐ за да нѐ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да нѐ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир".

Но вистината не е баш таква. Споменувањето на прашањето „Македонија" е на маргините, дури и подалеку од нив во сегашната политичка ситуација во Бугарија. Во Софија поради политичкиот ќорсокак на последните шест избори и длабоко поделеното гласачко тело не може да се избере функционална политичка влада.

Но Бугарија има други проблеми последниве месеци. Најголемиот од нив е како врвната политика да се ослободи од олигархот Дељан Пеевски, санкциониран од САД, кој ја презеде партијата на Турците, ДПС. И кој во комплот со Бојко Борисов се обидува и успева да ги контролира полициските и судските структури. Пред некој ден приврзениците на почесниот претседател на ДПС, Ахмет Доган, го исфрлија од претседателското место во партијата и го исклучија од неа. Тоа е вистинската и најголемата приказна во бугарската политика последнава година. Тоа е битка за иднината на државата. За Софија приказната со Македонија изгледа завршена – таа само се повикува на усвоениот француски предлог и повторува дека обврските од него треба да се исполнат. Овие ставови Софија ги пренесува преку Министерството за надворешни работи. Политичарите од партиите и од владата имаат други грижи. Македонија се споменува само во инцидентни случаи. Така што повеќе изгледа дека новата македонска владејачка гарнитура сака да го наметне проблемот во бугарското предизборие, отколку што со тоа се занимаваат тамошните политичари.

Последниве две недели друга главна тема беше работа од која што ние сме многу, многу далеку –  кој да биде предлогот за еврокомесар од Бугарија  во новата Комисија на Урсула фон дер Лајен. Бугарија, единствена земја од ЕУ, предложи двајца кандидати, Екатерина Захариева (архитектот на бугарското вето за Македонија) и Јулијан Попов, министер за екологија во владата на Николај Денков. Тие што „немаат легитимитет од никого" (Николоски) предлагаат кандидати за еврокомесари.

Нова влада носи нова политика, а во одредени сегменти новите министри треба да бидат поумешни кога кажуваат нешто за коешто мислат дека ќе добијат аплаузи дома. А, во основа, изгледа дека тие се осамените маргиналци.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи