Палестинските автономни власти имаат нова влада
28 март 2024Палестинските автономни власти на Западниот Брег објавија формирање на нова влада, во период во кој се соочуваат со меѓународен притисок за спроведување на реформите.
Махмуд Абас, кој е на чело на палестинската управа речиси две децении, денеска со претседателски декрет ја одобри новата влада. Претходно овој месец, Абас го избра Мохамед Мустафа, долгогодишен советник, за премиер.
Мустафа денеска истакна дека „врвен национален приоритет“ за новата влада, чии членови треба да стапат на функција во недела, ќе биде ставање крај на војната во Газа.
Тој додаде дека неговиот кабинет „ќе работи на формулирање визии за повторно обединување на институциите, вклучително и преземање одговорност за Газа“.
Палестинските автономни власти не владеат со Појасот Газа откако исламистичкиот Хамас насилно ја презеде контролата врз оваа палестинска автономна територијата во 2007 година, победувајќи ги силите лојални на ривалската партија Фатах. Тие, меѓутоа имаат ограничена контрола врз делови од Западниот Брег.
Новиот премиер Мустафа, економист образован во САД, не е член на ниту една партија и вети дека ќе формира технократска влада и дека ќе формира независен фонд кој ќе ја надгледува реконструкцијата на друга палестинска територија - Појасот Газа, каде веќе пет месеци се одвива офанзива на израелската армија по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
Инаку меѓу новите министри нема познати имиња. Премиерот Мустафа ќе биде и министер за надворешни работи во новата влада додека министер за внатрешни работи ќе остане Зиад Хаб ал Рих од движењето Фатах на Абас. ;
Најмалку пет од 23-те нови министри се од Газа, но не се знае дали се уште се на завојуваната територија.