1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураРусија

Паул Бојмер и векот на нихилизмот кој трае

9 февруари 2023

Војната во Украина е само последователен, но не и последен замав на нихилизмот, токму на стогодишнината на неговиот пробив во политички исчашените поимања на светот. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4NHoY
Феликс Камерер во улогата на војникот Паул Бојмер во најновата екранизација на делото на Ерих Марија Ремарк „На Запад ништо ново“
Феликс Камерер во улогата на војникот Паул Бојмер во најновата екранизација на делото на Ерих Марија Ремарк „На Запад ништо ново“Фотографија: Netflix/Zumapress/picture alliance

Со девет номинации за Оскар, вклучително за најдобар филм, римејк екранизацијата на филмот „На Запад ништо ново” на Едвард Бергер ќе биде во фокусот на годинешната церемонија на Американската академија на филмот. Третата по ред екранизација на ремек-делото на Ерих Марија Ремарк е уште побрутално, депресивно и сурово сведоштво на мачните патешествија на младиот солдат Паул Бојмер низ крваво-калливите фронтови на Првата Светска Војна, таа кланица на народите од почетокот на дваесетиот век. Филмот на Бергер заслужува награди по неколку категории, но најголемиот успех е доколку ги поттикне гледачите да се навратат кон изворот, самото перо на Ремарк и неговото доживување на војната низ зборови и описи кои ниту една камера не може да ги долови. 

Можеби некогаш мојот интерес за книгата и филмот биле диктирани од описите на борбите и војните, смрзнувачките описи на млади тела низ фронтовски дупки, канали, кратери, агонијата на смртта и безнадежноста. Но гледано во оваа возраст, филмот завршува во највозбудливиот и тревожен час, токму онаму каде што почнува сивата иднина родена од Големата Војна. Иднина на столетието која Ремарк ќе ја опише така прецизно, иако несвесно, низ зборовите: „Млад сум, дваесет години стар, а сепак не знам ништо друго за животот освен очај, смрт, страв и судбинска површност надвиена над понорот полн со тага. Гледам како луѓето се нас'скани еден против друг, и во тишина, несвесно, глупаво, послушно, невино се колат меѓу себе”. Судбината на Паул, дваесетгодишниот војник, беше опис на младиот, едвај деветнаесет години стар, дваесетти век.   

Векот на нихилизмот 

Нихилизмот како термин се лоцира во Русија и датира на крајот на деветнаесетиот век. Надеждин ќе му го припише на Пушкин како израз на скептицизмот. Катков ќе го толкува како револуционерна негација на моралните начела. Тургењев ќе го персонализира во Базаров. А тој, пак, лекарот Базаров, низ негацијата на сите закони, сем оние на природата, ќе ја најде нишката на нихилизмот со шаманскиот мистицизам на Тенгријанизмот од степите на Џингис Кан, длабоко од пазувите на Азија.  

Арсим Зеколи
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Суровоста на Првата Светска Војна како дотогаш невиден масовен колеж меѓу народите на брановите на идеалите од Париската комуна и технолошката иновација на воената машинерија е лабораторијата од која се изродија идеолошките пот-култури на нихилизмот кои ќе го одбележат дваесетиот век, сѐ до денес. Од пазувите на нихилизмот ќе се изроди националсоцијализмот на екстерминацијата, на холокаустот, на супремацизмот на достојните и инфериорноста на излишните. Неговиот пандан, фашизмот, нема да се лимитира на националното, туку ќе посегне ко глобално ништење на демократијата и слободата во име на борбата против комунизмот. Комунизмот ќе понуди левичарска надградба на нихилизмот во име на одбрана од нацизмот и фашизмот преку ништење на слободата, општествен преврат, сатанизација на капиталот и реедукација на народите во име на глобалната револуција кон утопијата. Спрегата на национализмот и социјализмот низ арапскиот свет во име на борба против атавизмот на религијата ќе предизвика нихилистичко читање на Исламот, според истите параметри на христијанскиот фундаментализам од Средниот век. Желбата за профит ќе ги изроди новите иконокласти на банкарството низ зборовите на Гордон Геко дека „алчноста е добра”, а технолошкиот процут ќе обезбеди пристојно безбедна дистанца помеѓу луѓето и хуманоста. Накратко, нашиот вековно оптоварен речник полн со фашизми, нацизми, комунизми, марксизми, фундаментализми, екстремизми, тероризми би требало да биде редуциран на еден единствен термин кој ги има родено и дефинициски сплотено сите полит-изми на денешницата – нихилизмот. 
Војната во Украина е само последователниот, но не и последниот замав на нихилизмот, токму на стогодишнината на неговиот пробив во политички исчашените поимања на светот. Во односот на Русија кон Украина, во заканите на кремљинските пропаганди кон соседите и светот, ќе го препознаете синдромот на омраза кон сите правила, норми и морални начела воспоставени од современиот свет – од атинската агора, Париската комуна, Декларацијата за еманципација до Обединетите Нации. Доколку западниот нихилизам се издигна врз брановите на расниот супремацизам и беше победен од страна на хуманизмот изграден врз темелите на демократијата, науката и христијанскиот реформизам, источната гранка на нихилизмот до ден денешен опстојува врз принципите на мистицизмот, паранормалното, супра-природното и хаосот како контратежна на земскиот поредок изграден од човештвото. И токму војната во Украина го исртува отсуството на автохтони сили во Русија кои можат да извојуваат победа над источната гранка на нихилизмот. Омразата кон демократијата, збегот на науката и корупцијата на христијанството се не само потврда на триумфот на нихилизмот во руската политика и општеството, туку се воедно и потврда дека единствениот начин за ставање крај на нихилизмот е губењето кислород во амбиентот во кој е создаден и цути. 

Сцена од филмот „На Запад ништо ново“ на германскиот режисер Едвард Бергер
Сцена од филмот „На Запад ништо ново“ на германскиот режисер Едвард БергерФотографија: Netflix/Zumapress/picture alliance

Таа реалност на постсоветскиот нихилизам изнедрен од мистицизмот на Распутин и замрзнат за време на комунизмот, е прецизно сублимирана во зборовите на Маргарет Тачер упатени кон Путин како олицетворение на рускиот естаблишмент. „Тие сѐ уште не го ценат човечкиот живот онака како што ние го цениме” беа зборовите на Тачер искажани по трагедијата на подморницата Курск во декември 2000 година. Зборови кои подоцна ќе бидат потврдени низ масовните гробници ширум Украина. Но и зборови кои ќе не потсетат на искуствата од поблиските поднебја, на зборовите на Милошевиќ „не знаеме да работиме, знаеме да војуваме” кои ќе прераснат во масовни злосторства од Вуковар, Сребреница до Рачак. И повторно, генезата на таквиот нихилизам ќе ја најдете во извитопереното свето-савско наглава извртено читање на хуманоста на православието од времето на подемот на нацизмот и од страна на Владиката Велимировиќ и отец Јустин во Србија.  

Учење од грешките  

Нихилизмот не е ексклузивно својство на големите народи, империјални сили или атомски привилегирани нации. Во нивен случај, нихилизмот е само поексплозивен и подеструктивен во национални и глобални рамки. Кај помалите народи нихилизмот е воглавно самодеструктивен и со его-нарцисистички карактеристики диктирани од ограничените капацитети. Во нашиот случај нихилизмот се отсликува низ безгрижноста на моќта за судбината на малиот човек. Такви примери се односот кон масовни трагедии како болницата во Тетово, изгорениот автобус во Бугарија, судбината на пациентите низ болниците, безгрижноста за егзодусот на младите, масовната корупција итн. Современата спин-култура има обезбедено доволно зборови и термини за помеко, похумано интерпретирање на таквите појави. Но да не се лажеме, коренот, сржта и дефиницијата на таквиот однос е само еден и единствен: нихилизам. Отпорноста и неуништивоста на оваа наша, микроскопска верзија на нихилизмот е детерминирана од отпорот на општеството кон расчистувањето со доминатната нихилистичка култура на комунизмот како наследство, стил на живеење и антагонизам кон прогресот. Во тој отпор се препознава нашата сличност по судбините и сличност по културата на живеење со народите доминирани и заглавени во оксиморонскиот преплет и интерпретација на националното и социјалистичкото, пред се со Русија и арапскиот свет. 

Но делото „На Запад ништо ново” на Ерих Марија Ремарк има и свое, помалку познато, продолжение, насловено како „Патот назад”. Не помалку депресивно четиво, навистина. Но за разлика од идеалистичката наивност и воената згрозеност на првото, второто дело е одбележано со гнев и жар за промени. Зборовите на преживеаниот Бојмер ја најавуваат освестеноста и подготвеноста на Европа и на Западот за учење од сопствените грешки и вртење на нов лист во историјата и поимањето на човештвото. Не знам дали тоа дело е преведено кај нас. Можеби е, литературно, но не и образовно. Но зборовите на Ремарк се погодни како формула за предизвикот со кој  - сакале или несакале - ќе мора да се соочиме:

„Постои само една борба. Борба против лагата, полувистините, компромисите, против стариот поредок. Си дозволивме да бидеме заведени од нивните фрази, па наместо да се бориме против нив, се боревме за нив. Мислевме дека тоа е за Иднината. Но беше против Иднината. Нашата иднина е мртва; мртва е за младите кои ја носеа Иднината. Ние сме само преживеаните, рушевините. Но другите се сеуште живи – дебелите, полно-стомачните, само-задоволните, си живеат, подебели и поисполнети, како никогаш досега. А зошто? Затоа што незадоволните, спремните, предводниците загинаа за нив.”

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема