Фудбалот е метафора на животот, ќе каже Сартр. Можеме да отидеме и подалеку, дека фудбалот е мисла која се претвора во акција, во дејствие, интелектуален чин кој не се издава, кој само се навестува во моментот на активно реализирање на една одлука, на еден евидентен потег.
А кој би бил поголем протагонист на постоењето, од можеби Пеле, херојот на мислата преточена во дело, на моралното искушение за кое фудбалот е разиграна парадигма, трагичен и непредвидлив како и кое било друго егзистенцијално прашање, ништо помалку грандиозен и декадентен од параболите на големите политичари и лидери. Повеќе од метафора – фудбалот е живот!
Пеле беше симбол, гордост, водач
Може ли да постои свет без Пеле? Уметник и инстинктивен комуникатор, ослободен од таа аура на проклетство на Марадона, со кој можеби до вечноста ќе се натпреварува околу судот на половина од човештвото: кој е подобар, Пеле или Марадона?! Невозможен одговор, заради различните епохи. Пеле и за мојата генерација е мистичен, крал или бог на еден поинаков фудбал, се уште предалеку од тоа да е светски и глобален. Засекогаш ќе остане во една иста екипа, настрана Њујорк и нивниот Космос, нема никогаш да ја запознае Европа, освен во триумфалните походи со својата репрезентација. Пеле ќе го дрибла животот и фудбалот во една далеку поспора игра, но демонстрирајќи потези и гестови, акции, голови и моменти, кои никој пред тоа не ги видел, а сите потоа ќе ги имитираат или направат свои.
-повеќе од авторот: Во 2023 најпотребен е мирот
Едсон Арантес до Насименто беше симбол, гордост, духовен водач, генијалец, дури и монарх. Кралот Пеле претставува една земја за која фудбалот е дефиницијата на нејзината моќ, за еден Бразил кој хипервентилира за славата преку своите играчи и својата репрезентација. Пеле никогаш не бил гледан како обичен играч, исто како што „А Seleção" никогаш не била обична екипа на играчи, туку војска која секои 4 години е задолжена да ја одбрани националната гордост. Речиси приморани да ја вратат „Златната божица“ во татковината, затоа што Бразилците поседувањето на тој трофеј го чувствуваат како свое родено право. Никој како Пеле, особено не почнувајќи од само 17 години, нема да го освои пехарот „Жил Риме“ три пати, на тој начин трајно доделувајќи и го на Бразил. Пеле е човекот кој името Бразил го има поврзано, втопено со Светското првенство.
Во една огромна земја, џин по својата сопствена природа, која се мачи со фактот дека нема ниту еден Нобеловец, Пеле беше гениј. Фигура која го трансцедентира хероизмот, преоѓајќи во мит. До степен да ја добие титулата „Крал“ во една нација која е гордо републиканска повеќе од 130 години. Но, повеќе од монарх,Пеле беше симбол, гордост, водач, еден вид на татковска фигура која е тука да и се побара совет во тешките моменти. Пеле внесуваше сигурност и доверба кај еден комплексен народ, во постојана борба со самиот себе, заробеник на „синдромот на мелез“. Тоа не е мала работа за земја која постојано осцилира помеѓу еуфоричен оптимизам и атавистички песимизам околу своите способности. Пеле беше инкарнација на еден Бразил кој природно е моќен.
-повеќе од авторот: Македонија е огорчена, но и безнадежна
Фудбалот е бразилскиот „raison d'être", причината за постоење, „manifest destiny“ за нацијата на „вердеорите“. Фудбалот е колективниот дух на нацијата која е во постојана потрага по својот индентитет, историска мисија за земја која би требало да е империја, но која се уште не е способна да елаборира сопствена идеологија, камоли да ги замисли своите идни хоризонти. Оттука, гигантот Бразил и понатаму игра во втората лига на светските сили. Освен кога станува збор за фубалот и стадионите. „Во право си, ние сме најдобрите на светот“, ќе одговори Пеле на новинарско прашање запрашан за репрезентацијата.
Инспирација и за африканскиот континент
Пеле е тој којшто ќе го измисли бразилскиот Бразил. Еден нов начин на постоење за земјата која дотогаш се афирмираше пред светот како татковина на самбата, боса новата, плажите и Амазонија. Благодарение на Пеле Бразил ќе стане и нешто друго. Со своите спортски успеси и турбулентниот приватен живот, успеа да ја инкарнира душата на Бразил.
Роден како сиромашен и припадник на црната раса, во село на крајот на светот, во една земја каде робовласништвото ќе биде укинато само шеесет години порано, неговата судбина ќе делува како веќе напишана. Ќе одбере да ја предизвика судбината, и од терените каде играше бос или со чорапи полни хартија, ќе заигра за Сантос, најпрестижниот клуб на тоа време. Ќе стане шампион во секое поле, спортски работник и функционер, телевизиски коментатор, министер за спорт, светски идол, победнички симбол на оптимистичкиот Бразил, кој ќе започне да расте со двоцифрени бројки и бурно да се трансформира.
Ако белците доминираа со општеството и економијата на Бразил, Пеле докажа дека црнците можат да дадат уште поголем придонес за славата на земјата. Благодарение на него, социјалната и расната борба ќе добијат свое борбено поле: фудбалскиот терен. Пример за сите сиромашни Бразилци излезени од фавелите или џунглата, кои следејќи ги неговите чекори ќе ја создадат „земјата на фудбалот“. Без Кралот, измешаниот, комплексен и контрадикторен Бразил, ќе беше само уште една Аргентина.
-повеќе од авторот: Коруптивно-шпионски скандал во срцето на Европа
Кога ќе заигра во Нигерија во 1969 година, за време на африканската турнеја, Пеле ќе успее да ја прекине војната во Бијафра. Нешто во што нема да успеат ниту папата, ниту Обединетите нации. Пеле ќе се претвори во инспирација и за африканскиот континент, демонстрирајќи индивидуална мека моќ, некогаш посилна и од онаа на цели држави. Кога Енди Ворхол ќе го фотографира, ќе каже дека неговата слава нема да трае 15 минути, туку 15 века. Пеле се однесуваше како да е свесен дека не е од овој свет, зборувајќи за себе во трето лице, како носител на еден мистичен ентитет, кој ќе го надживее спортистот од терените. Како средновековните кралеви, кои биле носители на едно физичко и смртно тело и едно политичко тело непроменливо во времето, Пеле ќе се ослободи од Едсон Арантес до Насименто и ќе стане сад исполнет со колективни утопии. Еден вид на точка на спојување за универзалите вредности во свет исполнет со конфликти и непријателства. Ретко која личност ќе ужива толкав степен на едногласност како Пеле.
Бразилците и Пеле
За Бразилците нивниот однос со Пеле е нешто сличен како оној на Британците со кралицата Елизабета Втора. Критикувана за своите маани, сакана за нејзината посветеност, почитувана за тоа што го претставува: единството на земјата. Истото важи и за Пеле. Ако фигурата на кралицата ја запре шкотската сецесија и го гарантираше интегритетот на Обединетото Кралство, тогаш кралот Пеле го обедини Бразил, дури и во моментите на најголемите општествени тензии. Како за време на воената хунта, која честопати ги користеше успесите на Пеле со цел да го обедини јавното мислење и да го освои политичкиот консензус. Светската титула од 1970-та, е моментот на максимална популарност на режимот, но падот на режимот ќе започне со следната едиција на Светското првенство, кога Пеле ќе одбие на настапува во знак на протест против режимот и репресијата.
И овие денови кога Бразил е повеќе поделен од кога било порано, кога владее екстремна политичка поларизација и кога октомвриските избори наликуваа на увертира за граѓанска војна, заминувањето на Пеле повторно ја обедини земјата. Комеморацијата и погребот на Пеле се претворија во симбол на обединетост и гордост за земјата.
-повеќе од авторот: Нормализација на корупцијата
Церемонијата каде беше изложено телото на Кралот, на стадионот на Сантос, потсетуваше на еден вид на краткотрајна балсамација, која не стана трајна како во случаите на големите политички личности, од Ленин и Сталин до Линколн или Евита Перон. Можеби затоа што фигурата на Пеле и неговата боженственост беше врзана за неговото смртно и природно тело, додека неговото политичко тело се уште нема директен наследник или некој кој би го заменил завземајќи го неговото место.
Сепак, неговото заминување преку ритуалот на изложување на телото ни кажува повторно дека фудбалот е како животот, но е опколен и со сакрален ореол: фигурата на Пеле е онаа на светец. Од друга страна, Пеле е погребан затоа што невидливото тело на Едсон Арантес до Насименто, односно светата икона и легендата на човекот ќе продолжи да живее преку визуелната меморија: преку снимките од неговите утакмици и неговите голови. Нешто што е далеку поефикасно од сеќавањата и фотографиите. Постоењето на телевизијата, а подоцна и интернетот, го продолжуваат невидливото тело на Пеле во едно место надвор од просторот и времето.
Светото не е исчезнато од современиот свет и како што еднаш ќе напише Пазолини: Фудбалот е последната света претстава на нашето време! Едсон Арантес до Насименто беше смртник, но не и Пеле. Ќе остане жив и за генерациите кои директно ги нема допрено. Поради таа негова способност да ги разбуди чувствата на луѓето од секоја нација, земја и екипа за која навиваат, најверојатно историјата ќе го слави како најголемиот играч на сите времиња.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.