Пелоси: „САД секогаш ќе стојат на страната на Тајван“
3 август 2022Претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси за време на нејзината посета на Тајван ја потенцираше поддршката од САД за земјата . Таа и нејзината делегација допатувале во Тајван „за да биде апсолутно јасно дека нема да се откажеме од нашата посветеност кон Тајван“, рече Пелоси на средбата со тајванската претседателка Цаи Инг-вен во главниот град Тајпеј. „Посетата е и сигнал за тоа дека сме горди на нашето трајно пријателство“, истакна американската поллитичарка дополнувајќи дека САД секогаш ќе стојат на страната на Тајван.
Осврнувајќи се индирактно на заканите на комунистичкото раководство на Пекинг против Тајван, Пелоси рече: „Повеќе од кога било претходно, американската солидарност е клучна“. Тоа е пораката од посетата на делегацијата на Конгресот. Поддршката на САД за Тајван не познава партиски граници. „Денес светот се соочува со избор меѓу демократијата и автократијата“, рече Пелоси, пофалувајќи ја островската република како „едно од најслободните општества во светот“.
Цаи: Тајван држи „линија на одбрана на демократијата“
Цаи од своја страна нагласи дека Тајван нема да отстапи пред кинеските закани. Ситуацијата во Тајванскиот теснец има импликации за безбедноста во азиско-пацифичкиот регион. Во услови на „зголемени воени закани, Тајван нема да отстапи“, рече претседателката. Тајван ќе ја држи „линијата на одбрана на демократијата“, рече Цаи истакнувајќи дека е доверлив партнер на СоАД и ќе продолжи да ја промовира соработката во областа на безбедноста, економскиот развој и синџирите на снабдување.
Пелоси во вторникот допатува во Тајван на контроверзна посета. Политичарката од Демократската партија на претседателот Џо Бајден е највисокиот американски функционер кој го посетил Тајван во последните 25 години. Пред тајванскиот парламент, Пелоси исто така нагласи дека новото американско законодавство за зајакнување на сопствената индустрија за чипови наспроти Кина нуди и „поголема можност за економска соработка меѓу САД и Тајван“.
Како реакција на посетата на Пелоси, кинеската војска започна маневри со стрелачки вежби со боева муниција во шест морски области околу Тајван. Маневрите се сметаат за најголемо „покажување на воени мускули“ по ракетната криза во 1995 година, кога Кина истрела заплашувачки проектили над Тајван, а САД распоредија два носачи на авиони во регионот.