Пендаровски: Корупцијата стана секојдневие, начин на живот
6 декември 2023Претседателот Стево Пендаровскиденеска (6.12) од Скопје порача дека кога земјата ќе продолжи со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции.
„Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас“, порача Пендаровски на отворањето на дводневниот Отворен Форум за антикорупција организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Тоа го потврдува и амбасадорот Давид Гир кој вели дека владеето на правото и борбата против корупцијата се многу важни за државата на патот кон ЕУ. Според него, државата не забележува прогрес во овој процес, за кој се потребни длабоки структурни промени во сите институции, но и политичка волја.
Северна Македонија деновиве во Брисел го заокружува скрининг процесот кој започна пред 15 месеци, по што следуваат патоказите, кои се обврска која произлегува од Преговарачката рамка и се услов за отворање на првиот кластер во преговорите со ЕУ. Станува збор за патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.
Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери. Во овој период од 15 месеци и скоро 100 работни денови во Брисел, беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции и приближно 1.000 учесници.
Најголем проблем
Посочувајќи дека како држава пред 20 години ја ратификувавме Конвенцијата против корупција на Обединетите Нации, Пендаровски вели дека и по две децении од Конвенцијата, дури 63% од македонските граѓани сметаат дека корупцијата е најголем проблем во земјата.
„Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот. Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на ЕУ. Индексот за владеење на правото, пак,нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области. Дури половина од истрагите што Европската служба за борба против измами – ОЛАФ ги отвори за земјите од Западниот Балкан, се поврзани со злоупотреби на европските фондови во Македонија“, вели претседателот.
Најновото истражување на МЦМС покажува дека корупцијата претставува најголем проблем во државата, на секој трети граѓанин му било побарано мито, додека секој четврти дал, што не одговора на состојата со справување со корупцијата. „Во судскиот систем каде што имаме 98 случаи на пресуди за злоупотреба на служебна должност и само четири за давање или примање поткуп“, вели Александар Кржаловски, директор на МЦМС.
Причини и последици
Во зависност од локалниот контекст, причините за оваа состојба најчесто се бара во недостатокот на политичка волја, во системски или законски празнини, во долгогодишната блокада на европските интеграции и во културата на неказнивост.
„Оние кои корумпираат успеваат да ја избегнат одговорноста со помош на неколку тактики, од негирање на корупцијата, преку минимизирање на нејзините ефекти, одвлекување на вниманието на јавноста од проблемот, па се до дискредитирање на критичарите или замолкнување на свиркачите“, вели Пендаровски. Низ годините, заклучува тој, корупцијата стана секојдневие, начин на живот, во кој, огромен сегмент од општеството верува дека без мито, непотизам, кронизам и клиентелизам не може да напредува.
Една третина од граѓаните изјавуваат дека биле изложени на коруптивен притисок, а дури една четвртина од нив, посегнуваат или по паричникот или по телефонот за да дадат мито или да побараат врски, посочува претседателот.
Широк антикоруптивен фронт
Според Пендаровски, легислативата треба да биде целосно усогласена со европското законодавство. „За да се излезе на крај и со најкреативните обиди за измами, мора да учиме од најдобрите европски и светски антикоруптивни практики. Не треба да ги мериме намерите, туку резултатите на антикорупцијата. Добрата легислатива не вреди ако не се имплементира и ако не важи подеднакво за сите“, вели претседателот, кој повикува на создавање на широк антикоруптивен фронт.
За да биде ефективна, антикорупцијата не смее да се сведе на процедура во надлежност на неколку институции, туку мора да прерасне во потфат кој ќе добива поддршка од целото општество. При тоа е неспорно дека борбата против корупцијата е пред се задача на секоја институција, за секоја од гранките на власта, и за владејачката коалиција и за опозицијата, на централно и на локално ниво, дециден е претседателот кој упати порака дека корупцијата не смее да се толерира.
Во борбата против корупцијата тој гледа два клучни сојузника - ЕУ и младите кои во секое општество се клучни за каква било општествена трансформација.
Црната листа се шири - на потег домашните институции
Пораките на Пендаровски следат еден ден откако САД го ставија на црната листа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција и го означи како генерално неподобен за влез во САД. Американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер, порача дека ќе следуваат повеќе назначувања, но дека останува на функционерите и граѓаните да побараат одговорност.
Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење, Славица Грковска вели дека главната обврска е секогаш на домашните институции, но оти секоја меѓународна помош е добредојдена. Таа напомена дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД.
„Тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Грковска на маргините на Отворен форум за антикорупција.
Претходно на црната листа се најдоа и експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.