Израелската армија призна тешка грешка
3 април 2024Израелската армија го опиша убиството на седуммина хуманитарни работници од американската хуманитарна организација World Central Kitchen (ВЦК) во воздушен напад во Појасот Газа како „сериозна грешка“. Нападот не беше извршен со намера да им наштети на ВЦК-работниците. Тоа беше грешка што следеше по погрешна идентификација ноќта, за време на војна под многу сложени услови“, рече началникот на израелскиот генералштаб Херци Халеви во видео порака објавена на онлајн сервисот X. „Тоа не смееше да се случи.“
Независна комисија ќе спроведе темелна истрага, која треба да заврши во наредните денови. Според ВЦК, во напад на нејзин конвој во понеделникот (1.04) загинале седуммина хуманитарни работници. Меѓу жртвите има луѓе од Австралија, Полска и Велика Британија, еден Палестинец и еден хуманитарен работник со американско-канадско државјанство. Инцидентот се случил кога конвојот од три возила излегувал од складиште во Деир ал-Балах, во центарот на Појасот Газа.
Херцог му се извини на основачот на хуманитарната организација
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборуваше за трагичен инцидент во кој израелската војска ненамерно погодила невини луѓе во Појасот Газа. Израелскиот претседател Ицак Херцог претходно во телефонски разговор му се извини на основачот на ВЦК, Хозе Андрес. „Претседателот ја потврди посветеноста на Израел за испорака и зголемување на хуманитарната помош за населението во Газа“, напиша Херцог на платформата X. Тој, исто така, му се заблагодари на Андрес за ангажманот на неговата организација за помош на Израелците и Палестинците. Славниот готвач, роден во Шпанија, ја основа хуманитарната организација во 2010 година, по разорниот земјотрес на Хаити. Оттогаш, организацијата обезбедува оброци за луѓето во области погодени од катастрофа низ целиот свет. Според израелската армија, ВЦК била и една од првите невладини организации кои помогнале во Израел по масакрот на Хамас на 7 октомври минатата година.
ОН: „Неизбежен резултат“ од војувањето
Обединетите нации упатија сериозни обвинувања против Израел. Инцидентот беше „неизбежен резултат на начинот на кој оваа војна моментално се води“, рече портпаролот на ОН, Стефан Дужарик. Тој притоа укажа на бројките на ОН, според кои во Газа досега се убиени повеќе од 180 хуманитарни работници. Смртта на хуманитарците на ВЦК покажува „непочитување на меѓународното хуманитарно право и непочитување на заштитата на хуманитарните работници“ што законот всушност го пропишува, објасни Дужарик.
Координаторката на ОН за хуманитарна помош во Појасот Газа, Зигрид Кааг, се сретна со тимот на ВЦК во Рафах, на југот од Појасот Газа во понеделникот - само неколку часа пред да загинат хуманитарните работници. Кааг е огорчена поради нападот, објасни Дужарик.
Остра критика од Бајден
Повеќе земји, вклучително и Германија, изразија шокираност и повикаа на брзо разјаснување на инцидентот. Американскиот претседател Џо Бајден исто така остро го критикуваше Израел, обвинувајќи ја земјата дека не прави доволно за да ги заштити таквите хуманитарни работници. „Инциденти како вчера едноставно не треба да се случуваат“, рече Бајден. „Израел, исто така, не направи доволно за да ги заштити цивилите.“ Белата куќа очекува Израел по прелиминарната истрага на инцидентот брзо да спроведе подетална истрага. „Се надеваме дека резултатите ќе бидат јавно објавени и дека одговорните ќе одговараат“, изјави Џон Кирби, директор за комуникации на Советот за национална безбедност на САД. Американската влада, како што се вели, ваквата позиција „многу јасно““ му ја ставила до знаење и на Израел.
Други хуманитарни групи го прекинаа ангажманот во Газа
Во меѓувреме, други хуманитарни организации ги прекинаа своите активности во Појасот Газа. Групата Анера го објави „чекорот без преседан“ за прекин на своите хуманитарни операции. Анера е партнерска организација на ВЦК. Проектот Хоуп, група основана од САД, фокусирана на медицинска помош, исто така соопшти дека ја прекинува својата работа во Појасот Газа. Меѓународниот медицински корпус, кој во Рафах управува со една од најголемите теренски болници со 140 кревети, исто така најави дека „ќе ги преиспита процедурите“. Меѓу другото, ќе бидат преиспитани и плановите за изградба на уште една теренска болница во Деир ал-Балах.
Според извештаите на медиумите, смртта на хуманитарците на ВЦК суштински го доведува во прашање натамошното снабдување на луѓето во воената зона. „Сега сите се чувствуваат загрозени“, го цитира „Њујорк Тајмс“ Мајкл Капони, основач на хуманитарната организација Глобална мисија за зајакнување. Меѓународната заедница на невладини организации мора да добие „гаранција дека сме безбедни во нашата работа, која што е толку важна.“
По нападот беше привремено прекината и испораката на помош со брод. Бродовите со помош испратени во Појасот Газа се вратија на Кипар. Министерството за надворешни работи на Кипар соопшти дека на бродовите има околу 240 тони помош, која не е дистрибуирана.