Странски хуманитарци убиени во израелски напад во Газа
2 април 2024Хуманитарната организација Централна светска кујна соопшти дека во израелски воздушен напад се убиени седум нејзини работници. На нејзината веб страница стои дека убиените потекнуваат од Австралија, Полска, Велика Британија и палестинските области, еден од убиените имал двојно државјанство на Канада и САД.
На филмски снимки од болницата Ал-Акса во Деир ал-Балах се гледаат пет тела, повеќе од нив носат заштитни елеци со логото на хуманитарната организација Централна светска кујна.
Израелската армија ноќеска на Телеграм напиша дека на највисоко ниво е започната темелна истрага за разјаснување на трагичниот инцидент.
Автомобилот на жртвите бил погоден откако хуманитарците помагале во делењето на хуманитарната помош во северниот дел на Појасот Газа, само неколку часа претходно пристигната со брод од Кипар, изјавил Махмуд Табет, работник на палестинската Црвена полумесечина за агенцијата АП.
Бродовите кои пристигнаа од Кипар во понеделникот во Појасот Газа донесоа околу 400 тони прехранбени производи и друга хуманитарна помош организирана од Обединетите Арапски Емирати и добротворната организација Централна светска кујна, чиј основач е познатиот готвач Хозе Андрес.
Андрес ноќеска на платформата Х напиша дека организацијата во напад на израелската армија загубила повеќе свои соработници, изразувајќи огромно жалење и сочувство до нивните роднини и пријатели. Андрес упати повик до израелската влада итно да запре со убивањето. „Мора да престане да ја ограничува хуманитарната помош, да престане со убивањето цивили и помагачи и да прекине храната да ја користи како оружје."
Израел не и` дозволува испорака и делење на хуманитарна помош на УНРВА, најважната организација на ОН во Појасот Газа во северниот дел. Другите хуманитарни организации сметаат за премногу ризично да испраќаат конвои со хуманитарна помош во северниот дел од Појасот Газа.Светската централна кујна е невладина организација со која израелската војска досега соработувала дел од она што го направила оваа организација е токму носење храна во Газа преку морето. Организацијата во изминатиот месец поделила повеќе од 42 милиони оброци храна во Појасот Газа, каде што 2,2 милиони луѓе немаат доволно храна.