1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнаа штрајковите на железницата и аеродромите во Германија

ЕМФ | агенции
7 март 2024

Машиновозачите во Германија повторно штрајкуваат, а погодени се и патничкиот и товарниот железнички сообраќај. Штрајкува и копнениот персонал на Луфтханза, како и обезбедувањето на неколку аеродроми.

https://p.dw.com/p/4dFaM
штрајк
Бран штрајкови во ГерманијаФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Рано изутринава (7.03) започна новиот штрајк на машиновозачите на германската железница. Од 2 часот по полноќ има „голем прекин“ на целиот сообраќај, изјави портпаролката на Германската железница (ДБ), Ања Брокер. Сепак, таа додава дека почнал да се реализира основниот возен ред за сообраќај на долги и кратки релации. „Сосема непотребниот штрајк на ГДЛ влијае на плановите на милиони патници“, рече Брокер. Железницата им нуди на патниците „многу ограничена понуда“ и ги советува патниците да се информираат за нивните релации многу пред да тргнат на пат.

Синдикатот на машиновозачите ГДЛ повика на 35-часовен штрајк. Тој треба да трае до петок во 13 часот. Потоа треба да се очекуваат штрајкови во бранови. За разлика од порано, ГДЛ веќе не сака да ги најавува штрајковите 48 часа однапред.

Синдикатот ги повика своите членови на штрајк поради неуспехот во колективните договарања со Германската железница, кои се вртат околу повисоки плати, но и подобри услови за работа. Основното барање на ГДЛ е постепено воведување на 35-часовна недела до 2028 година со целосен надоместок за плата.

аеродром
Се штрајкува и на повеќе аеродромиФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Штрајкови на аеродромите

Денеска и утре штрајкува и копнениот персонал на Луфтханза. Според Луфтханза, од штрајкот се погодени повеќе од 200.000 патници. Компанијата соопшти дека може да се понудат само десет до 20 отсто од планираните летови. Во тековниот спор околу платите, веќе имаше два предупредувачки штрајкови, од кои секој го парализираше патничкиот сообраќај околу еден ден.

Денеска во штрајк е и персоналот за обезбедување на аеродромите Франкфурт, Хамбург и Диселдорф. Поради штрајкот, во Хамбург и Франкфурт не се можни полетувања на авионите, но можно е делумно пристигнување на патниците со задоцнувања.