Полемики околу „Северна“ во предизборната трка
2 мај 2024Уставните измени, Преговарачката рамка со ЕУ и употребата на името Северна Македонија и понатаму се главни теми и во предизборните дебати на кандидатите за претседател, но и во партиските препукувања во пресрет на двојните избори на 8 мај. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска вели дека ќе го почитува, но нема да го употребува уставното име Северна Македонија. Ваков став таа изнесе на дебата со противкандидатот од СДСМ, Стево Пендаровски на дуелот кој се одржа на ТВ Телма.
Но, какви би биле последиците од непочитувањето на Договорот од Преспа? Пендаровски вели дека тоа би можело да повлече нота од Грција, блокада и исфрлање на земјата од НАТО.
„Ќе го почитува, но нема да го употребува“
Сиљановска, која што е во двојна предност пред Пендаровски, по првиот круг на претседателските избори коишто се одржаа на 24 април, како шеф на државата вели дека го употребува името Македонија и дека на тој начин не прави конфузија. Но, децидна е дека нема да ги тргне таблите со Северна Македонија од пред институциите и пред меѓународните конференции или во билатералните средби.
„Далеку од тоа. Јас говорам за себе. Правото на самоопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам Северна, ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско – Северна Македонија нека стои пред мене. Меѓутоа јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено“, рече Сиљановска-Давкова во дуелот на ТВ Телма кој се одржа во средата (01.05).
Нота, блокада, исфрлање од НАТО
Пендаровски возврати дека е невозможно да не го употребува уставното име од говорницата во Обединетите нации, во ЕУ, НАТО и други меѓународни институции и дека тоа ќе доведе до исфрлање на државата од Алијансата.
„Кога сте претседател, вие имате право на личен став, да кажувате 'вечна Македонија', 'Македонија засекогаш', каква сакате Македонија кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Невозможно е да бидете на говорница во ОН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Совет на Европа. Вие како експерт можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат, Грција ќе прати прво нота, или некој друг некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму и исфрлање од НАТО како организација, каде што одвај влеговме и кој ни е многу значаен. Впрочем, и противкандидатката тоа го пишува во нејзината програма“, рече Пендаровски.
Кандидатите за претседател ги кажаа различните ставови и за уставните измении за тоа дали преговорите со ЕУ се почнати или не. Според Пендаровски тие почнале со одржувањето на првата меѓувладина конференција и дека не оди едно без друго Преговарачката рамка и промената на Уставот.
„Највисокиот политички орган во Европската Унија, Советот на ЕУ, вели дека ова е политичкиот предуслов – промената на Устав, а рамката е понатаму по што вие ќе одите конкретно кластер по кластер. Значи, не може да стои тезата – ние не сме против европската Преговарачка рамка, ама сме против промената на Уставот“, истакна Пендаровски.
Сиљановска-Давкова го праша Пендаровски како може да ветува промена на Уставот кога тоа не е негова надлежност, туку него може да го сменат само гласовите на пратениците во Собранието. „Како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ“, вели професорката која е во трка за највисоката функција на Водно.
„Секој договор не е вечен“
На прашањето која би била нејзината порака при прва средба со претседателот на Бугарија и со претставниците на Унијата, одговори дека ќе ги потсети на Преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство, дека секој договор не е вечен и може да се смени и дека во Договорот „нема ниту еден збор за уставните измени“.
„Суштината е да ги заштитите правата на малцинствата. Кај нас се заштитени. Во Бугарија нема никаква заштита, бидејќи нема ниту еден член, а Бугарија е потписник и на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и на Конвенцијата за регионални и малцински јазици, но не ја ратификувала. Значи, има контрадикција меѓу Договорот за пријателство кој е дел од Преговарачката рамка“, додаде Сиљановска-Давкова.
Пендаровски во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот посочи дека е услов што треба да се помине за да продолжат преговорите кои се блокирани поради ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тврдам дека овој услов не ја растура, не ја ништи Република Македонија, како што не ги ништи Македонците кои зборуваат македонски јазик, значи целокупниот наш македонски код е зачуван. Од мноштвото бугарски барања кои атакуваа директно на македонскиот идентитет од пред три години и во писмена форма испратени до највисоките претставници во Брисел преку нивниот амбасадор, ние дојдовме само до ова последново барање - Бугарите во Уставот, што е огромен чекор напред, бидејќи сите други атаци беа од Бугарија кон нашиот идентитет како Македонци кои зборуваат македонски јазик и беше одбиено и од Европа не само од нас“, истакна Пендаровски.
Кој прв ќе го употреби името Северна?
На ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател, реагираше и министерката за одбрана, од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска. Таа вели дека од ДПМНЕ-овското „Никогаш Северна, само Македонија", Мицковски го избришал името Македонија во статутот на партијата чиј претседател е.
„Дафина Стојановска и пратеничката група на ДПМНЕ поддржаа и гласаа ЗА користење на името Северна Македонија во Армијата. Александар Николовски изјави дека не биле талибанци па да прават проблеми околу името, а нивната кандидатка за претседател, која патем ги изгуби потписите од граѓаните некаде по пат, изјави дека нема да се противат ако други нѐ нарекуваат Северна, тие ќе ќутат и ќе слушаат. Патриотизмот на ДПМНЕ пука по шавови....“, вели Петровска.
Таа порачува дека времето отчукува, па прашање е само кој ќе биде прв што ќе го употреби името Северна и колку брзо. „Дали ќе правите нешто 'округло, па на ќоше' како за амнестијата на Хашките случаи?“, прашува Петровска.
Реторика на која се печалат гласови
Во предизборната реторика на кандидатите за претседател изминатиов период провејуваа ветувања за укинување на меѓународните договори со Грција и со Бугарија, ревизија на Охридскиот рамковен договор, излегување од НАТО, но и менување на стратешките цели на земјата. Додека едни нудат продолжување во зацртаниот европски пат кој води преку усвојување на уставните измени од договорот со Бугарија, други ветуваат преиспитување или непочитување на договорите коишто се однесуваат на уставното име на земјата.
Професорката по политички науки, Мирјана Малеска во разговор за ДВ неодамна оцени дека не ја изненадува ваквата реторика во предизборието. „На анти-НАТО и анти-западна реторика се 'печалат' гласови на избори. Тоа го покажаа сите избори од почетокот до сега - националистичката реторика е најблиску до срцата на граѓаните и не е чудно. Тоа се емотивни работи на кои секој граѓанин реагира, но ако се образложат одлуките еден дел од населението ќе разбере и дека некои работи мора да се направат за да се движи државата напред. Но, тој број не е голем“, вели Малеска.
Меѓутоа реториката која што е леплива за уши и задира во клучните договори со соседите, според Малеска, може да предизвика голема криза во земјата.