1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка пензија или пресврт на Ѓукановиќ?

Радомир Крачковиќ
1 април 2023

В недела, во вториот круг на претседателски избори во Црна Гора, граѓаните избираат меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ. Двајцата најавуваат победа, но Ѓукановиќ прв пат е аутсајдер.

https://p.dw.com/p/4PaFu
Црна Гора, Јаков Милатовиќ, Мило Ѓукановиќ
Двајца кандидати на претседателскиџте избори во Црна Гора, Јаков Милатовиќ и Мило Ѓукановиќ Фотографија: Filip Filipovic/Getty Images; Petr David Josek/picture alliance/AP

Црна Гора в недела (02.04.2023) избира претседател во вториот круг, во кој ривали се актуелниот шеф на државата од опозициската Демократска партија на социјалисти (ДПС), Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ од вонпарламентарното, но растечко Движење „Европа сега“, кое за кратко време стана најсилно меѓу партиите кои на парламентарните избори во 2020 година ја сменија ДПС од власта.

Ѓукановиќ во првиот круг освои преку 35 % од гласовите,  а Милатовиќ речиси 29 %. Но, на Милатовиќ во вториот круг поддршка му пружија претседателските кандидати на Демократскиот фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Демократот Алекса Бечиќ, кои беа трет и четврти, а заедно добија 30 % гласови. Тоа би била јасна предност од 70.000 гласови за Милатовиќ.

Ѓукановиќ пак има поддршка од Социјалдемократската партија, чија кандидатка Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ беше петта со освоени околу 3 %. Ѓукановиќ порачува дека смета на „резервоар на поддршка од најмалку 40.000 гласови“ меѓу избирачите од дијаспората и во малцинските средини, каде во првиот круг имаше најмала излезност. Но, сепак прв пат на изборниот ден излегува како аутсајдер.

Милатовиќ фаворит, но не е готово

Директорката на невладината организација Центар за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), Милена Бешиќ за ДВ вели дека двајцата кандидати можат да очекуваат зголемен број гласови во вториот круг, но колку, зависи од повеќе фактори.

„Конечниот исход е сепак неизвесен, но според проста математика, Милатовиќ има предност“, вели Бешиќ.

И новинарот на неделникот „Монитор“, Предраг Николиќ смета дека математиката покажува значајна предност на Милатовиќ.

„Неизвесноста е поврзана со горчливите искуства од минатото кога Ѓукановиќ со разни малверзации, наизглед загубените изборни ’битки’ успеваше да ги пресврти во свој триумф“, вели Николиќ за ДВ.

Мило Ѓукановиќ, Црна Гора
Изборен плакат на Мило Ѓукановиќ: во изборната трка сепак влегува како аутсајдерФотографија: Radomir Krackovic/DW

Прашањето за дијаспората

Ѓукановиќ изјави дека смета и на дел од избирачите кои не излегоа во првиот круг. Патуваше во Германија за да разговара со претставници на дијаспората, која веќе стигна во одреден број. Од собраниското мнозинство и владата пак тврдат дека Ѓукановиќ ја злоупотребува дијаспората, дека нема да дојдат повеќе од неколку илјади луѓе, а дел ќе дадат поддршка на Милатовиќ.

Николиќ смета дека не е логично дека Ѓукановиќ, кој за три децении на власт направи таков амбиент на сиромаштво, може да смета на дијаспората.

„Но, во изборниот процес се форсираат страсти и ирационалности од типот дека Ѓукановиќ наводно е гарант на одбраната на Црна Гора. Малку е веројатно во Црна Гора да дојдат 40.000 гласачи од странство, зашто Ѓукановиќ има пари, но нема веќе институционална моќ за како некогаш да успее да доведе толку гласачи“, верува Николиќ.

И Бешиќ смета дека ДПС како опозиција нема таква предност која ја користеше за мотивација на граѓани од дијаспората.

„Мислам дека е реално меѓутоа припадниците на малцинските народи и овој пат да го поддржат Ѓукановиќ“, вели таа.

Не толку за Милатовиќ, колку против Ѓукановиќ

На прашањето дали е реално да се очекува масовна поддршка за Милатовиќ од избирачите на ДФ и Демократите, со оглед што за два месеци во Црна Гора се одржуваат и вонредни парламентарни избори, Николиќ вели дека мнозинството гласачи од останатите партии името на Милатовиќ ќе го заокружат не зашто е сјаен избор за претседател, туку заради можноста по повеќе од три децении да се детронизира конечно Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ и пред вториот круг повторува дека во следниот мандат ќе ја внесе Црна Гора во ЕУ, а порача дека Милатовиќ е „резервен кандидат на српскиот, односно рускиот свет, односно на Белград и Москва и Српската православна црква.“ 

Митрополијата на црногорско-приморската СПЦ, најголемата црква во земјата, ги повика гласачите да излезат и да гласаат против Ѓукановиќ.

Милатовиќ најавува дека доаѓа „крај на мрачното доба на Ѓукановиќ и дека ќе следи време на напредок“, повторувајќи дека Ѓукановиќ е човек на минатото и ќе го испрати во политичка пензија. Популарноста на новото движење се темели на ветување за зголемување на минималната и на просечна плата во Црна Гора од 1000 евра.

Јаков Милатовиќ  Црна Гора
Јаков Милатовиќ ветува нова ера за Црна ГораФотографија: Radomir Krackovic/DW

И Ѓукановиќ вели дека е за натамошно зголемување на платите, но не преку задолжувања, туку со реален економски раст, што според него е клучна разлика во однос на неговите конкуренти.

Тест за парламентарните избори

Претседателските избори се важни и како тест за популарноста пред вонредните парламентарни избори, кои Ѓукановиќ ги распиша за 11 јуни.

Бешиќ смета дека евентуална победа на Ѓукановиќ би значела јакнење на поддршката на ДПС за тие избори.

„Во случај на победа на Милатовиќ, тоа ќе значи забрзан раст на поддршката на ’Европа сега’ и нејзината парламентарна перспектива и коалициски капацитети“, смета Бешиќ.

Николиќ порачува дека во случај на победа на Ѓукановиќ, би се отворила лажна надеж за враќање на власт на ДПС.

„Таа надеж би била залажување, зашто ДПС се` повеќе ја губи довербата на бирачите. Победа на Милатовиќ би довела до поголем пад на ДПС на изборите“, вели Николиќ.

Бешиќ смета дека овие избори се важни, зашто одлучуваат дали во наредниот период ќе постои кохабитација на власта или одреден политички склад меѓу претседателот и мнозинството кое ќе се формира по парламентарните избори.

За Николиќ, овие избори се важни поради шансата „граѓаните да стават точка на едно долготрајно владеење и да означат крај на епохата на Ѓукановиќ.“

„Со тоа прв пат во оваа држава ’владетелот’ би бил променет демократски, на избори. Ако Ѓукановиќ изгуби, нема веќе да биде проблем за граѓаните на Црна Гора како што беше во континуитет три децении“, тврди Николиќ.

Ѓукановиќ уште пред првиот круг избори најави дека ДПС ќе добие нов претседател оваа година, што би значело негово дефинитивно повлекување од лидерската партиска позиција.

Бешиќ вели дека внатрешнопартиски промени во ДПС се очекуваа и по поразот во 2020 година, па тоа не се случи.

„Она што дефинитивно би било здраво за таа партија е навистина да се случат промени, но суштински“, заклучува Бешиќ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи