1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Повеќе работа за барателите на азил во Германија

АРД
2 ноември 2023

Германската влада смета дека барателите на азил треба во иднина да наоѓаат работа побрзо и поедноставно. Какво е важечкото право и што треба да се промени во иднина?

https://p.dw.com/p/4YJsf
Бегалци во германската покраина Долна Саксонија
Бегалци во германската покраина Долна СаксонијаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Бегалците во Германија, според актуелната законска регулатива, смеат да работат најрано по три месеци престој во земјата - во многу случаи важат многу подолги рокови. Со оглед на многуте слободни работни места во германската економија и со цел подобро интегрирање, сојузната влада сака да ги олабави забраните. Владата со тоа се надева на поголема стапка на вработеност на барателите на азил. Тоа треба да ги растовари и градовите и општините во однос на социјалните услуги. Соодветните измени на законот владиниот кабинет ги одобри вчера (1.11). Олеснувањата за вработување се дел од миграцискиот пакет, кој го договорија лидерите на Социјалдемократите, Зелените и Либералите пред три недели. Првиот дел министерката за внатрешни работи Ненси Фезер го претстави во кабинетот уште минатата недела. Притоа се работеше за измени во законот кои овозможуваат побрзо протерување на лицата на кои им е одбиено барањето за азил.

Што предвидуваат измените?

Во основа се работи за три измени. Прво, барателите на азил во првичните прифатилишта ќе може да работат веќе по шест наместо девет месеци. Втората измена се однесува на толерираниот престој кој одбиените баратели на азил може да го добијат во случај да работат, или да се во фаза на образување. Од таквата регулатива треба да профитираат странци кои се дојдени во Германија до 31 декември 2022 година. Досега тоа беше 31. август 2018 година. Трето, службите за странци во иднина по правило треба да даваат дозволи за работа за баратели на азил со толериран престој, додека досега одлучувањето беше дискреционо право на институцијата.

бегалци пари
Владата се надева на поголема стапка на вработеност на барателите на азилФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Што важеше досега?

Во првите три месеци бегалците имаа забрана за работа - без разлика каков им е статусот. Лицата од т.н. безбедни матични земји генерално не смеат да работат во Германија. Тоа се држави за кои се претпоставува дека нема прогон во смисла на правото за азил. За нивните граѓани има забрзани постапки за азил и протерување. Актуелно има осум безбедни матични земји: Албанија, БиХ, Гана, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Сенегал и Србија. Накоро и Молдавија и Грузија ќе се најдат на таа листа.

Како можат бегалците да работат според актуелната регулатива?

По три месеци престој во Германија, баратели на азил може да започнат со работа ако не се обврзани да живеат во првично прифатилиште. Под вакви услови може да работат и лицата со толериран престој, односно оние кои всушност би требало да ја напуштат државата, но од хуманитарни причини или заради безбедносната состојба во нивната земја не може да бидат протерани.

Толерираните лица немаат немаат право на дозвола за работа, тоа е дискреционо право на одлучување на властите. Толерираните лица чијшто идентитет не е разјаснет, по правило не смее да работат. По шест месеци барателите на азил со малолетни деца може да започнат со работа, дури и ако живеат во групни прифатилишта. По девет месеци смеат да работат и баратели на азил кои немаат малолетни деца - дури и ако и натаму живеат во прифатилишта.

бегалци Долна Саксонија
Во првите три месеци бегалците имаа забрана за работа - без разлика каков им е статусотФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Кој тип на дејности се дозволени?

Заедно со службите за странци, Сојузната агенција за вработување ги проверува условите за вработувања. Бегалци не смеат да бидат вработувани под полоши услови од домашни лица со слични квалификации. Од август 2019 година, според информации на Сојузната агенција, на сојузно ниво веќе не се спроведува т.н. проверка на предност, односно проверка дали за истата работна позиција има кандидат Германец или граѓанин на ЕУ. Дел од бегалците до денес не успеваат да работат во струката за која биле обучени во матичната земја затоа што често признавањето на дипломите трае долго, или барањето им се одбива.

Колку дозволи за работа се издадени досега?

Во првите шест месеци од годинава околу 35 илјади од толерираните лица имале дозвола за работа, од кои 3.100 биле издадени во првото полугодие. Во 237 случаи барањето за дозвола за работа било одбиено. Тоа произлегува од статистика на сојузната влада како одговор на прашања од страна на пратеничката Клара Бингер од Левицата. Меѓу барателите на азил до 30 јуни имало 21.000 лица со дозволи за работа, од кои околу 9 илјади биле издадени во првото полугодие. 563 барања биле одбиени.

Каква е регулативата за престој за лица што работат?

Новиот предлог закон во поглед на толерирање на вработувањата, покрај промената на датумот од кој се опфатени лицата со новите правила, содржи и други олеснувања, како тоа дека наместо 18 месеци како досега, во иднина ќе бидат доволни 12 месеци работа со платени придонеси и работно време од само 20 часа неделно наместо 35 како досега. Други пречки остануваат на сила, како на пример тоа дека трошоците за живот мора да бидат обезбедени во целост од сопствени сили. Толерирањето на вршење дејност досега го искористиле мал број лица - кон средината на годинава тоа биле 3.382 лица, вклучително и членови на семејството.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема