Пресметка кај судскиот ОК-корал
27 април 2023Кој би поверувал дека токму Судскиот совет на РСМ ќе ни организира „најсоодветен“ начин за да нѐ потсети на една тажна и анархична македонска епизода, врзана за денешниот датум 27-ми април 2017 година? Ова тело, со најмалку 20 важни надлежности, меѓу кои да избира и разрешува судии и претседатели на судови и да ја следи и оценува работата на судиите, вчера ни приреди исклучително срамна претстава, во која законот, деловникот и процедурите беа сведени на чергиче за бришење на калта од обувките на оние кои решиле да не работат според словото на законот, туку според налогот кој покрива нечии други цели и интереси.
Нема друго објаснување зошто се случи таква „постапка“ за разрешување на претседателката на Судскиот совет,Весна Дамева, на еден каубојски начин, налик на „пресметката кај ОК коралот“, а во тело кое треба да ја рефлектира својата и достојноста на судиите, чија работа ја следи и оценува.
Во некој од јавните коментари за срамниот чин, беше посочено дека претседателката на вакво тело била разрешена како претседателка на куќен совет. Вистината е - дека ни претседател на куќен совет денес не се разрешува без елементарна процедура.
Не само што вчера во Судскиот совет (СС) е извршен пуч, туку на беззаконието му е удрен и нов „печат“ со соопштението објавено на веб-страницата на Судскиот совет. Во него се најавува 439-та ИТНА седница закажана за 27.04.2023 година во 11 часот, со две точки на дневниот ред: „Избор на Претседател на Судскиот совет на РСМ“ и „разно“.
Со каков легитмитет ќе се бира нов претседател, ако има нелигитимна смена на сегашниот? На ова мора да одговори заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој вчера прв ја „запали прачката“, а би требало да знае што работи. Неговиот мандат во СС почна на 5-ти октомври 2013 година, а реизбран е на 12-ти декември 2019 година. Со оглед дека годинава ќе одбележи 10-годишен јубилеј во Судскиот совет, очекувано е да ги познава постапката, условите и основите за разрешување на претседател на Судскиот совет. Истото се очекува и од оние кои дадоа поддршка на вчерашната волунтаристичка постапка.
Тешко кој ќе поверува дека главната причина за вчерашната срамна претстава се наводно „нарушени меѓучовечки односи“, кои пак до вчера ги немало, или „зошто писмото од амбасадорката Агелер не им било дадено веднаш да го прочитаат“?
Но лебди во воздухот сомневањето дека овој маневар е резултат на нарачка за заштита на апелационен судија, за кого има иницијатива за одговорност, бидејќи девет месеци држел во фиока предмет од висок профил.
Одговорите на овие прашања не смее да бидат заметени под тепих. Бидејќи, тоа се и дел од причините поради кои се стигнува до вакви состојби. Лани во ноември, тогашната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, ама откако седум члена ја спречија во намерата да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители. По оставката се пожали дека по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел - да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од судската-бизнис елита. Ни претходно, ни тогаш, ни до ден денешен не кажа ни еден збор за судската-бизнис елита.
Секој кој поставува јавни ребуси, без да и даде на јавноста јасни одговори, нѐ придонесува за јакнење на довербата во правосудството. Напротив, само ги засилува тврдењата за подземно влечење на конците во судството, а не дава никаков личен придонес во раскринкување на такви појави или обиди. Значи, двојно дно.
Затоа, прва работа мора да биде барањето одговорност за незаконското постапување на членови на СС, кои вчера на таков начин ја „разрешија“ претседателката. Еднаш мора да се рачисти дали мастермајндот на вчерашниот преврат бил збир од случајни персонални неодговорности, или тие биле употребени како лост(ови) за реализирање на надворешно замешателство од политички и лукративни мотиви.
„Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Јас навистина не знам ова како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако успеат во ова“, рече вчера Дамева.
И таа, и јавноста мора да знаат како ова ќе заврши. А нема друг пат, освен законски уредена постапка во која ќе се утврди одговорноста за вчерашната каубојштина.
И на крај, во иднина кога ќе се избираат членови во СС, ќе мора да се прекине со праксата стручни соработници или раководители од политички кабинети да бидат предлагани за членови во СС, бидејќи со тоа во старт им се доделува легитимациска картичка за стручна инфериорност во однос на оние за кои имаат надлежност на одлучуваат - избор на судии или за одговорност на судии, односно за „лебот“ кој никогаш не го јаделе. Бидејќи, таквите кадри секогаш ќе бидат на удар на застапниците на тезата - ако политиката ги испилила, политиката може и да ги разрешува. Вчера видовме една показна вежба за тоа.