1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаСоединети Американски Држави

Одисеј“: Прва комерцијална мисија на Месечината

ЖА
23 февруари 2024

Половина век по последните летови на Аполо, слетувањето на приватна вселенска сонда на Месечина е историски успех. НАСА се надева дека „Одисеј“ ќе успее да пронајде вода.

https://p.dw.com/p/4cn5N
Ликување во САД по слетувањето на сондата „Одисеј“ на Месечината
Ликување во САД по слетувањето на сондата „Одисеј“ на МесечинатаФотографија: Intuitive Machines/AP Photo/picture alliance

Прв пат комерцијална сонда на американско приватно претпријатие слета на Месечината. Безекипажната сонда „Одисеј’ во четвртокот стигна на површината на земјиниот сателит и оттаму испрати сигнал, како што соопшти претставник на тексашката фирма „Интиутив машинс“ за време на преносот во живо. Ова е прво американско слетување на Месечината по крајот на програмата Аполо од пред  повеќе од 50 години.

Првично беше меѓутоа нејасно дали сондата е целосно во функција, со оглед што не слетала точно според планираната позиција.

„Добредојдовте на месечината“, изјави основачот на компанијата Стив Алтемус кога конечно беше потврдено слетувањето во 17:23 часот, по околу 10 минути без контакт од „Одисеј“.

Шестаголната сонда се наоѓа во кратер близу  јужниот пол на Месечината,  каде треба да изврши меѓу останатото мерења на температурата и на радијацијата, како и испитување на почвата. Целта се испитувања кои ќе придонесат оптимирање за идните вселенски мисии на Месечината со човечки екипаж.

„Одисеј“ пред една недела беше лансиран преку СпејсИкс носечка ракета од американската лансирна рампа за вселенски летови Кејп Канаверал во Флорида.

Минатиот месец американската фирма „Астророботик“ доживеа неуспех со слична мисија. Нејзиното вселенско летало со мисија кон Месечината мораше да се самоуништи уште пред да влезе во орбитата на земјиниот сателит поради проблеми со истекување на горивото.

НАСА поддржува летови на Месечината од приватни компании со цел подоцна да ги користи за карго летови. Со нивна помош, таа сака да ја подготви Месечината како попатна станица за идните летови со екипаж до Марс.

Досега само САД, Советскиот Сојуз,  Кина,   Индија и  Јапонија успеале да слетаат на Месечината. Приватна компанија досега не успеала во ваков потфат.