1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Путин „отворен за дијалог“ во врска со централата Запорожје

ЕМФ | агенции
12 октомври 2022

Рускиот претседател Владимир Путин на средбата со шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, се покажал како „отворен за дијалог“ во врска со безбедноста на атомската централа Запорожје.

https://p.dw.com/p/4I41z
Рафаел Гроси (л.) и Владимир Путин (д.) на средба во Санкт Петербург (11.10.2022)
Рафаел Гроси (л.) и Владимир Путин (д.) на средба во Санкт Петербург (11.10.2022)Фотографија: Pavel Bednyakov/Pool/TASS/dpa/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин изразил подготвеност да се вклучи во дијалог во конфликтот околу украинската нуклеарна централа Запорожје. Шефот на Кремљ на средбата со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, која се одржа во Санкт Петербург и беше пренесувана на руската државна телевизија, рече дека е „отворен за дијалог“ со МААЕ за нуклеарната централа Запорожје. Нуклеарната централаво јужна Украина е под контрола на руските трупи од март. „Ќе разговараме радо за сите прашања од заеднички интерес или прашања кои даваат повод за загриженост, на пример ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје“, рече Путин.

Гроси го повтори барањето за „заштитна зона“

Пред средбата Гроси го повтори своето барање за „заштитна зона“ околу нуклеарната централа. Мора да се направи сѐ „за да се избегне нуклеарна несреќа“, се вели во соопштението на МААЕ. Гроси нагласи дека ситуацијата станува „сѐ поопасна“ со оглед на честите напади“. „Не можеме да си дозволиме да губиме повеќе време“, изјави Гроси.

Москва и Киев веќе неколку месеци се обвинуваат меѓусебно дека се одговорни за нападите околу и врз нуклеарната централа. Најголемата нуклеарна централа во Европа е недалеку од фронтот. Пред неколку дена Путин со декрет ја стави нуклеарната централа под руска управа. МААЕ го осуди овој чекор и ја опиша централата како украинска.

Киев: Русија киднапираше вработен во атомската централа

Во меѓувреме, Киев ја обвини Москва за киднапирање на уште еден вработен во нуклеарната центрача. На почетокот на октомври беше уапсен директорот на нуклеарната централа Ихор Мурашов. Тој беше задржан повеќе од два дена пред да биде ослободен.

Москва и Киев веќе неколку месеци се обвинуваат меѓусебно дека се одговорни за нападите околу и врз нуклеарната централа Запорожје
Москва и Киев веќе неколку месеци се обвинуваат меѓусебно дека се одговорни за нападите околу и врз нуклеарната централа ЗапорожјеФотографија: Stringer/AFP/Getty Images

Во понеделникот, како што се вели од украински извори, „руските терористи“ го киднапираа заменик генералниот директор за човечки ресурси, Валери Мартинјук. Тој е однесен на „непозната локација“ и веројатно измачуван, соопшти украинската компанија која управува со централата, Енергоатом. Според Енергоатом, Русија се обидува да добие информации за персоналните досиеја на вработените во електраната со цел да ги принуди украинските вработени што е можно поскоро да работат за рускиот оператор Росатом.

Гроси неделава сака да се сретне и со Зеленски

Украинската државна компанија Енергоатом го повика шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, на средбата со Путин да се заложи за ослободување на Мартинјук.

Според наводи на МААЕ, Гроси, по средбата со Путин, „во текот на неделава“ во Киев за нуклеарната централа Запорожје треба да разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.