1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расплетот за Онишченко со нов заплет

24 ноември 2022

Дали Украинецот со лажни податоци или со лажни исправи стигнал до македонско државјанство?

https://p.dw.com/p/4Jyt6
Македонската влада го иницираше барањето за одземање на пасошот на Онишченко
Македонската влада го иницираше барањето за одземање на пасошот на ОнишченкоФотографија: Petr Stojanovski

„Владата ја информира јавноста дека согласно со членот 14 од Законот за државјанство на Република Северна Македонија, побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Александр Онишченко. Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на којашто Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот“.

Според ова кусо владино соопштение објавено синоќа, произлегува дека Онишченко дал лажни податоци или исправи кога поднел барање за добивање македонско државјанство. На тоа укажува членот 14 на кој се повикува Владата, а гласи: „Решението за прием во државјанство на РСМ може да се поништи по врачувањето, ако се утврди дека странецот при поднесување на барањето за прием на државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Македонската влада одржа седница на коха АНБ информираше за случајот Онишченко
Македонската влада одржа седница на коха АНБ информираше за случајот ОнишченкоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Првиот филтер

Доколку е утврдено дека барателот на државјанство дал лажни податоци или исправи, тоа укажува дека уште при првичната проверка бил направен пропуст. Според член 8 од Законот за АНБ, Агенцијата е надлежна да врши безбедносни проверки за лица во постапката за прием во државјанство на РСМ. За таа цел може да врши разговор со лицето за кое се врши проверката, да врши разговор со други лица, да користи податоци од службени евиденции кои ги водат државни органи и институции, да презема мерки за тајно собирање податоци и да врши полиграфско тестирање, со писмена согласност на лицето.

Ова е стартната фаза и прв филтер, кој им претходи на другите, како што е размена на податоци и информации со странски безбедносно-разузнавачки служби, што пак претходно беше посочено како „алката" во која е направен пропустот. Така минатата недела објасни директорот на АНБ, Виктор Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор врз работата на АНБ и АР.

„Кога влеговме да анализираме, констатиравме дека ова ниво што требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, но потпишало дека не постои безбедносен ризик без да го направи последниот чекор, односно консултација со партнерите во рамките на НАТО“, изјави Димовски.

Директорот на АНБ, Виктор Димовски најави дека ќе се проверува дали пропустите  во случајот Онишченко биле случајни, со намера или од лукративни причини.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски најави дека ќе се проверува дали пропустите во случајот Онишченко биле случајни, со намера или од лукративни причини.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој најави дека ќе се проверува дали пропустите биле случајни, со намера или од лукративни причини. Кошаркарот Игор Пенов, во кусата изјава за „Слободен печат" минатата недела не сакал да објасни како дошло до тоа неговата домашна адреса да биде заведена и како адреса на Онишченко.

„Нема што да зборуваме на оваа тема. Немам што да кажам. Што мислиш ти, како е слетан тој тука?“, одговорил тој.

Допрва ќе се утврдува како е „слетан“ меѓу македонските државјани, но и дали е тоа единствениот случај кој може да фрли дамка врз работа на АНБ и угледот на РСМ како членка на НАТО.

Од голема важност соработката меѓу членките на НАТО

Токму пред два дена, премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер, но не одговори дали на средбата било разговарано и за „случајот Онишченко“. Во владиното соопштение беше наведено дека се разговарало пред сѐ за воената агресија на Русија во Украина, за натамошното влијание на овие случувања врз глобалната енергетска состојба и прехранбената индустрија, како и за безбедносната, политичката, економската и енергетската состојба во државава, во контекст на војната во Украина.

„На состанокот беше посочено дека соработката меѓу земјите-членки на НАТО е од исклучителна важност за безбедноста, како на Алијансата, така и на регионот и на Северна Македонија како НАТО членка. Премиерот Ковачевски и помошникот-генерален секретар Катлер, на средбата разговараа за справувањето со хибридните закани, што е еден од главните приоритети на НАТО, посочувајќи дека Алијансата мора ефикасно да се бори против ваквите закани. На состанокот премиерот Ковачевски и помошникот-генерален секретар Катлер изразија взаемна благодарност за соработката на Северна Македонија со НАТО, особено во делот на добивање навремени информации и соработката со македонските безбедносни служби“, беше наведено во соопштението.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски  оствари средба со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер, но не одговори дали на средбата било разговарано и за „случајот Онишченко“
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оствари средба со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер, но не одговори дали на средбата било разговарано и за „случајот Онишченко“Фотографија: Government of North Macedonia

Владата дала позитивно мислење за барањето на Онишченко на 49 -тата седница одржана на 31-ви мај годинава, но тогаш АНБ воопшто не се спомнува во точката 44 која се однесува на овој случај, туку само Агенцијата за млади и спорт.

„Владата го разгледа Барањето на Олександр Онишченко, за прием во државјанство на Република Северна Македонија, согласно член 11 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија и утврди позитивно мислење по Барањето, имајќи го предвид позитивното Мислење на Агенцијата за млади и спорт“, се вели во записникот од седницата.