Расте поддршката во ЕУ за Тајван
5 август 2022Во Брисел е очигледно дека никој не сака да долева масло на огнот кога е во прашање Тајван. Првиот човек на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, молчи, а изјавата на портпаролот на Европската комисија за патувањето на претседателката на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во Тајпеј останува прилично општа. Тензиите со Кина би требало да се решаваат со „дијалог“, но каналите за комуникација би морале да останат отворени за да се избегнат „погрешни проценки“, сметаат во Брисел. „Во интерес на ЕУ е да се одржи мир и статус кво во Тајванскиот теснец.“
Истовремено, Комисијата потсети дека, иако го признава начелото на политика на единствена Кина и Пекинг како легитимна влада на Кина, исто така, сака да ги продолжи „пријателските односи и блиската соработка со Тајван“. Меѓутоа, овој дипломатски консензус Кина веќе некое време сѐ повеќе го доведува во прашање.
„Тука нема лесен пат напред“, вели за ДВ Жужа Ференчи, професорка на универзитетот Донг Хва во Тајван и поранешна политичка советничка во Европскиот парламент. Политиката на ЕУ кон Тајван, вели, првенствено ја одредуваат државите членки и засега не може да се очекуваат некои големи исчекори. Но, во рамки на променетиот став кон Кина - ЕУ сега земјата ја опишува како „системски соперник“ - и погледот на Тајван станува сѐ понезависен.
„Конфликт на начела“
Ференчи од институциите во Брисел очекува да ги преиспитаат своите ставови. „Тие сега на Индо-Пацификот гледаат на поинаков начин.“
Новата кинеска стратегија, која досега постоеше само на хартија, сѐ повеќе, вели, ќе се исполнува со политички ставови, а и неограничената поддршка од кинеската влада за руската војна во Украина тука, исто така, игра важна улога.
Досега за контактите со Тајпеј пред сѐ се залагаше Европскиот парламент (ЕП), нагласува Феречи. Многу од пратениците се наклонети кон зајакнување на односите, исто како и цела низа источноевропски земји, како Литванија, која предводи со отворање на канцеларија за врски во Тајпеј.
Рајнхолд Битикофер, пратеник во Европскиот парламент и стручњак за надворешна политика од партијата на Зелените, е еден од најострите критичари на досегашната политика на ЕУ кон Кина, која беше одредена со економски интереси. Во интервју за весникот Зиддојче цајтунг тој вели дека постои „конфликт на начела“, бидејќи кинеската Комунистичка партија во последните години користи шовинистичка карта со цел Тајван да се приклучи кон Народната Република, доколку е потребно и против нивна волја.
ЕУ и „опасната кинеска политика“
На прашањето за важноста на ЕУ во овој конфликт, Битикофер признава дека таа нема воена улога во регионот и оти така ќе остане и во иднина. Но, економски и политички, ЕУ секако претставува „извесен фактор“. „Тоа би требало да се користи за да се одврати Кина од многу опасен курс.“
Во средината на јули, потпретседателката на ЕП, Никола Бер, досега најрангиран посетител на Тајван од ЕУ, нагласи дека земјата заслужува целосно внимание од ЕУ и оти таа не смее да стане геополитичка слепа точка. „Напротив, Европа мора да ги насочи своите рефлектори кон оваа млада демократија.“
Станува збор, вели Бер, за јасна порака до Пекинг. „Кинеските закани не поминуваат незабележано во Европа и тие се неприфатливи. Европа беше премногу бавна со Хонгког, а Русија ја изненади. Таква политичка наивност не смее да ни се повтори.“ Кина го загрозува мирот во регионот, но секоја унилатерална промена на статусот кво би бил фателен двигател на регионален пожар кој би можел да се прошири низ светот, смета претседателката на ЕП.
Магазинот Политико го илустрира поостриот став на ЕУ за можна агресија на Кина со изјавата на новиот амбасадор на ЕУ во Кина, Хорхе Толедо. „Во случај на воена инвазија, многу јасно ставивме до знаење дека ЕУ, заедно со САД и со сојузниците, ќе наметне слични или поостри мерки од оние кои ги воведовме против Русија.“
Тоа е јасно предупредување дека Западот е единствен во ставот оти на евентуална кинеска воена акција против Тајван ќе реагира со многу опсежни економски санкции кои фактички би воделе кон целосно запирање на меѓусебната трговија.