1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реките и затнатите канали поплавија десетици домови

ДТЗ
23 август 2022

Поради излевање на реките, како и несовесна градба и отпад во каналите, поплавени се поголем број куќи во Лажани, каде беше евакуирано населението. Невремето предизвика проблеми и во Тетово, Виница, Скопско

https://p.dw.com/p/4FuJc
Северна Македонија поплави
Обилните дождови предизвикаа поплави и предизвикаа големи штети во повеќе градови во Северна МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Обилните дождови синоќа предизвикаа поплави и предизвикаа големи штети во повеќе градови во Северна Македонија. Најдраматична е ситуацијата во селото Лажани, општина Долнени каде се поплавени 50 куќи, поради жителите итно беа евакуирани. Граѓаните се обидуваат да санираат и дел од штетите од поројниот дожд во Долнени, Тетово и Виница, но веќе за попладневните часови во повеќе места се најавува ново невреме, кое носи опасност од нови поплави. 

Зголемен водостој

Зголемениот водостој на реките и запушените канали повторно предизвикаа проблеми во повеќе региони. Нивото на реката Вардар кај Јегуновце, кај Железнички мост Скопје и кај Демир Капија е зголемено во однос на просекот за август, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи. Зголемувања на водостоите се измерени и на Брегалница кај Берово и кај Штип, на Бабуна кај Богомила  и на реката Струмица кај Сушево. 

Излевањето на Саждевска река предизвика поплава во село Лажани, каде се поплавени 50 куќи, откако пороен дожд вечерва го зафати Пелагонискиот регион. „Причина е излевање на реката, која поради невремето, како и несовесната градба и отпад, поплави поголем број на куќи“, рече градоначалникот на општина Долнени, Урим Ибески за МИА.

Екипи на Центарот за управување со кризи, противпожарни возила, како и граѓани со трактори им помагаа на екипите за санирање на штетите од невремето.  Од ЦУК посочуваат дека се работи за долниот дел од селото, каде поминува терцијалниот канал кој од низа причини бил стеснет од ф-1000 на ф-100 и ф-200. Се работи за дел каде се приватни станбени куќи заради можност да се премости влезот над каналот.

Во Лажани струјата беше исклучена и дел од жителите на селото беа евакуирани. Жителите на Лажани информираат дека веќе состојбата се нормализира. 

Санирање на штетите

Се работи на отстранување и на штетите во општините Виница, Долнени и Тетово. Во Виница се поплавени над 60 објекти и таму речиси е завршено испумпување на водата од станбените објекти. Се работи на инфраструктурата во урбаното подрачје на градот и во текот на денот се очекува се да биде завршено доколку нема нови врнежи на дожд.

„Градоначалникот известува за почеток на пријава на штети во службите на Општина Виница, како и брзо интервенирање на Комисијата за процена на штети и најавен е и состанок на Општинскиот кризен штаб. Екипа на ЈП „Солидарност“ Виница со едно возило и три лица се на терен за санирање на затнати водотеци на реките и шахтите, како и чистење на наноси од улиците. Пријавена е и интервенција на поединци со сопствени пумпи за санирање на поплавени подруми“, соопшти ЦУК.

Обилни врнежи на дожд синоќа имаше и во урбаниот дел на Тетово и во Мала Речица. Од ЦУК информираат дека биле евакуирани десетина луѓе, кои се сместени на безбедни места се додека не се испумпа водата од нивните објекти. Во селото Џерма, од силниот порој од водата од планинскиот дел е уништен ѕид од една куќа, а некои автомобили се блокирани. Жителите бараат надлежните органи што поскоро да преземат мерки.

Скопјани по невремето на 112 пријавиле оштетени фасади, откорнати олуци и откорнат лимен покрив од зграда. 
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема