Роковите течат - се „крчка“ експертска група за Уставот
7 април 2023Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ ги повика политичките партии да предложат свои претставници во работната група која ќе ги подготвува амандманите за уставни измени. Рокот истекува на 10 април, а досега само претседателот Стево Пендаровски јавно го соопшти својот адут. Додека останатите партии сѐ уште калкулираат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби учество во работната група, а поддршката за уставните измени ја услови со прифаќање на хрватскиот модел и повика на лидерска средба.
„Учествувајте, не се плашете“
Маричиќ не гледа причина која било партија да одбие учество во процесот. „Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко најдобро решение и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа“, изјави денеска (7.04) Маричиќ на заедничката прес-конференција со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ.
На тој начин, вицепремиерот смета дека ќе се демистификува процесот, повеќе отколку ако се задржи на ниво на дневни изјави и политички препукувања. „Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме“, вели тој.
Кој ќе учествува во работната група?
Секретаријатот за европски прашања (СЕП) в понеделник ќе го обелодени својот претставник во работната група. „СЕП ќе земе активно учество во таа група, сè уште немаме дефинирано кој ќе нè претставува, но најдоцна во понеделник ќе испратиме допис до Министерството за правда со кој ќе номинираме лице. Секако ќе биде лице со искуство и лице кое долго работи по тие прашања и може да даде придонес во работната група“, најави Маричиќ.
Министерството за правда неодамна испрати допис до институциите и партиите да номинираат свои експерти. Претседателот Стево Пендаровски во четвртокот (6.04) информираше дека професорот од Правен факултет, Александар Спасов, ќе биде негов претставник во работната група за уставните измени, која треба да се формира идната недела.
Консензус па работна група
Како можни кандидати кои би ги подготвувале уставните измени, во јавноста се споменуваа имињата на академик Владо Камбовски, професорките Рената Десковска и Беса Арифи, судијката Маргарита Цаца Николовска, како и професорот во пензија Светомир Шкариќ. Но, дел од нив сметаат дека е нелогично да се работи на уставни измени за кои сѐ уште нема консензус меѓу партиите.
„Јас не знам што би работела таа експертска група. Ќе расправа и ќе испраќа предлози. До кого? Целата работа е наопаку поставена. За уставни измени треба прво да има политички консензус, согласност од парламентарните партии дека треба да се случат, во ситуацијава, за внесување на нови заедници во Преамбулата. Откако ќе се изгласа тој консензус, претседателот ја свикува собраниската Комисија за уставни прашања и таа почнува да заседава и да работи. Таму треба да стигнуваат предлозите. Ако на членовите на Комисијата им е потребна помош, тогаш тие одлучуваат да повикаат експерти“, вели Камбовски за сдк.мк.
Вон оваа постапка, и да се формира експертска група, вели Камбовски, без консензус на Собранието за уставни измени за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Преамбулата, сите предлози ќе изгорат.