Росарио: Родниот град на Лионел Меси во „вонредна состојба“
16 декември 2022Едноставната сива куќа во улицата „Лавалеја 400“ одамна стана одредиште на бројни симпатизери на Лионел Меси и туристи. Пред 35 години, овде, во индустрискиот град Росарио, три часа возење оддалечен од престолнината Буенос Аирес, е роден познатиот фудбалски професионалец. „Од друга галаксија, но од мојот кварт“, напишаа граѓаните овде на еден ѕид.
Пред финалето на Светското фудбалско првенство во Катар, во кое се среќаваат репрезентациите на Аргентина и Франција, во квартот „Лас Херас“ врие: телевизиски тимови од Кина и Јапонија, туристи од Колумбија, Мексико и Франција.
Во чест на Меси
Соседот Карлос (65) влегува во својата куќа за да донесе фотографии „од тогаш“. На нив се гледа младиот Лионел Меси вечерта кога со своите другари го славел збогувањето со Росарио. На фотографиите е и семејството на Меси. Следниот ден фудбалерот отпатувал за Барселона, за таму прво да почне во младинската школа на Барса, а потоа и светска кариера.
„Знаевме дека има голем талент. Но, кој мислеше дека момчето кое со децата играше на градскиот фудбалски терен, еднаш ќе стане најдобриот светски фудбалер“, раскажува Карлос. Жителите на квартот го следат Мундијалот со голема гордост.
Градскиот стадион на аголот, на кој Меси играјќи со своите другари ги давал првите голови, одамна е култно место. Уметници на ѕидовите насликале сцени од животот на Меси. На задната страна од неговата родна куќа пак Меси е овековечен во наддимензионален портрет, под кој стои едно: „Благодариме“.
Пред финалниот меч на СП, во цел град се чувствува напнато исчекување. Сите во Росарио се надеваат овојпат да се стигне до титулата. Официјалните дресови со бројот 10 се распродадени, но затоа трговците на црно прават огромен профит со евтини копии. „Луѓето се во ’вонредна состојба’. Сите сакаат пред финалето да се облечат во национални бои," вели продавачката Марта.
Конечно добри вести од Росарио
За градот, меѓународниот интерес за Лионел Меси е вистински благослов. Росарио последен пат стигна во ударните наслови во медиумите поради растечко насилство и нарко криминал, стапката на убиства растеше, надбискупот повика на молитви и мировни маршеви. Но, сега конечно има позитивни вести. По своевремено загубеното финале против Германија (0:1), Аргентинците мораа долго да чекаат втора шанса. Сега конечно треба да успее и Меси да ја круниса својата кариера.
Во новиот спортски музеј во Росарио, кој е главен град на провинцијата Санта Фе, е поставена фотографија на Ангел Ди Мариа и Лионел Меси, двајцата фудбалери со голема заслуга за освојување на првата победа во Копа Америка по 1993 година, постигната токму против традиционалниот ривал Бразил.
Музејот потсетува колкаво значење има Росарио за аргентинскиот фудбал. Тука е роден и актуелниот национален тренер Лионел Скалони, исто како и легендарниот тренер од 1978 година, Цезар Луис Меноти. Листата на познати личности родени во Росарио ја дополнува и аргентинскиот револуционер Че Гевара.
Најпознатиот градски син
Но, никој од нив не е толку сеприсутен во градот како Меси. Ѕидот на училиштето каде учел го краси мурал со негов лик, на прозорците во куќите виси неговиот дрес, сите деца во градските фудбалски школи носат дрес со број 10.
Сограѓаните го обожуваат поради вонредните фудбалски квалитети, но и поради тоа што негува тесни врски со родниот град. Таму Меси редовно ги поминува Божиќните празници, заедно со фамилијата и пријателите.
„Цел град му држи стиснати палци на Меси. Тој го заслужува тоа, зашто и покрај светската слава, остана со двете нозе на земја, никогаш не произведува скандали. Тој е едноставно добро момче“, вели некогашниот сосед Карлос.