Заврши љубовта на Лионел Меси и Барселона
5 август 2021Прославениот аргентински напаѓач Лионел Меси си заминува од клубот каде ја мина речиси целата кариера. Фудбалскиот клуб Барселона вечерва соопшти дека нема можност да потпише нов договор со легендарниот фудбалер и покрај тие што беа договорени сите детали.
„И покрај тоа што ФК Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и имаше јасна намера од двете страни денеска да се потпише договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки (Правилата на шпанската фудбалска лига“, соопшти ФК Барселона.
„Како резултат на оваа ситуација, Меси нема да остане во ФК Барселона. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот нема да бидат исполнети“.
„ФК Барселона со цело срце му изразува благодарност на играчот за неговиот придонес во возвишувањето на клубот и му посакува се најдобро во иднина во неговиот личен и професионален живот“, се наведува во соопштението.
Меси беше слободен да преговара со други клубови откако му истече договорот на крајот на јуни, но од Барселона постојано тврдеа дека ќе сторат се за да го задржат. 34-годишниот напаѓач требаше да потпише нов петгодишен договор.
Меси и се приклучи на академијата на ФК Барселона на возраст од 13 години, и во меѓувреме стана најдобар стрелец (672) и играч со најмногу настапи (778) во историјата на клубот.