Русија ја обвинува Украина за обид за убиство на Путин
3 мај 2023Руските власти ја обвинија Украина за обид за напад на Кремљ со две беспилотни летала во текот на ноќта, со цел да се убие претседателот Владимир Путин. Кремљ го осуди наводниот обид за напад како „терористички чин“ и рече дека руските воени и безбедносни сили ги „оневозможиле“ беспилотните летала пред да го извршат нападот. Тие не изнесоа повеќе детали.
Во соопштението на веб-страницата на Кремљ се вели дека остатоци од беспилотно возило паднале кај резиденцијата на Путин, но не е предизвикана никаква штета. Во изјавата се додава дека не се пријавени жртви.
На видео објавено во текот на ноќта на Телеграм, се гледа нешто што наликува на чад што се издига над Кремљ. Според коментарот на објавеното видео, жителите на станбена зграда во близината пријавиле дека слушнале тресок и виделе чад како се издига. околу 2:30 часот по локално време.
Странските агенции наведуваат дека е невозможно да се добие потврда за објавената снимка.
Киев негира
Киев категорично негираше вмешаност во нападот. „Ние не го нападнавме го Кремљ затоа што, пред сè, не решава ниту еден воен проблем. Апсолутно. И ова е крајно неповолно од гледна точка на подготовка на нашите офанзивни мерки“, изјави советникот на претседателот на Украина, Михаило Подољак.
„И што е најважно, тоа ќе и овозможи на Русија да оправда масовни напади врз украинските градови, врз цивилното население, на инфраструктурни објекти. Зошто ни треба ова?“, рече Подолјак.
Кремљ не презентираше никаков доказ за да ги поткрепи своите тврдења, вклучувајќи го и тврдењето за обид за атентат во пресрет на подготовките на Русија да го одбележи 9 Мај - Денот на победата.
„Овие акции ги сметаме за планиран терористички акт и обид да се посегне по животот на претседателот на Русија, во пресрет на Денот на победата и парадата на 9 мај, каде што се очекуваат да дојдат високи гости од странство“, се вели во соопштението на Кремљ.
Русија го задржува правото да одговори „кога и каде што смета дека е соодветно“. се вели во соопштението.
Путин не бил во резиденцијата
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за руската државна новинска агенција РИА Новости дека Путин во тоа време не бил во Кремљ и работел од резиденцијата Ново-Огариово. Кремљ додаде дека Путин е безбеден и неговиот распоред е непроменет.
Песков рече дека парадата ќе се одржи според планираното на 9 мај. Непосредно пред да биде објавена веста за наводниот напад, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин издаде забрана за користење дронови во руската престолнина, со исклучок за дронови лансирани од властите.
Собјанин не наведе причина за забраната, туку само рече дека тоа ќе спречи „незаконско користење на дронови кои можат да ја попречат работата на силите за спроведување на законот“.
Пратеникот кој го претставува Крим во Москва, Михаил Шеремет, изјави за руски државни медиуми дека Кремљ треба да нареди ракетен напад на резиденцијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, како одмазда за наводниот инцидент во средата.